Полските власти соопштија дека две лица – државјани на Белорусија и Украина, се приведени под сомнение дека летале дрон над државни згради на 15 септември, пренесува Асошиејтед прес.
Дронот, кој беше забележан како лета над претседателската палата Белведере во главниот град Варшава, беше неутрализиран од Службата за државна безбедност.
Двајцата осомничени се „млада Белорусинка“ и Украинец „во раните дваесетти години“, рече Јацек Добжински, портпарол на министерот за координација на специјалните служби.
Премиерот Доналд Туск првично на социјалните мрежи во понеделник вечерта напиша дека се приведени „двајца белоруски државјани“. Не е јасно зошто првичните информации се неточни.
Видете и ова: Нарушувањето на полскиот воздушен простор, го активира членот 4 од Договорот за НАТОСлужбата за државна безбедност соопшти дека полицијата ги испрашувала осомничените во текот на ноќта.
„Ги негираме гласините дека станува збор за масовна шпионска операција“, рече Добжински, додавајќи дека е прерано да се потврдат дополнителни детали.
Полска е во состојба на зголемена готовност откако повеќе руски дронови ги преминаа нејзините граници минатата недела. НАТО испрати борбени авиони да ги соборат беспилотните летала.
Ова беше првпат западните борбени авиони да соборат руски беспилотни летала во текот на војната во Украина, што предизвика нови стравувања во регионот кој е на раб на конфликт откако Москва започна целосна инвазија во 2022 година.
Русија во средата соопшти дека не ја таргетирала Полска, а сојузникот на Москва, Белорусија, наведе дека беспилотните летала биле пренасочени бидејќи биле блокирани. Но, некои европски лидери се убедени дека упадите биле намерна провокација од страна на Русија.