Грција е подготвена за спроведување на системот за влез и излез (ЕЕС)и ги исполни сите обврски и на централно и на оперативно ниво, со интегрирани 99 пунктови за пасошка контрола, информираат за МИА од кабинетот на портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис.
Од кабинетот на портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис за МИА го пренесоа одговорот од Министерство за заштита на граѓаните кое е надлежно за граничните контроли, во кое велат дека со исполнување на сите обврски „и на централно и на оперативно ниво, со спроведените сите потребни технички тестови под целосна контрола на Комисијата и Агенцијата EuLISA“, Грција е подготвена за новиот систем.
„Од 12 октомври, Грција ќе интегрира 99 пунктови за пасошка контрола. На овие пунктови: инсталирана е целата опрема што се однесува на ефикасното функционирање на системот за влез и излез, испратен е информативен материјал до сите управни тела и до ко-надлежните министерства и извршени се посети за да се потврди подготвеноста и соодветноста на објектите и опремата“, информираа од Министерството за заштита на граѓаните на Грција.
Новиот систем за влез и излез од ЕУ што од 12 октомври постепен ќе се воведен предвидува електронска евиденција на биометриски податоци (фотографија и отпечатоци од прсти), како и точни записи за датумите на влез и излез.
Видете и ова: Што ве чека од октомври на границите со ЕУ?Од македонското Министерство за внатрешни работи вчера (1 октомври) информираа дека ЕЕС системот се однесува на сите државјани од земји кои не се членки на Европската Унија или Шенген зоната и кои патуваат за краток престој (до 90 дена во рамки на 180 дена), а ќе биде активен на сите надворешни гранични премини на 29 земји, меѓу кои се: Грција, Бугарија, Австрија, Германија, Франција, Италија, Шпанија, Шведска, како и Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн.
„При првото патување по воведувањето на системот, патниците ќе поминат низ целосен процес на регистрација кој вклучува фотографирање, скенирање на отпечатоци од прсти и внесување на податоци од пасошот. За да се олесни процедурата, на граничните премини ќе има и пунктови за самопослужување, а можно е и претходно предрегистрирање преку мобилни апликации. При следните патувања, контролата ќе биде значително побрза бидејќи податоците веќе ќе бидат складирани во системот и ќе се врши само нивна проверка“, информираа од МВР.
Во периодот од октомври 2025 до април 2026 системот ќе се воведува по фази, што значи дека дел од патниците сè уште ќе добиваат печат во пасошите, додека постепено сите гранични премини не преминат на целосна дигитална евиденција, додека пак од 10 април 2026 година, печатите во пасошите целосно ќе бидат заменети со електронски записи.