Тошковски: Факт е дека во изминатите неколку месеци имаме хибриден напад

Панче Тошковски, министер за внатрешни работи на РСМ

Факт е дека во Македонија имаме хибриден напад во изминатите неколку месеци, од повеќе страни и на повеќе полиња имаме загрозување на одредени витални точки во државата, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Не кажа повеќе детали, но истакна дека МВР постапува по случаите.

„Факт е дека во Македонија имаме хибриден напад во изминатите неколку месеци, од повеќе страни, на повеќе полиња имаме загрозување на одредени витални точки во државата. Тоа сите го гледаме. Тоа го гледа македонскиот народ, тоа го гледате Вие новинарите, тоа го гледаат и институциите. Дали постапуваме? Постапуваме. Дали можам дополнително да изнесам информации во јавност во овој момент? Не“, изјави Тошковски, одговарајќи на новинарски прашања по 16-та меѓународна научна конференција „Системска корупција - најголемата безбедносна закана: Безбедносно-стратешки пристапи за решавање на сложените предизвици“, во организација на Факултетот за безбедност – Скопје.

Видете и ова: Има ли реални хибридни напади со пожарите?

Прашан дали има некоја нова трага или осомничени за „центрите на моќ“, за кои премиерот Христијан Мицкоски изјави дека се одговорни за пожарите, Тошковски, само кратко одговори „да, имаме“, без да даде повеќе детали.

Во последниот период, за кратко време се случија неколку пожари во скопскиот регион. Гореа депонии, сервиси за возила и фабрики со опасен отпад. Претставници на власта изјавија дека земјава е цел на хидридни напади и подметнувања пожари од центри на моќ во земјава и од надвор.

По тврдењата за хибридни напади, од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) соопштија дека ја следат состојбата, но дека Министерството за внатрешни работи е тоа што треба да открие вакви кривични дела.

По пожарите во поранешната градска депонија Вардариште и во актуелната Дрисла, беше запалена фабрика за електронски и електричен отпад во Трубарево, а гореше и сервис за возила во близина на Пинтија.