Право на глас на локалните избори имаат 1,83 милиони граѓани

Локални избори во Северна Македонија. (фотоархива).

На локалните избори во Северна Македонија, што треба да се одржат во октомври, право на глас ќе имаат 1.832.415 граѓани, соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) откако денеска беше заклучен избирачкиот список.

Меѓу вкупниот број државјани со право на глас се и 112.000 кои се на привремена работа или со престој во странство, како и 2.162 лица во затвор односно притвор и 450 избирачки од домовите за стари лица.

Локални избори ќе се одржат во сите 80 општини во државата и во Град Скопје. Вкупно ќе има 3.480 избирачки места.

На локалните избори ќе се гласа на 3.480 избирачки места.

Видете и ова: Кандидати за градоначаници: актуелни, пратеници, министри и само 10 отсто жени

Бројот на набљудувачи, пак, сè уште не е заклучен. Досега до ДИК се поднесени четири барања за набљудување и тоа од Центарот за развој, реформи и обуки за изборни системи – Грузија, од Амбасадата на Република Словачка во земјава, Централната изборна комисија на Украина и Здружението Институт за истражување и аналитика на политика Ромалитико – Скопје.

На изборите за сите градоначалнички места вкупно има 303 кандидати за градоначалници, а ќе се бираат и нови советници.

Кампањата официјално ќе започне во понеделник, 29 септември.

Првиот круг од гласањето ќе се одржи на 19 октомври, додека вториот ќе биде две недели подоцна, на 2 ноември.

Во првиот круг треба да бидат избрани новите состави на општинските совети, додека за градоначалник ќе се смета дека е избран оној кој освоил 50 отсто плус еден глас под услов на гласање да излегле барем една третина од гласачите запишани во Избирачкиот список во конкретната општина. Според правилата, ако ниту еден од кандидатите не го исполни потребниот услов, се одржува и втор круг во кој граѓаните бираат меѓу двајца кандидати кои освоиле најголем број гласови.

Претстојните ќе бидат осми по ред локални избори од осамостојувањето на државата во 1991 година.