Кина ги проширува ограничувањата за извоз на ретки земни метали

илустрација

Кина ги проширува своите ограничувања за извоз на ретки земни метали, соопшти Министерството за трговија. Според најавите, технологиите и експертизата за екстракција и преработка на ретки земни метали(кои се основни компоненти во широк спектар на модерни уреди)во иднина може да се споделуваат само со одобрение. Ова влијае, меѓу другото, на знаењето за рударство, преработка и рециклирање на металите. Софтверот, техничките планови и документите за одржување или поправка исто така се предмет на новите правила.

Ова би можело да им отежни на странските компании да воспостават независна преработка надвор од Кина. За прв пат, производите надвор од Кина што содржат ретки земни метали од Кина или се произведени со користење на кинески процеси се исто така опфатени. Како што се најавува, компаниите што извезуваат таква стока во други земји ќе треба да аплицираат за одобрение од кинеските власти од 1 декември.

Според владини информации, извозот наменет за воени цели или генерално за армии нема да биде одобрен.

Видете и ова: Зошто Кина покажува доминација врз ретките минерали во трговската војна со САД?

Набљудувачите ги гледаат новите регулативи во контекст на растечката конкуренција и тензиите околу технологијата меѓу Кина и САД. Соопштението доаѓа кратко пред очекуваната средба меѓу кинескиот лидер Си Џинпинг и американскиот претседател Доналд Трамп на маргините на претстојниот самит на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во Јужна Кореја.

Соединетите Држави веќе воведоа обемни ограничувања за извоз на високо-перформансни чипови кон Кина. Дополнително, меѓу двете страни трае трговски спор.

Индустријата на ЕУ ќе биде силно погодена. Ретките метали се 17 метали потребни за производство на многу модерни производи како што се електрични мотори или ветерни турбини. Кина е најголемиот производител во светот и преработува голем дел од глобалните количини.

Во контекст на трговскиот спор со Вашингтон, Пекинг веќе го ограничи извозот на одредени производи од ретки метали и магнети во април. Компаниите од ЕУ, исто така, се борат со новите правила.

Европската стопанска комора во Кина во септември повторно предупреди за понатамошни прекини во производството кај нејзините компании-членки поради извозните контроли на Пекинг.