Едно лице е повредено попладнево(7 октомври) на улицата зад зградата на општина Куманово, откако врз него било пукано од возило во движење. Повредениот е З. Ш. (43) од с. Слупчане, општина Липково и тој е пренесен во кумановската болница, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Телевизија Телма објави дека ранетиот е вработен на скопската Клиника за пулмологија и е носител на советничката листа на ДУИ во општина Липково.
Министерството за здравство потврди дека во пукањето во Куманово е повреден доктор Зекирија Шаини, дека повредите не се животно-загрозувачки а докторот е во стабилна состојба и се опоравува.
Јавното обвинителство (ЈО) соопшти дека првичните индиции не упатуваат на политички мотиви зад оружениот инцидент, но сите околности се проверуваат.
„Двајца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Куманово излегоа на лице место и преземаат увидни дејствија. Се прибираат траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење. Во пукањето е приведено едно лице, а по напаѓачот се трага“, соопшти Јавното обвинителство.
ДУИ го осуди „варварскиот чин на насилство“ и ги прекинува сите денешни активности
Демократската унија за интеграција (ДУИ) соопшти дека во знак на солидарност со повредениот и за да ја нагласиме сериозноста на настанот, партијата одлучила да ги прекине сите денешни активности.
Видете и ова: Куферчиња, предавства и „српски свет“ – наместо ветувања за чист воздух и улициДУИ бара од институциите да преземат конкретни чекори за враќање на јавната доверба и безбедноста на теренот.
„Загрижени сме од вооружениот напад врз нашиот кандидат и носител на листата во Општина Липково, кој беше застрелан од маскирани лица и ранет. За среќа, неговиот живот е надвор од опасност и тој ја добива потребната медицинска нега. Остро го осудуваме овој варварски чин на насилство и бараме од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство веднаш да реагираат – со целосна транспарентност и решителност – за да ги идентификуваат, уапсат и изведат пред лицето на правдата сторителите на овој атентат“, соопштија од ДУИ.
Партијата им порачува на поддржувачите, симпатизери и граѓани да останат смирени и да не подлегнуваат на провокации.
„Вреди“ го осуди насилството и апелира на смиреност и воздржаност
Коалицијата „Вреди“ го осуди насилството во Куманово и апелира на смиреност и воздржаност.
„Насилството нема место во нашето општество, а ниту една околност не може да биде оправдување за дела кои го загрозуваат животот и безбедноста на граѓаните. Апелираме до истражните органи што побрзо да ги откријат мотивите и сторителите на овој чин и повикуваме ваквите случаи да не се злоупотребуваат за политички цели“, соопштија од „Вреди“.
Видете и ова: Црната кампања нема да ги заобиколи и овие локални избориСДСМ бара оставка од Тошковски, министерот нема да ја поднесе
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) бара политичка одговорност од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски поради „очигледниот системски колапс на јавната безбедност и недоволна превенција на насилни инциденти“.
„Последниот оружен инцидент во Куманово е најсериозен инциден во пресрет на локалните избори кој внесува сериозна загриженост за јавниот ред и мир и безбедноста на граѓаните. Се случува тотален распад на безбедносниот систем и фијаско на министерот Панче Тошковски“, соопштија од СДСМ.
Тошковски на мрежата Фејсбук напиша дека нема да поднесе оставка. Според него, нападите од СДСМ се „неосновани и политички мотивирани“, со кои опозициската партија се обидува „да го прикрие очајот и стравот од одговорност за осумгодишното уништување на институциите и системот.“
„Пред да заврши увидот, пред да се појават првичните наоди, тие веќе бараат оставка. За нив секој трагичен настан е средство за политичка пресметка и наместо за момент да покажат барем минимална човечност и почит, веднаш трчаат пред камери. Тоа не е грижа за државата, тоа е очај маскиран во политика“, напиша Тошковски.
Пукале две лица, повредениот не е во животна опасност
Министерството за внатрешни работи соопшти дека инцидентот се случил денеска во 13.54 часот, кога во СВР Куманово е пријавено дека на крстосница од ул. „Димитрије Туцовиќ“ со ул. „11 Октомври“ во Куманово, две лица во движење од огнено оружје пукале во патничко возило ‘фолксваген голф’, управувано од З.Ш.(43) од с.Слупчане, општина Липково.
„Тој се здобил со повреди и е пренесен во болницата во Куманово за укажување помош“, соопшти МВР.
Видете и ова: Кривична пријава против три лица за пукањето во ЧаирПолициски екипи се на терен и вршат увид, а блокирана е улицата „11 Октомври“ на која покрај зградата на локалната самоуправа, се сместени и судот, полицијата и поштата.
Д-р Сашо Стошевски, директор на кумановската болница, за МИА потврдил дека повредениот е надвор од животна опасност.
Видете и ова: Спортскиот терен - политичка предизборна арена со националистички скандирања„Лицето е примено со четири прострелни рани во пределот на левата подлактица и десно колено. Направени се сите иследувања од наша страна. Лицето е вон животна опасност. Со возило на Општа болница Куманово е пренесено на клиниките во Скопје“, изјави Стошевски за МИА.
Во Северна Македонија на 19 октомври ќе се одржат локални избори. Во тек е 20-дневната предизборна кампања.