Мицкоски: Ќе има одговорност за несобраното ѓубре во Скопје

илустрација

Премиерот Христијан Мицкоски им се извини на жителите на Скопје, затоа што пред четири години ја поддржал Данела Арсовска за градоначалничка на главниот град и најави одговорност за сегашната состојба во која скопските општини се затрупани со ѓубре.

„Да, чуствувам и сум се извинил најмалку 10 пати. И еве повторно ќе кажам, се извинувам што тогаш застанав позади независниот кандидат Данела Арсвоска. И затоа сум го кажал тоа најмалку 10 пати дека таа грешка повеќе нема да ја повториме. Затоа на следните избори ќе победи Орце Ѓорѓиевски уште во првиот круг и како што самиот се обврза пред скопјани, во првите 72 часа ќе ги засука ракавите и ќе го исчисти Градот Скопје од смет“, изјави денеска Мицкоски во одговор на новинарско прашање.

Видете и ова: Скопје пред избори - многу ѓубре и хаос, малку воздух и ред

Им се извинувам на граѓаните што сум мислела дека си чесен, професор и интелектуалец, не знаејќи што навистина си, му одговори Арсовска на премиерот Мицкоски.

„Јас завршувам со борбата во која твојот претседател на Совет на Град Скопје и твоите советници 4 години го блокираа и урнисаа градот. Не гласаа за нови автобуси, не гласаа за бесплатен превоз, не дозволија да се набави нова механизација за да се чисти ѓубрето, не гласаа ништо во интерес на граѓаните за да биде задоволена твојата суета. Ни за вработување на нови пожарникари, ни за нови противпожарни возила им кажа да не гласаат“, напиша Арсовска на својот фејсбук профил.

Тој потсети на ситуацијата кога градоначалниците од скопските општини се самоорганизирале да го соберат сметот и оти одговорните тогаш во депонијата Дрисла ја затвориле портата, а градоначалниците добиле и кривични пријави.

„Работиме внимателно. Ние не правиме естрада од ништо, водиме политика, која е многу внимателна. Процесите што ги водите имаат одговорност и на крајот тој процес мора да има име и презиме. Бидете сигурни дека ќе има одговорност и ќе има име и презиме“, одговори премиерот Мицкоски на прашањето дали МВР влегло во ЈП „Комунална хигиена“, каде што очигледно нешто ги сопира камионите да излезат и да го соберат ѓубрето.

Веќе неколку недели контејнерите на улиците во скопските општини се претрупани со отпад, кој службите на Комунална хигиена не го собираат. Граѓаните се револтирани, а за колапсот со собирањето на комуналниот отпад, градоначалничката Данела Арсовска, политичките партии и кандидатите за градоначалници, преку прес-конференции и соопштенија вината си ја префрлаат меѓу себе.