Алиу: Ќе ги соопштиме резултатите за „кардиолошките случаи“ по целосното завршување на експертизата

Азир Алиу, министер за здравство

Осум предмети од „кардиолошките случаи“ се завршени, уште пет нови се пристигнати во Фондот за здравство, но очекуваме да ни бидат доставени и други од институции и граѓани, изјави вечерва министерот за здравство Азир Алиу.

Министерот напомена дека резултатите од целиот овој процес ќе бидат соопштени на крај, кога ќе се изготви завршниот извештај. Кажа дека нема да се оди со делумни информации во јавноста поради сензитивноста на случајот и пред се, за да се поштедат пациентите и нивните семејства.

Видете и ова: Кардиолошки операции под лупа – за здравје или за профит?

Во експертизата се вклучени Стручна комисија од Министерството за здравство, тим од Лекарската комора по барање на министерот Алиу, како и тројца стручњаци од Словенија, Австрија и Италија кои допрва треба да дојдат во Македонија. Тој рече дека не може да се каже временска рамка кога би завршил процесот, но дека делумно нема да информира за резултатите, туку кога сите ќе бидат конечни.

„Процесот е затворен, таква ни е методологијата. Денеска се завршени осум наоди, имаме и нови кои ќе се анализираат од наредниот вторник. Паралелно со Комисијата барав и претставници од Лекарската комора. Тие најверојатно од наредната недела ќе почнат да разгледуваат по четири - пет ад-хок случаи од 2023 до 2025 година од приватните и државните клиники и на крај, заедно со тројцата странски експерти ќе донесеме краен извештај, кој ќе биде затворен. Потоа ќе се направи работна група која ќе ги имплементира политиките што ќе произлезат од овие документи“, рече Алиу.

Министерот кажа дека е свесен за недовербата на граѓаните во здравството, но таа, напомена, не е од сега, туку од поодамна. Еден од начините за подобрување на ситуацијата кажа дека е дигитализација.