Поранешниот чешки премиер Андреј Бабиш направи драматичен политички камбек, победувајќи на парламентарните избори четири години откако ја изгуби власта. Но, сега се соочува со тешки разговори за формирање владејачко мнозинство, ситуација која ја следи и меѓународната заедница поради неговото влијание на политиката што оваа земја-членка на ЕУ и НАТО ќе ја има кон Украина.
Со преброени околу 95 проценти од гласовите, резултатите покажаа дека Бабиш, милијардер кој ја предводи популистичката партија АНО, е јасен победник. Но, тој нема мнозинство што навестува потенцијално сложени разговори за наоѓање коалициски партнери.
Многу аналитичари сугерираат дека ова може да ја вклучи во игра и крајно десничарската СПД, која побара Чешка да се повлече и од Европската Унија и од НАТО.
„Доколку владата зависи од позицијата или од поддршката на СПД, ќе биде многу комплицирано“, изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ) Јан Махачек, советник за надворешна политика на чешкиот претседател Петр Павел, по објавувањето на резултатите.
Видете и ова: Изборите во Чешка би можеле да ја поместат земјата од проевропскиот пат, влијаејќи на поддршката за УкраинаМахачек додаде дека ова би создало „многу опасна ситуација за надворешната политика, бидејќи СПД е екстремистичка, остро антиукраинска и анти-ЕУ – проруска партија“.
Во предизборието, Бабиш употребуваше силна евроскептична реторика и исто така сугерираше дека ќе ја прекине чешката иницијатива за купување муниција за Украина. Но, 71-годишникот ја исклучи можноста за повлекување од ЕУ или НАТО.
Чешкиот политички коментатор Јиржи Пехе за РСЕ изјави дека резултатите значат оти „ќе биде многу тешко за Андреј Бабиш да состави стабилна коалиција“ со СПД и „Мотористс“, мала опозициска група која за првпат влезе во парламентот.
Прославувајќи го, како што го нарече, „историскиот резултат“, Бабиш рече дека ќе се обиде да формира еднопартиска малцинска влада и ќе одржи разговори со СПД и „Мотористс“ за обезбедување на поддршка од нив.
Другите партии, вклучително и членовите на сегашната владина коалиција, ја исклучија можноста за формирање влада со Бабиш.
Но, Пехе сугерираше дека ова може да се промени ако тој се повлече и за премиер номинира некој друг колега од партијата.
„Тој може да се обиде да се обрати на една од сегашните владини партии бидејќи тоа би било постабилно решение за него“, вели Пехе.
Изгледите Бабиш да ги влече конците зад сцената сепак би ги вознемириле чешките сојузници во сегашната влада, која е цврсто прозападна и проукраинска.
Видете и ова: Што треба да знаете за изборите во Чешка?Бабиш досега често изразуваше поддршка и афинитет кон унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој блокираше бројни мерки на ЕУ со кои се санкционира Русија или се поддржува Украина.
Но, Пехе рече дека Бабиш, со широки деловни интереси во Западна Европа, за време на својот прв мандат како премиер (2017-2021) покажал дека е прагматичар.
„Не мислам дека Бабиш ќе оди толку далеку како Орбан или (словачкиот премиер Роберт) Фицо, само затоа што Чешка повеќе не зависи од руската нафта и гас“, вели аналитичарот.
Од почетокот на целосната инвазија на Русија врз Украина во 2022 година, Прага целосно го запре увозот на нафта од Москва и го намали внесот на гас.
Унгарија и Словачка, пак, продолжуваат да увезуваат значителни резерви од овие фосилни горива.