Во примероците од водата нема радиоактивност, а нема ниту опасни нивоа на тешки метали во почвата во Трубарево, објави вечерта на 16 септември Министерството за здравство откако Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) ги завршил вонредните анализи направени по пожарот што во саботата избувна во простории на фирмата за електронски и електричен отпад Ф-Групација во скопското село Трубарево.
„По анализата на резултатите од сите земени примероци, може да се заклучи дека нема отстапување од референтните вредности за сите испитани 16 тешки. Се забележува зголемување на 2 параметри Cu (бакар) и Zn (цинк) само од едно испитано место, а тоа е површинскиот слој каде што гореле литиумски батерии и истото е во рамките на очекувањата. Во сите останатите места нема отстапување од референтните вредности за испитаните 16 тешки метали“, посочуваат од Министерството за здравство.
Испитувањата и на почвата и на водата, додаваат оттаму, „ќе бидат повторени согласно протоколите во времето предвидено за тоа“.
За радиоактивност во воздухот, пак, вчера од ИЈЗ посочија дека анализите покажале оти такво нешто не е утврдено.
Видете и ова: Увидот за пожарот во Трубарево ќе започне утре, се бара нов притвор за осомниченитеНа 15 септември, од Државниот инспекторат за животна средина соопштија дека првичните резултати од мерењето на гасовите во воздухот од примероци земени на денот на пожарот покажуваат зголемување на сите параметри од два до три пати од дозволеното, додека јаглерод моноксидот чија просечна вредност не треба да надминува 10 mg/m3, била 300 mg/m3.
„Во петок ќе знаеме какви тешки метали се дигнаа над Скопје, а од гасовите има прелиминарни резултати кај кои има надминување на дозволените вредности. Поставени се мерни станици за да го следиме дневното ниво да се следи квалитетот на воздухот за да се знае колку се безбедни граѓаните во близина на пожарот“, изјави директорката на Инспекторатот, Ивана Гиновска.
Надлежните институции, исто така, информираа и дека фирмата имала важечка дозвола од 2021 со важност до мај 2026 година.
„Фирмата има одобрен елаборат за животна средина од 19 февруари 2021 година согласно кој стручни служби од Управата констатирале дека Ф-Групација може да започне со работа. Тоа се првични информации. Станува збор за отпад од електрична и електронска опрема, електрични батерии, акомулутари. Согласно дозволата, компанијата имала право да третира до 20 тони неопасен отпад и до 500 килограми опасен отпад во еден ден, односно за 24 часа“, рече директор на Управата за животна средина Игор Никоски на 15 септември.
Видете и ова: Има ли реални хибридни напади со пожарите?Утре, 17 септември, под координација на Основното јавно обвинителство Скопје ќе започне и увидот на лице место за да се утврдат причините за пожарот.
Во постапката што ја води ОЈО Скопје за овој пожар опфатени се четири лица од кои две се дел од сопственичката и управувачката структура, еден раководител и еден вработен. На нив на 14 септември им беше определен краткотраен притвор од 48 часа, а денеска беше побарано продолжување на мерката. Лицата се осомничени дека „со заеднички дејствија учествувале во извршување на кривичното дело загрозување на животната средина и природата со отпад“.
Пожарот во Трубарево избувна на 13 септември, а гаснењето траеше околу 30 часа.