Советот на министри на Босна и Херцеговина не ја усвои реформската агенда, што е еден од предусловите за БиХ да добие средства од Планот за раст на Европската унија за Западен Балкан, на својата седница на 17 септември.
Рокот за поднесување на конечната верзија на реформскиот план истече минатата година, по што износот планиран за БиХ беше намален за десет проценти, а новиот рок што го постави Европската комисија е 30 септември.
Доколку не го достават навреме, БиХ би можела да изгуби дополнителни 100 милиони евра од фондот што првично изнесуваше речиси милијарда евра за БиХ.
„Сè уште сум оптимист во врска со усвојувањето на Нацрт-агендата за реформи, иако документот денес не ја доби потребната поддршка“, изјави Борјана Кришто, претседателка на Советот на министри на Босна и Херцеговина по седницата.
Кришто рече дека надлежните институции имаат 772 коментари за кои треба да се постигне согласност.
„Мене ми е неверојатно што некој е против ова, а не ми е неверојатно што СНСД (Сојуз на независни социјалдемократи, предводен од Милорад Додик) е против ова. Единствената причина зошто некој урива е тоа што не сака напредок за БиХ. Не станува збор само за спречување на напредокот, туку за држење на сите граѓани како заложници“, рече Един Форто, министер за транспорт и врски на БиХ по седницата.
Видете и ова: Ако нема реформи до 2027, парите од Планот за раст ќе се вратат во ЕУФорто оцени дека политиката на СНСД, која има двајца министри од српскиот народ во државната влада и каде што барем еден мора да гласа за секоја одлука, „не може да се објасни поинаку освен дека сите работат за еден човек“.
„Тој се обидува да ја уценува целата држава и меѓународната заедница за укинување на санкциите. Тој не бара подобар статус за РС, туку подобар статус за себе“, додаде Форто, кој е претседател на владејачката Наша странка.
Министерот за надворешна трговија Сташа Кошарац, кадар на СНСД, рече дека „потребно е повеќе време за да се договорат уште некои елементи“ и дека „мора да се обезбеди видливоста на институциите на Република Српска во сите процеси“.
„Секако, видливоста на институциите на РС во спроведувањето на чекорите од Агендата за реформи е важна за нас. Мислам дека затоа е донесена таква одлука во првиот круг од гласањето. Имаме и втор круг“, рече Кошарац, кој гласаше против усвојувањето на агендата за реформи.
БиХ изгуби 108 милиони евра во јули бидејќи не ги исполни роковите. Тие пари беа пренасочени кон други земји во регионот.
Иако Советот на министри ја усвои Нацрт-агендата за реформи на крајот на јуни, оттогаш, властите на сите нивоа не направија ништо за да ја усвојат.
Властите во БиХ не беа во можност да се договорат за план за реформи речиси две години, бидејќи ентитетите и кантоните се расправаат за надлежностите, законите и реформите во неколку сектори, како што се образованието, социјалната политика и пазарот на трудот. Владите се расправаат и за новиот закон за државниот суд и обвинителство и Уставниот суд на БиХ.
Властите во Босна и Херцеговина планираа да номинираат инфраструктурни проекти во вредност од повеќе од 2,3 милијарди евра.
Со пари од ЕУ, БиХ планираше да ги заврши работите на паневропскиот Коридор 5Ц, кој би го поврзал хрватското пристаниште Плоче со Будимпешта.
Исто така, планирана е модернизација на железничката мрежа, а номинирани се и важни енергетски проекти и реконструкција на преносната мрежа, како и дигитализација на земјата.
Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан содржи вкупно шест милијарди евра, од кои четири милијарди се меки заеми, додека две милијарди се грантови. Парите од овој фонд се исплаќаат двапати годишно.
Србија веќе повлече над 110 милиони евра, Албанија 65 милиони, а Црна Гора 27 милиони евра.
Сите проекти од Планот за раст мора да бидат завршени до крајот на 2027 година, и нема да има продолжувања.