Убиени најмалку 44 лица во Газа додека Израел ги игнорира барањата за прекин на огнот

Израелски напад во Газа

Израелските напади и огнено оружје убија најмалку 44 лица низ Газа, соопштија здравствените власти, додека расте меѓународниот притисок за прекин на огнот, јави агенцијата АП.

Меѓу загинатите имало деветмина од исто семејство настрадани во куќа во бегалскиот камп Нусеират, според персоналот во болницата Ал-Авда, каде биле донесени телата. Пет други лица биле убиени кога нападот погодил шатор за раселени лица, според болницата во која биле донесени телата на загинатите.

Израелската армија соопшти дека не знаела дека некој бил убиен од огнено оружје во саботата во јужна Газа и не дала непосреден коментар за воздушните напади.

Директорот на болницата Шифа во градот Газа изјави за АП дека медицинските тимови таму се загрижени за израелските „тенкови што се приближуваат во близина на болницата“, ограничувајќи го пристапот до објектот каде што се лекуваат 159 пациенти.

„Бомбардирањето не престана ниту за момент“, рече д-р Мохамед Абу Селмија.

Тој додаде дека 14 предвремено родени бебиња биле третирани во инкубатори во болницата Хелу, иако раководителот на неонаталната интензивна нега таму, д-р Насер Булбул, изјавил дека главната порта на објектот била затворена поради беспилотни летала што летале над зградата.

Видете и ова: Калас: Признавањето на Палестина нема да ја подобри хуманитарната состојба во Газа

Нападите се случија неколку часа откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им рече на другите светски лидери на Генералното собрание на ОН на 26 септември дека неговата нација „мора да ја заврши работата“ против Хамас во Газа.

Нетанјаху се обрати откако десетици делегати од повеќе нации масовно ја напуштија салата на Генералното собрание на ОН кога тој почна да зборува.

Меѓународниот притисок врз Израел да ја заврши војната се зголемува, како и изолацијата на Израел, со растечки список на земји кои неодамна одлучија да ја признаат палестинската државност, што Израел го отфрла.

Земјите лобираат кај американскиот претседател Доналд Трамп да изврши притисок врз Израел за прекин на огнот. Трамп изјави дека верува оти САД се блиску до постигнување договор за ублажување на борбите во Газа што „ќе ги врати заложниците“ и „ќе ја заврши војната“.

Израелската кампања во Газа уби повеќе од 65.000 луѓе, а повреди повеќе од 167.000 други, соопшти Министерството за здравство на Газа. Министерството е дел од владата предводена од Хамас (организација прогласена за терористичка од САД и од ЕУ) но агенциите на ОН и многу независни експерти ги сметаат неговите бројки за најсигурна проценка на жртвите во војната.