Со една минута молк за почит кон Росица Коцева која беше убиена од нејзиниот поранешен партнер, но и за „сите жртви на системот на нееднаквост“, почна денешниот протест на движењето „Ниту една повеќе“.
Ова движење, кое се формираше по убиството на 31-годишната Росица, денеска (25 септември) го организираше вториот протест во Скопје реагирајќи дека системот не ги штити жртвите.
„Се чини дека и по смртта, крикот на Росица не се слуша“, порачаа активистките кои ја блокираа раскрсницата кај паркот „Жена борец“.
Тие побараа промени во кривичниот законик кои ќе дозволат семејното насилство да се гони по службена должност. Овие измени веќе се поднесени, но организаторите на протестот, апелираа тие да бидат приоритет и за Владата и за Собранието.
Видете и ова: Институциите да не затајуваат кога треба да ги заштитат жените„Иако денеска се закажа јавна расправа, бараме повеќе од симболични расправи. Бараме конкретни решенија кои ќе ја разрушат културата на силување и на насилство. Бараме целосен увид во тоа како институциите и полицијата се справуваат со ситуации на пријави, да се даде јасна отчетност зошто сѐ уште се случуваат фемициди иако жртвите пријавуваат и пријавуваат“, порача во говорот пред Собранието, активистката Сара Миленковска.
Таа и останатите меѓу другото, побараа и да се ревидира процедурата преку која се пријавува родово базираното насилство, а жртвата да знае дека „има различни сервиси кои може да ѝ помогнат“.
Од движењето „Ниту една повеќе“, обвинија дека системот ги игнорира жртвите дури и кога тие одново го пријавуваат насилството.
Движењето за слобода и правда на жените, „Ниту eдна повеќе“ на блокада пред паркот „Жена Борец“ во Скопје. 25.09.2025.
Посочија и дека нивните блокади, веќе стануваат „општонародно движење во државата“ и најавија дека ќе продолжат и понатаму.
„Би сакала одново да го вратиме нашиот колективен дух, со што ќе можеме колективно да тагуваме и да се разбесниме на овој систем кој не само што ни го сврте грбот, туку и овозможи уште една жртва, уште една жена што очајно барала помош, да не биде слушната. И тоа да заврши со нејзината смрт. Наместо да се плашиме која ќе биде следна, тука сме да кажеме дека нема да има ниту една повеќе. Овој систем не нѐ штити. Не постои правда, само смрт“, додаде една од активистките која се обрати за време на денешниот протест.
Протестите за заштита на жртвите на семејно насилство, почнаа минатата недела по последниот случај на фемицид, во кој животот го загуби велешанката, Росица Коцева, по што беше убиен и нејзиниот татко.
Сторителот на двете убиства, поранешниот партнер на Росица, Илија, веднаш потоа си го одзеде и сопствениот живот.
Видете и ова: Системот ги турка жртвите во рацете на насилникотСпоред статистичките податоци на Министерството за внатрешни работи, во првите шест месеци од годинава, извршени се вкупно 512 кривични дела во врска со семејното насилство, од кои најголемиот број од случаите се извршени од страна на мажите – вкупно 474 и кои повеќето завршиле со телесни повреди.
Најголем дел од кривичните дела во семејното насилство се извршени од страна на сопругот – 223 случаи, потоа следуваат случаите кои се извршени од сопругите, од децата, од родителите и од поранешните партнери.