Мицкоски:Овие избори се битка за тоа каде ќе се движи Македонија

Северна Македонија - Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, на митинг на почеток на кампањата за локалните избори, 29.09.2025.

Овие избори не се само обични локални избори, туку тие ќе бидат одлука за тоа каква Македонија сакаме да имаме, каква држава сакаме да градиме и какви пораки ќе им се испратат на оние кои уриваат, наместо да градат, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, од централниот митинг во Скопје, на првиот ден од кампањата за локалните избори што ќе се одржат на 19 октомври.

Во обраќањето пред присутните тој рече дека на овие избори има две тајни коалиции: првата на ДУИ и Левица, втората на СДСМ „со еден кандидат за градоначалник на скопска општина кој е на црната листа“.

Мицкоски се осврна и на резолуцијата за „црвени линии“ што ја предложи лидерот на СДСМ, Венко Филипче. За Мицкоски, оваа резолуција е „некое ново додворување на СДС кон Бугарите, на штета на Македонија“.

На предизборниот митинг тој говореше и за судството и обвинителството. Мицкоски рече дека не е задоволен од правосудниот систем, кој, според него, „е главното упориште на неправдите во државата.“

Видете и ова: Црната кампања нема да ги заобиколи и овие локални избори

Орце Ѓорѓиевски, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, ја презентираше изборната програма. Тој најави 20 годишен стратешки документ изготвен од меѓународни и домашни експерти, наречен „Скопје 2025-2045“

„Тој во себе ги интегрира просторното планирање, мобилноста, зелената инфраструктура, енергетската ефикасност, заштитата на културното наследство согласно европските стандарди за квалитет на живеење. Ќе ја вратиме функцијата градски архитект и ќе се формира ново јавно претпријатие „Урбан центар Скопје“ за да се врати планирањето во раце на стручни лица и на граѓаните, а не на приватните интереси“, рече Ѓорѓиевски.

Тој најави генералка на Скопје во првите 72 часа, целосна комунална и сообраќајна обнова, катни гаражи во Буњаковец и Пролет и монтажни паркинзи во сите критични населби, обнова на Универзалната сала и киното „Милениум“, паметна картичка „SKOPJE CITY GO“ и „Градски портал“, ефикасен и достоинствен јавен превоз со нови, еколошки автобуси и градски воз кој ќе ги поврзе Драчево, Центар и Ѓорче Петров.

ВМРО-ДПМНЕ ја почна кампањата во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје, а ќе ја заврши во Охрид.

Кампањата ќе трае 20 дена.

Скопјани на локалните избори ќе имаат можност да избираат градоначалник на Град Скопје меѓу 16 кандидати. За 45 советнички места на изборниот натпревар има 19 листи со 855 кандидати.

Првиот круг на локалните избори ќе се одржи на 19 октомври, а вториот на 2 ноември.