Тошковски: Светот се соочува со сајбер војни, злоуопотреба на технологијата, екстремизам и дезинформации

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски

Се наоѓаме во клучен момент од нашата историја кога безбедносните предизвици повеќе не се ограничени само на традиционалните закани како што е организираниот криминал, трговијата со дрога и корупцијата, туку се преплетуваат со нови и се посложени опасности, порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на отворањето на ретренинг Конференција на европскиот огранок од Асоцијацијата на националната Академија на Сојузното биро за истраги (ФБИ), што започна денеска (22 септември) во Скопје.

„Денес сме сведоци на појава на сајбер закани и сајбер војувања, злоупотреба на технологија, традиционален екстремизам и претворање на дезинформациите во оружје што ја менува природата на безбедносната средина што ја работиме. Оваа реалност не бара од нас само будност и реактивност, туку визија и подготвеност да ги преиспитаме старите модели, да прифатиме иновации и да создадеме подлабока и поквалитетна меѓународна соработка“, рече Тошковски.

Тој истакна дека конференцијата е можност не само за размена на искуства и идеи, туку и за обновување на заедничката посветеност кон заштитата на граѓаните, јакнење на владеење на правото и зацврстување на довербата во институциите.

Видете и ова: 30 години дипломатски односи меѓу Македонија и САД

На отворањето на Конференцијата се обрати и Вилијам Габон, претседател на Асоцијацијата на националната Академија на ФБИ. Габон истакна дека овој собир е посветен на поврзување со професионалци кои размислуваат слично во Европа и светот.

Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев на конференцијата посочи дека сите, преку силна поврзаност и меѓусебна комуникација, може да покажеме обединетост и сила во борбата против криминалот што, како што истакна, се обидува да го наруши мирот насекаде во светот, додавајќи дека глобалните закани денеска се пософистицирани од било кога и не познаваат граници, држави и континенти.

„Од тероризмот и организираниот криминал преку трговијата со луѓе и криумчарење на дрога и оружје, до сајбер криминалот и злоупотреба на вештачката интелегенција, сите овие предизвици бараат од нас постојана будност, адаптабилност и силна меѓународна соработка. Само преку единство, заеднички акции и брза размена на информации, можеме да изградиме ефикасен штит од овие закани“, заклучи Јанев.

Видете и ова: Лични податоци како на „тезга“ - наместо заштита, на тацна за злоупотреби

Заменик-амбасадорката на САД во земјава Никол Варнс рече дека овој настан има посебно значење бидејќи се одржува во годината кога се одбележуваат 30 години дипломатски односи меѓу САД и Северна Македонија и во Скопје, град којшто поврзува култури и богата историја.

Конференцијата се одржува од 20 до 24 септември во Скопје.