Данската премиерка Мете Фредериксен ги повика европските лидери да делуваат заеднички по серија нарушувања на воздушниот простор и прелети на дронови во повеќе европски земји.
Данската влада ги нарече повторените појави на дронови, кои сериозно го нарушија авио-сообраќајот во Данска, „хибриден напад“.
Претходно во септември, три руски борбени авиони влегоа во естонскиот воздушен простор, откако голем број руски дронови ја преминаа воздушната граница на Полска.
„Мислам дека се наоѓаме во најтешката и најопасна ситуација од крајот на Втората светска војна, повеќе не е само Студената војна,“ изјави Фредериксен при пристигнувањето на самитот на лидерите на ЕУ во Копенхаген.
Таа нагласи дека земјите од ЕУ мора да ги остават настрана своите национални гледишта кога се зборува за европската безбедност:
„Ако гледате на Русија и на (нејзината) хибридна војна од европска перспектива, наместо од сопствена национална, тогаш мислам дека секој мора да се согласи дека треба сите повторно да се вооружиме,“ истакна данската премиерка.
Видете и ова: По упадите на дронови, Копенхаген домаќин на европските лидери на „итни“ самити за безбедност и одбранаФредериксен додаде дека војната во Украина не треба да се гледа како војна во една европска земја, „туку како руски обид да нè загрози сите нас.“
На прашање од новинар дали неодамнешните инциденти покажале дека европските земји се неподготвени, Фредериксен ја нагласи сложеноста на одвраќањето на повеќе паралелни напади.
„Тоа е целата идеја на хибридната војна – да се прават многу различни работи истовремено. Не мислам дека некогаш ќе дојдеме до ситуација кога нема да има дронови што ќе навлегуваат во Европа или нема да има саботажи“, рече Фредриксен.
Таа истакна дека хибридната војна значи постојано да ни се закануваат и да извршуваат различни видови злосторства и активности.