За училиштата во кои недостигаат учебници затоа што не ги пријавиле навреме потребните тиражи, Министерството за образование и наука ќе им ги обезбеди во ПДФ-формати што ќе бидат ставени на веб-страницата на Педагошката служба.
Ресорната министерка, Весна Јаневска денеска изјави дека МОН тоа го побарало од издавачките куќи, тие ги доставуваат учебниците во ПДФ-формат и Министертсвото, како што рече, веќе ги поставува учебниците како ПДФ-формати на веб-страницата на Педагошката служба.
Јаневска додаде дека се испорачани онолку учебници колку што пријавиле самите училишта.
„На Министерството му е сосема сеедно дали ќе отпечати милион или милион и двесте илјади учебници затоа што имаме рамковна спогодба за печатење. Значи, тоа што е побарано е испорачано. Уште еднаш повторувам – до последен учебник кој е побаран од Министерството е обезбеден“, Јаневска денеска одговарајќи на новинарски прашања при посетата на училиштето „Св. Наум Охридски“.
Видете и ова: Парталави учебници пак пред учениците, родители може да бараат заменаТаа посочи дека состојбата на учебниците зависи од комисијата што ги примала и од директорите.
„Оттука натаму сметам дека ова прашање треба да биде затворено“, додаде министерката.
Како што рече, поставени се јасни правила, има јасен и прецизен закон што функционира, упатства и правилник за работа кои „од следната година ќе мора да се почитуваат до последен детаљ“.
„Диструбицијата на учебниците е завршена, остануваат два учебника за први клас гимназија – еден е спорен, а еден е во процедура. Тие ќе бидат дистрибуирани тогаш кога ќе се реши ова. Сите други учебници се дистрибуирани“, порача Јаневска.
Видете и ова: Учениците „исчезнуваат“од клупите, за тие што остануваат ќе има учебници и вештачка интелигенцијаПретходно, опозициската СДСМ побара оставка од неа обвинувајќи ја за недостиг на учебници.
-Цената за неспособноста на власта ја плаќаат учениците и нивните родители. Учениците не можат да учат, не можат добро да се подготват, се создава хаос со наставата, и сето тоа е дополнителен стрес за сите нив – наведоа од СДСМ во соопштението објавено на 16 септември.
По нивното партиско соопштение, од МОН истакнаа дека „целиот тираж кој го побарале училиштата е испечатен и испорачан“, но и дека „за првпат по седум години, обезбедени се и нови учебници по странските јазици во сите одделенија“.