Палестинците се враќаат на северот од Газа, Израел соопшти дека примирјето стапи на сила

илустрација

Жителите на северниот и западниот дел од градот Газа останаа затечени откако израелските сили се повлекоа од неколку населби, откривајќи невиден обем на уништување по неколкунеделното силно бомбардирање.

За прв пат по неколку недели, луѓето влегоа во областите Шеик Радван, ал-Карама и бегалскиот камп Бич, каде што наидоа на цели станбени блокови срамнети со земја, стотици уништени домови и голем дел од инфраструктурата.

Видеата што кружат на социјалните медиуми покажуваат жители како шетаат низ урнатините и го разгледуваат она што останало од нивните домови.

Израелската армија објави дека договорот за прекин на огнот стапил на сила и дека војниците се повлекле на линиите за распоредување договорени претходно.

Видете и ова: Израел и Хамас ја потпишаа првата фаза од мировниот договор за Газа

Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека војниците „почнале да се позиционираат по ажурираните линии за распоредување“ од пладне по локално време.

„Војниците на ИДФ во Јужната команда се распоредени во областа и ќе продолжат да отстрануваат каква било непосредна закана“, се вели во соопштението.

Израелските одбранбени сили моментално контролира 53 проценти од Појасот Газа - повеќето од овие области се надвор од урбаните средини.

Повлекувањето на израелската армија е еден од чекорите на договорот за прекин на огнот во Појасот Газа, кој содржи 20 точки и е инициран од претседателот на Соединетите Држави, Доналд Трамп, и кој налага непречено снабдување со хуманитарна помош за населението и разоружување на палестинското движење Хамас, кое САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација.

Порано во петокот, израелската влада ратификуваше договор за прекин на огнот и размена на заложници, отворајќи го патот за 24-часовен прекин на непријателствата во Газа.

Видете и ова: Израелската влада го одобри договорот со Хамас

Израелците и Палестинците славеа во четвртокот додека Хамас и израелската влада започнаа подготовки за спроведување на договор за прекин на огнот кој ветува траен крај на крвавиот двегодишен конфликт во кој загинаа десетици илјади луѓе, кој дестабилизираше голем дел од Блискиот Исток и предизвика протести низ целиот свет.

Во Газа има радост, но и голема загриженост. Многумина изразија страв дека новиот договор би можел да пропадне и да донесе уште повеќе страдање на веќе опустошената територија.

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно во петокот објави дека израелската влада одобрила рамка за ослободување на сите заложници.

„Владата штотуку одобри рамка за ослободување на сите заложници - живи и мртви“, се вели во соопштението.

Потоа кабинетот ги сподели изјавите што Нетанјаху ги даде на состанокот за одобрување на рамката за ослободување на заложниците, заедно со американскиот претставник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.

Израел и Хамас постигнаа почетен договор во четвртокот како дел од напорите за прекин на конфликтот.

Спогодбата - делумно посредувана од Вашингтон - вклучува ослободување на сите заложници и повлекување на израелските војници на договорената линија во Појасот Газа.

Видете и ова: Рубио: Војната во Газа сè уште не е завршена, приоритет се заложниците

Израел ќе ослободи околу 250 Палестинци кои отслужуваат доживотна казна затвор и околу 1.700 други притворени по нападите предводени од Хамас пред две години, кои ја предизвикаа војната.

Порано во четвртокот, висок функционер на палестинското движење во странство, Калил ал-Хаја, изјави дека Хамас смета дека војната во Газа е завршена.

Хамас „даде одговор што им служи на интересите на палестинскиот народ и го запира крвопролевањето“, рече тој, осврнувајќи се на договорот заснован на мировниот план на САД.

„Потврдуваме дека жртвите на нашиот народ нема да бидат залудни и дека ќе останеме верни на нашето ветување и нема да се откажеме од националните права на нашиот народ: да постигнеме слобода, независност и самоопределување“, беше објавено.

Американскиот претседател Доналд Трамп на социјалните мрежи напиша:

„Синоќа постигнавме значителен напредок на Блискиот Исток, нешто за кое луѓето велеа дека никогаш нема да се случи. Ја завршивме војната во Газа и навистина, на многу поголема основа, создадовме мир“.

Видете и ова: Рубио: Војната во Газа сè уште не е завршена, приоритет се заложниците

Околу 200 американски војници ќе помогнат во следењето на договорот за прекин на огнот во Газа, изјавија американски претставници. Не е јасно каде ќе бидат стационирани војниците, но претставниците, кои зборуваа под услов на анонимност, нагласија дека американските војници нема да бидат распоредени во Газа.

Во меѓувреме, претседателот на израелскиот парламент го покани Трамп да одржи говор за време на неговата планирана посета на Блискиот Исток.

Израелскиот политичар и адвокат Амир Охана рече дека е негова „длабока чест и привилегија“ да го покани Трамп да одржи официјален говор пред нацијата пред Кнесетот.

„Израел чека претседател на мирот“, напиша Охана на X, нарекувајќи го Трамп „најголем пријател и сојузник на еврејскиот народ во модерната историја“.

Трамп посочи дека планира да патува на Блискиот Исток „многу наскоро“, можеби веќе во недела.