Европската Унија (ЕУ) го претстави новиот пакет санкции против Русија во кој, меѓу другото, Брисел бара целосна забрана за увоз на руски течен природен гас (LNG) до почетокот на 2027 со што се забрзуваат претходните планови кои предвидуваа постепено укинување на увозот до крајот на истата година.
Плановите, кои мора едногласно да бидат одобрени од земјите-членки, исто така, бараат ставање на црна листа на дополнителни 118 бродови од руската „флота во сенка“, која се користи за заобиколување на досегашните ограничувањата за извоз на нафта, како и санкции против оние кои се вклучени во индоктринацијата на украинските деца киднапирани од Русија.
„Во текот на изминатиот месец, Русија покажа целосен степен на непочитување кон дипломатијата и меѓународното право“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во видеообраќање објавено на 19 септември.
Видете и ова: Кремљ сака да ја „олади“ руската економија и зошто тоа би можело да биде проблем?Наведувајќи ги масовните напади со беспилотни летала и ракети на Русија врз Украина, во кои беше погодена и мисијата на ЕУ во Киев, како и руските упади со беспилотни летала во земјите-членки на ЕУ, Полска и Романија, таа додаде:
„Постојано, претседателот Путин ја ескалира ситуацијата, а Европа одговара со зголемување на притисокот. Затоа денес го презентирам 19-тиот пакет санкции“.
Главната цел на новиот предлог-санкции е да се намалат приходите на Русија од продажба на фосилни горива, што ги користи за финансирање на војната во Украина, рече фон дер Лајен.
„Време е да се затвори славината“, рече таа, истакнувајќи дека сега под санкции се 560 бродови од руската „флота во сенка“.
Таа, исто така, најави целосна забрана за сите трансакции со руските енергетски гиганти Роснефт и Газпром-Нефт, со што ќе се укинат исклучоците што беа направени со претходните пакети санкции.
Притисок од Трамп
Овие потези од Брисел доаѓаат во период кога ЕУ е под притисок од американскиот претседател Доналд Трамп дополнително да го засили притисокот врз Русија, како услов Вашингтон да преземе казнени мерки како што се санкции или зголемување на царините, во обид да го принуди рускиот претседател Владимир Путин да преговара.
Трамп конкретно ги повика европските земји да престанат да увезуваат руска нафта. Само Унгарија и Словачка сè уште го прават тоа. Ниту една од нив не покажа подготвеност да престане, но сегашните планови на Унијата налагаат забрана за увоз на руска нафта на ниво на цела ЕУ до 2027 година.
Видете и ова: Трамп го повика НАТО да престане да купува руска нафта и да воведе царини за КинаОва би се постигнало со користење на правилата за внатрешен пазар, што значи дека одлуката не може да се блокира со вето.
Предлозите презентирани на 19 септември бараат едногласна поддршка. Претходните пакети санкции беа изменети неколку пати, бидејќи Унгарија, која има блиски врски со Русија, се обиде да ги ублажи.
„Нашите санкции функционираат. Тие имаат видливо влијание врз јавните финансии и економскиот раст на Русија. Европската Унија мора да ги засили овие напори заедно со своите партнери додека не се постигне мир“, изјави шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас на 19 септември.
Клучните точки на новите предложени санкции вклучуваат целосна забрана за трансакции со руски банки и финансиски институции, вклучително и оние што работат во трети земји, забрана за инвестиции во руските специјални економски зони поврзани со војната и дополнителни мерки против кинеските актери што ја поддржуваат руската воена индустрија.
„Овие нови санкции дополнително ќе го ограничат пристапот на Русија до технологии, вклучително и вештачка интелигенција и геопросторни податоци, како и клучни ресурси што се користат за производство на оружје. Ова ги вклучува и оние ресурси што Русија ги добива од странски добавувачи, вклучително и Кина и Индија“, рече Калас.
За прв пат, ЕУ, исто така, ќе ги санкционира дигиталните платформи и ќе воведе забрана за трансакции со криптовалути.
Видете и ова: Кинеските одбранбени универзитети ѝ помагаат на Русија да ги неутрализира санкциите и контролата на извозотПутин „нè завлекува“
Неколку часови пред објавувањето на пакетот, шефот на британската разузнавачка агенција МИ6, Ричард Мур, изјави дека Русија нема желба за мир во Украина.
Мур, кој се повлекува од функцијата на крајот на септември, зборуваше на темата во британскиот конзулат во Истанбул.
Тој рече оти „апсолутно нема докази“ дека рускиот претседател Владимир Путин сака вистински преговори и дека досегашното вклучување на Кремљ во разговорите било „завлекување“ додека тој продолжува со својата агресија против Украина.
„Сржта на проблемот е, и отсекогаш била, суверенитетот. Путин го негира суверенитетот на Украина и нејзиното постоење како држава и нација“, предупреди Мур.