Завршува првата недела од кампањата за локалните избори

Илустрација.

Кандидатите за градоначалници и советниците во општините низ Северна Македонија ја привршуваат првата недела од кампањата за локалните избори.

Митинзи, средби со граѓани и други активности се и во денешните агенди на политичките партии и независните кандидати.

Кампањата трае 20 дена. Започна на 29 септември, а ќе трае до полноќ на 17 октомври кога ќе настапи изборен молк. Молкот ќе трае до затворањето на гласачките места на 19 октомври кога ќе биде првиот круг од гласањето.

Локалните избори ќе се одржат во сите 80 општини во земјата и Градот Скопје. На изборите има вкупно 309 кандидати за градоначалници.

Видете и ова: Кандидати за градоначаници: актуелни, пратеници, министри и само 10 отсто жени

Ќе се гласа на 3.480 избирачки места, а право на глас, според избирачкиот список што го заклучи Државната изборна комисија (ДИК) имаат 1.832.415 граѓани.

Во првиот круг на 19 октомври треба да бидат избрани новите состави на општинските совети, додека за градоначалник ќе се смета дека е избран оној кој освоил 50 отсто плус еден глас под услов на гласање да излегле барем една третина од гласачите запишани во Избирачкиот список во конкретната општина.

Според изборните правила, ако ниту еден од кандидатите не го исполни потребниот услов, се одржува и втор круг во кој граѓаните бираат меѓу двајца кандидати кои освоиле најголем број гласови. Вториот круг е закажан за 2 ноември.

Претстојните ќе бидат осми по ред локални избори од осамостојувањето на државата во 1991 година.