Србија испрашува 11 осомничени за свински глави и други дела од омраза во Франција

Џамијата Ислах во Монтреј, на периферијата на Париз, 9 септември. Истиот ден претходно, на влезот од зградата беа откриени свински глави

Властите во Србија соопштија дека испрашуваат 11 лица осомничени за вмешаност во серија акти на омраза против муслимански и еврејски места во Франција, што вклучуваше поставување свински глави пред џамии и премачкување синагоги со зелена боја.

Осомничените, сите српски државјани, беа уапсени оваа недела и се верува дека извршиле серија акти на омраза во периодот помеѓу април и септември оваа година.

Наводниот водач на групата, идентификуван со иницијалите М.Г., сè уште е на слобода.

Последниот инцидент се случи во Париз на почетокот на септември, кога свински глави беа оставени пред девет париски џамии. Неколку од нив го имаа испишано името на францускиот претседател Емануел Макрон.

Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез започна истрага и на 9 септември на платформата X напиша дека се вложуваат сите напори за „пронаоѓање на сторителите на овие гнасни акти“.

Париската полиција објави дека истрагата на крајот покажала дека свинските глави биле поставени од странски државјани кои патувале во автомобил со српски регистарски таблички.

Еден земјоделец од Нормандија им кажал на истражителите дека две лица во возило со регистарски таблички „кои изгледале како српски“ купиле 12 свински глави од него, а потоа веднаш си заминале, соопшти Канцеларијата на парискиот обвинител.

Камерите за надзор ги снимиле истите лица како пристигнуваат во Париз и покажале двајца мажи како поставуваат свински глави пред неколку џамии, соопшти полицијата.

Во април, голем број локации во Париз, меѓу кои се Музејот на холокаустот, три синагоги и еврејски ресторан, беа вандализирани со зелена боја.

Групата од 11 лица, идентификувани само со нивните иницијали, беше испрашувана во Вишото јавно обвинителство во српскиот град Смедерево, се наведува во соопштението на канцеларијата.

Тие беа уапсени под сомнение за здружување со „извршување кривични дела расна и друга дискриминација и шпионажа“, се додава во соопштението.

Обвинителите предложија деветмина од нив да бидат притворени до 30 дена, објави француската новинска агенција АФП.

Видете и ова: Србија уапси 11 осомничени за расистички дејствa во Франција и во Германија

Франција ја обвинува Русија

Француските власти претходно изјавија дека ја истражуваат улогата на Русија во дестабилизирачките операции за поттикнување на социјалните тензии и продлабочување на поделбите во земјата.

„Ле Монд“ на 27 септември објави дека француските истражители се сомневаат дека српски државјанин „наводно организирал две дестабилизирачки операции насочени кон религиозни и меморијални места во Париз и неговата околина“.

Истражителите се сомневаат дека „овие операции за странско мешање имале за цел да сеат раздор во француското општество“, објави дневниот весник „Ле Монд“. Сепак, француските истражни власти сè уште немаат конкретни докази за руска вмешаност, соопшти „Ле Монд“.

Француската обвинителка Лор Бекуо во септември изјави дека тактиките што се користеле во нападите врз џамиите личеле на други инциденти што ја потресоа Франција во последните две години, вклучително и цртањето на околу 60 ѕвезди на Давид на згради во Париз и околните населби.

„Затоа можеме да бидеме убедени дека овие инциденти се акти на мешање“, изјави таа за францускиот медиум БФМТВ.

Бекуо додаде дека сторителите биле државјани на Источна Европа кои често го фотографираат она што го прават и ги испраќаат сликите до луѓе надвор од Франција.

Србија, која се стреми кон членство во ЕУ, има блиски врски со Русија и е единствената европска земја што не вовела санкции против Москва.

Српските обвинители изјавија дека 11-те лица се осомничени и за вмешаност во акти на омраза во Германија, но не дадоа детални информации. Германските медиуми во декември објавија дека свинска глава била поставена пред џамија во Франкфурт.

Радио Слободна Европа досега не доби одговор на барањето за коментар од властите во Франција, Германија и Србија.