Битката за Скопје ќе ја водат 16 кандидати за градоначалници и 855 кандидати за советници

Графичка илустрација - Локални избори 2025

Скопјани на локалните избори ќе имаат можност да избираат градоначалник на Град Скопје меѓу 16 кандидати. За 45 советнички места на изборниот натпревар има 19 листи со 855 кандидати.

Кандидати за градоначалник на Скопје се Орце Ѓеорѓиевски поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Каја Шукова, поддржана од СДСМ и коалицијата, Драган Николовски, поддржан од група избирачи, како и Сашо Маневски, Зоран Јованоски од Единствена Македонија, Амар Меционовиќ од Левица, Демир Исмаил од Сојузот на Ромите, Владимир Куноски од Работничка партија.

Кандидати се и Александар Тортевски од Партија Твоја, Срџан Амет од Политичка партија Унија на Роми Скопје, Александар Трајановски поддржан од ЛДП, ГРОМ, Интегра и ПЦЕР, Вангел Божиноски од Родина Македонија, Скендер Реџепи поддржан од коалицијата предводена од ДУИ, Владимир Трајковски од Македонска ера трета/Македонски независни листи-Суверенисти, Горан Марковски поддржан од Независни заедно и Алексадар Рашковиќ од ТМРО.

Видете и ова: Скопје пред избори - многу ѓубре и хаос, малку воздух и ред

За споредба, на минатите локални избори во 2021 година имаше 12 кандидатури за градоначалник и 95 советнички листи.

Локалните избори 2025 ќе се одржат на 19 октомври. Вториот круг е на 2 ноември.

Денеска, на 29 септември, почна изборната кампања и ќе трае дваесет денови.