Достапни линкови

Вести

Нарушувањето на полскиот воздушен простор, го активира членот 4 од Договорот за НАТО

илустрација
илустрација

Претседателот на Полска, Карол Навроцки најави свикување на Националниот совет за безбедност во следните 48 часа. Неговата одлука следува по синоќешното нарушување на полскиот воздушен простор за време на рускиот напад со дронови врз западна Украина.

„Веста дека во рок од 48 часа ќе имаме целосни информации за тоа што се случи во Полска ме наведе да одлучам да свикам состанок на Советот за национална безбедност во рок од 48 часа, истакна Навроцки“, додавајќи дека сегашната ситуација е преседан во историјата на НАТО и Полска.

Претходно, полскиот премиер Доналд Туск соопшти дека поради синоќешниот упад на најмалку 19 руски дронови на полска територија е активиран е членот 4 од договорот на НАТО односно консултации кога на земја-членка и е загрозен територијалниот интегритет.

„Благодарни сме за зборовите на солидарност и поддршка од Алијансата, што е неопходна, но не е доволна. Тоа е заедничка одлука на претседателот на Полска и мојата земја. Член 4 е само увод во зајакнување на соработката и тука не се доволни зборовите. Очекуваме поголема помош. Оваа не е само наша војна . тоа не е исклучиво војна на Украинците, тоа е војна што Русија и ја објави на целиот слободен свет“, наведе Туск во Долниот дом на полскиот Парламент.

Туск ги информираше пратеници дека упадот на најмалку 19 руски дронови траел цела ноќ и оти последниот е соборен утрово во шест часот и 45 минути.

Во меѓувреме, портпаролката на НАТО, Алисон Харт изјави дека претставниците на Алијансата во Брисел денеска (10 септември) ќе разговараат за тоа како да одговорат на упадот со беспилотни летала во полскиот воздушен простор.

Таа додаде дека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте е во контакт со полските власти.

Харт потврди и дека противвоздушната одбрана на НАТО дејствувала заедно со полските сили против дроновите.

Според неименуван извор на НАТО, во синоќешната операција учествувале полски борбени авиони Ф-16, холандски Ф-35, италијански авиони за надзор и контрола на воздушниот сообраќај и авиони на НАТО за полнење гориво.

види ги сите денешни вести

update

Српските пратеници го усвоија законот со кој ќе може да се гради на местото на Генералштабот во Белград

Графика, Џаред Кушнер и предложениот изглед на проектот на локацијата на Генералштабот во Белград
Графика, Џаред Кушнер и предложениот изглед на проектот на локацијата на Генералштабот во Белград

Српските пратениците на 7 ноември го усвоија „лекс специјалис“ за комплексот згради на Генералштабот на архитектот Никола Добровиќ, оштетени во бомбардирањето на НАТО во 1999 година.

За тој закон, формално наречен „Измени и дополнувања на Законот за посебни постапки за реализација на проектот за ревитализација и развој на локацијата во Белград меѓу улиците Кнеза Милоша, Масарикова, Бирчанинова и Ресавска“, гласаа 130 пратеници, 40 беа „против“, а еден пратеник не гласаше.

Усвоен е и предлогот да се утврди постоење на особено оправдани причини тој Закон да стапи на сила порано од осмиот ден од денот на објавувањето.

Со посебниот закон, властите во Србија имаат намера да го отворат патот за изградба на таа локација, а намера да изгради луксузен хотел на почетокот на 2024 година изрази Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп .

Кушнер, кој е во брак со постарата ќерка на Трамп, Иванка, и беше советник во Белата куќа за време на првиот мандат на Трамп, минатата година најави хотелски комплекс вреден 500 милиони долари во Белград.

Станува збор за проект во центарот на Белград, објект, кој беше поранешен Генералштаб на Југословенската армија.

Локацијата беше бомбардирана од авиони на НАТО во пролетта 1999 година како дел од кампањата за спречување на српските сили да напаѓаат делови од Косово, кое сè уште беше дел од земјата.

И покрај тоа што беа бомбардирани, зградите го задржаа својот заштитен статус поради, како што велат активистите, нивното архитектонско значење.

Предложениот нов закон го поништува ова со тоа што го прогласува проектот за национален приоритет, наведувајќи дека „сите процедури поврзани со спроведувањето на проектот за ревитализација на Генералштабот треба да се сметаат за итни“ и „сите државни органи и институции се должни да донесат акти во рамките на нивната надлежност без одложување“.

Што е „Лекс специјалис“ и како реагираше опозицијата

По дефиниција, лекс специјалис (lex specialis) е посебен закон кој има предност пред општиот закон во случај кога двата регулираат иста материја.

Овој термин, до сега се однесуваше на посебни закони донесени за одредени проекти или ситуации, како што беше во случаите на изградба на проектите на актуелната власт „Белград на вода“, националниот стадион и изложбата ЕКСПО 2027.

Во расправата пред усвојувањето на законот, пратениците од опозицијата повикаа на повлекување на лекс специјалисот, сметајќи го за противзаконит, додека владејачкото мнозинство тврдеше дека зградата на Генералштабот не може да се обнови и дека треба да се сруши.

„Обновувањето е обидено, но не е можно поради оштетувањата и материјалот кој повеќе не се произведува“, рече шефот на пратеничката група „Србија не смее да застане“, Миленко Јованов.

Билјана Ѓорѓевиќ, народна пратеничка од опозицискиот Зелено-лев фронт, предупреди дека во одредбите на овој лекс специјалис стои дека тој стапува на сила ден по усвојувањето.

„Можам да замислам дека ќе почнат да рушат веќе следната недела. Секако дека граѓаните ќе дојдат и ќе се обидат да го спречат тоа, не можам да замислам поинаку“, рече Ѓорѓевиќ.

Таа потсети дека станува збор за објект во близина на зградата на Владата, во значаен архитектонски дел на Белград.

„Граѓаните од тоа не можат да имаат никаков интерес. Може да има само владејачкиот режим, за во овој момент да ги стопли односите со семејството Трамп“, наведе Ѓорѓевиќ.

Пратеникот на партијата Србија центар (СРЦЕ), Петар Бошковиќ, оцени дека зградата треба да се зачува, меѓу другото, бидејќи под неа „се наоѓа најголемото средиште на сите комуникации“.

„Владејачките пратеници по ова би требало да одговараат за велепредавство. Им предлагам идниот хотел да го преселат во Министерството за надворешни работи и Министерството за одбрана“, рече Бошковиќ во парламентот.

Пратеничката на Народното движење на Србија (НПС), Ивана Роквиќ, рече дека се руши симбол на историјата и државноста.

„Само заради останување на власт и богатење, за трошка од милоста на Трамп“, наведе Роквиќ.

Како се стигна до тука?

Законодавниот процес следи по серија битки околу проектот. Во ноември 2024 година, српската влада им ја одзеде на зградите- нивната заштитена ознака, отворајќи го патот за компанијата на Кушнер да продолжи понатаму. Тоа предизвика негодување кај заштитниците на историските споменици.

Во мај, обвинителите објавија дека службеникот за култура, задолжен за историската ознака на локацијата, фалсификувал потпис на клучен документ и бил уапсен.

Горан Васиќ, вршител на должноста директор на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, призна дека измислил експертско мислење и истрагата е во тек.

Во тоа време, компанијата на Кушнер, „Афинити партнерс“, негираше каква било вмешаност во фалсификување документи. Исто така, се обврза да изгради меморијален комплекс во рамките на местото, посветено на сите жртви од бомбардирањето на НАТО.

Локацијата беше вклучена на овогодинешниот список на најзагрозени места на културно наследство во Европа од страна на Европа Ностра, најголемата организација за заштита на наследството на континентот.

Кога делегација од групата го посети местото во јули, рече дека комплексот е „симбол на колективната одговорност за заштита на културното наследство на 20 век“.

Проектот беше критикуван и во Србија. Во 2024 година, поранешниот началник на Генералштабот на Србија, Здравко Понос, го обвини Вучиќ дека „инвестира во својата политичка иднина“ и го спореди секој договор за откажување од контролата врз местото, со предавање на „семеен скапоцен камен“.

Политичарите од различен спектар рекоа дека треба да се зачува како историски споменик.

Но, Вучиќ рече дека проектот „ќе придонесе главниот град да стане центар на овој дел од светот“ и ќе му помогне на Белград да се позиционира како „непропустлива дестинација и пожелно седиште за најголемите корпорации, универзитети и меѓународни институции“.

Москва бара објаснување од Вучиќ

Марија Владимировна Захарова, портпаролка на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација (МНР на Русија).
Марија Владимировна Захарова, портпаролка на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација (МНР на Русија).

Руското Министерство за надворешни работи побара од Белград да ја појасни изјавата на српскиот претседател, Александар Вучиќ, во врска со можната продажба на муниција на Европската унија, јавува новинската агенција Ројтерс.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, на редовниот брифинг на 7 ноември рече дека Москва бара појаснување за објавата на Вучиќ дека Србија е подготвена да продава муниција на земјите од ЕУ, „дури и ако би можела да заврши во Украина“.

„Србија повеќепати ја уверуваше Русија дека нејзината муниција нема да доспее во украински раце. Затоа, коментарите на Вучиќ бараат официјално објаснување од Белград“, рече Захарова на 7 ноември во Москва.

Германскиот магазин за политика и култура „Cicero“ објави интервју со претседателот на Србија на 30 октомври, во кое, како што се наведува, Вучиќ изразил подготвеност на Србија да извезе поголеми количини муниција во ЕУ и дека нема проблем со тоа доколку таа заврши на бојното поле во Украина.

„Купувачите нека прават со стоката што сакаат“, изјави Вучиќ во интервјуто за Cicero.

Одговорот на Србија

Србија не испорачува вооружување и воена опрема на страните во конфликтот каде било во светот, соопшти на 7 ноември државната секретарка во Министерството за надворешни работи на Србија (МНР), Невена Јовановиќ.

Таа, реагирајќи на изјавата на Захарова, наведе дека Белград строго се придржува до меѓународните прописи и правилата на Обединетите нации.

Додаде дека српското МНР изразува изненадување од коментарот на Захарова во врска со оваа тема.

„Посочуваме дека Србија е суверена и независна држава која одлуките ги носи исклучиво во согласност со своите национални интереси. Од претставниците на пријателските држави очекуваме уважување на тој факт“, објави Јовановиќ.

Таа наведе и дека Србија е единствената земја во Европа надвор од Заедницата на независни држави (сојуз на десет држави од поранешниот Советски Сојуз) која не вовела санкции кон Руската Федерација.

„Вреди да се потсети дека нашата земја од декември 2021 година не отвори ниту едно поглавје во процесот на пристапување кон Европската унија, иако можеше. Интересно е, секако не случајно, што тој датум се совпаѓа со почетокот на војната во Украина“, заклучи државната секретарка Јовановиќ.

Таа додаде дека Србија, како што наведе, и понатаму ќе ја води политиката во согласност со сопствените интереси.

Какво оружје поседува Србија ?

Весникот „Украинска правда“ по интервјуто на Вучиќ за „Cicero“ објави дека складиштата за муниција во Србија се полни, со особено големи резерви на минофрлачки гранати.

„Србија е подготвена на пријателите во Европа да им понуди сè што има и тоа е феноменален придонес за европската безбедност“, рече Вучиќ, пишува Cicero.

Додаде дека Србија е апсолутно подготвена да соработува со ЕУ по воени прашања и дека чека одговори од европските земји на нејзиниот предлог.

Москва потоа реагираше со изјавата на портпаролот на претседателот на Руската Федерација Владимир Путин, Дмитриј Песков, дека Русија разбира „каков невиден притисок се врши врз Србија“ и прашањето за извозот на српско оружје го опиша како „никако едноставна приказна“.

Руската Служба за надворешно разузнавање (СВР) во јуни соопшти дека српските фирми го зголемувале индиректното испорачување оружје на Украина преку земји од ЕУ како Чешка и Бугарија.

Белград во исто време соопшти дека го запрел извозот на муниција, вооружување и воена опрема произведена во Србија, по критиките од Москва и во екот на израелско-иранскиот конфликт.

Претседателот Вучиќ изјави на 23 јуни дека муницијата до понатамошно ќе биде испорачувана само во домашните касарни и ја потврди својата изјава за израелските медиуми дека Србија, по нападот на палестинското движење Хамас на Израел на 7 октомври 2023 година, продавала муниција на Израел.

„Денес ситуацијата е поинаква. Запревме буквално сè“, рече Вучиќ.

Министерството за одбрана на Србија и Министерството за внатрешна и надворешна трговија не одговорија на прашањата на Радио Слободна Европа упатени на 6 ноември - дали од 23 јуни, кога беше донесена одлуката, до денес од Србија е извезено вооружување и воена опрема.

Белград повеќепати демантираше дека Србија директно извезува оружје во Украина или Русија и соопшти дека не може да влијае дали српското оружје од трети земји ќе заврши на украинскиот фронт.

Колку извезува Србија не е познато бидејќи извештаите од Министерството за трговија ги нема со години. Последниот таков документ, е објавен за 2022 година. Во тој извештај стои дека во периодот од 2005 до 2022 година, вкупната вредност на реализираните извозни дозволи за стока со двојна намена е 77,97 милиони долари.

Од друга страна, Србија ги известува меѓународните организации за извозот на оружје. Годишните извештаи на Србија за извоз и увоз на конвенционално оружје од 2015 до 2024 година се достапни на страницата на Arms Trade Treaty (ATT) – меѓународниот Договор за трговија со оружје, со седиште во Женева, чиј потписник е 166 земји. Во нив се гледа структурата на извозот, но не и вредноста.

Според извештајот на ATT, Србија во 2024 година извезла 16.185 артилериски системи од голем калибар во Азербејџан (6.500), Бугарија (6.250), САД (1.757), Јужна Африка (1.310), Уганда, Обединетите Арапски Емирати, Малави, Израел, Турција, Индија и Нигерија.

Грчките лекари протестираа против „мизерните“ услови во болниците

Архивска фотографија, Мигрантка лежи во болница откако нејзиниот чамец потона, во близина на грчкиот остров Лезбос, Грција.
Архивска фотографија, Мигрантка лежи во болница откако нејзиниот чамец потона, во близина на грчкиот остров Лезбос, Грција.

Стотици лекари одржаа мирен протест пред грчкото Министерство за здравство на 7 номеври, втор ден од штрајкот против она што синдикатите го нарекуваат „мизерни“ услови во болниците и за персоналот и за пациентите.

Федерацијата на работници во јавните болници (ПОЕДХН), еден од организаторите на протестот, соопштија дека „животите на пациентите се во ризик“ и дека здравствениот персонал е на работ на „професионална исцрпеност“ поради условите предизвикани од кратењето на трошоците.

Синдикатот, исто така, соопшти дека новите лекари ја избегнуваат работата во болниците поради ниските плати. Сериозни кратења во здравствените трошоци беа дел од плановите за справување со финансиската криза во Грција од 2008 до 2018 година.

Здравствениот буџет на Грција изнесува 8,5 проценти од бруто домашниот производ, наспроти просекот од 10,4 проценти во земјите на Европската унија.

Јанис Галанопулос од Федерацијата на синдикати на грчки болнички лекари (ОЕНГЕ) на прес-конференција обвини дека болниците станале толку „мизерни“ места, што дури и пациенти се сместени во кревети низ ходници.

Тој посочи дека голем дел од болничката инфраструктурата е застарена. Кратењата доведоа до недостиг на основни залихи и опрема, а многу болници се пренатрупани, што резултира со сместување на пациенти во ходниците. Поради недостиг на персонал и ресурси, пациентите честопати мора да чекаат долго време за закажување операции и специјалистички прегледи.

Приведени демонстранти кои прекинаа израелски концерт во Париз

Илустрација, архивска фотографија, про- палестински поддржувач во Париз, Франција
Илустрација, архивска фотографија, про- палестински поддржувач во Париз, Франција

Демонстранти користеа светлечки ракети за да прекинат концерт на Израелската филхармонија во Париз во четвртокот вечерта, соопштија француските власти на 7 ноември. Четворица од нив вечерта беа приведени. Ова е најнов во бранот антиизраелски инциденти поврзани со конфликтот во Газа.

На снимките објавени на социјалните мрежи, се гледаат демонстранти како палат светлечки ракети и скандираат пропалестински слогани во концертната сала „Ла Филхармони“ во северен Париз, додека некои членови на публиката и обезбедувањето се обидуваа да ги отстранат.

И покрај хаосот и неколкуте прекини, концертот продолжи откако демонстрантите беа евакуирани.

„Силно ги осудувам акциите извршени синоќа за време на концерт во Филхармонијата во Париз. Ништо не може да ги оправда“, напиша министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез на социјалната платформа „Х“ (порано позната како Твитер).

„Им благодарам на вработените од париската полиција кои овозможија брзо апсење на неколку сторители на сериозни нарушувања во салата и ги задржаа демонстрантите надвор. Четири лица се приведени“, додаде тој.

Обвинителството во Париз соопшти дека три жени и еден маж се во притвор, под обвинение за насилство, уништување и организирање неовластен протест.

Министерката за култура, Рашида Дати, на Х ги осуди нарушувањата како спротивни на „основните права на нашата Република“.

Филхармонијата соопшти дека поднела кривична пријава.

Москва бара од Вучиќ да ја дообјасни изјавата за продажба на муниција од Србија

Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова
Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова

Министерството за надворешни работи на Русија го повика Белград да ја разјасни изјавата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во врска со можната продажба на муниција на Европската Унија, објави Ројтерс.

Портпаролката на министерството, Марија Захарова, на редовниот брифинг на 7 ноември изјави дека Москва бара разјаснување за најавата на Вучиќ дека Србија е подготвена да продава муниција на земјите од ЕУ, „дури и ако тоа може да заврши во Украина“.

„Србија постојано ја уверуваше Русија дека нејзината муниција нема да падне во украински раце. Затоа коментарите на Вучиќ бараат објаснување од Белград“, изјави Захарова во Москва.

На 30 октомври, германското списание за политика и култура „Цицеро“ објави интервју со претседателот на Србија во кое, како што е наведено, Вучиќ ја изразил подготвеноста на Србија да извезува поголеми количини муниција во ЕУ и дека нема проблем со тоа ако заврши на бојното поле во Украина.

„Нека клиентите прават што сакаат со стоката“, рече Вучиќ во интервју за „Цицеро“.

Потоа весникот „Украинска правда“ објави дека магацините за муниција во Србија се полни, со особено големи залихи на минофрлачки гранати.

„Србија е подготвена да им понуди на своите пријатели во Европа сè што има и тоа е феноменален придонес кон европската безбедност“, рече Вучиќ, пишува Цицеро.

Тој додаде дека Србија е апсолутно подготвена да соработува со ЕУ за воени прашања и дека чека одговори од европските земји на нејзиниот предлог.

Москва потоа реагираше со изјавата на портпаролот на претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, Дмитриј Песков, дека Русија разбира „каков невиден притисок се врши врз Србија“ и го опиша прашањето за извозот на српско оружје како „воопшто неедноставна приказна“.

Руската служба за надворешно разузнавање (СВР) во јуни објави дека српските компании ги зголемуваат индиректните испораки на оружје во Украина преку земјите од ЕУ како што се Чешка и Бугарија.

Во исто време, Белград објави дека го суспендирал извозот на муниција, оружје и воена опрема произведена во Србија, по критиките од Москва и во екот на израелско-иранскиот конфликт.

Претседателот Вучиќ на 23 јуни изјави дека муницијата ќе се испорачува само во домашните касарни и ја потврди својата изјава за израелските медиуми дека Србија продала муниција на Израел по нападот на палестинското движење Хамас на 7 октомври 2023 година.

„Ситуацијата денес е поинаква. „Буквално сè запревме“, рече Вучиќ.

Министерството за одбрана на Србија и Министерството за внатрешна и надворешна трговија не одговорија на прашањата на Радио Слободна Европа на 6 ноември - дали од 23 јуни, кога беше донесена одлуката, до денес, се извезува оружје и воена опрема од Србија и, ако е така, каде, што и во какви количини.

Белград постојано негираше дека Србија директно извезува оружје во Украина или Русија и објави дека не може да влијае дали српското оружје од трети земји ќе заврши на украинскиот фронт.

Колку Србија извезува не е познато бидејќи со години нема извештаи од Министерството за трговија. Последниот таков документ, како што покажува пребарувањето на порталот на надлежните е објавен во 2022 година.

Швајцарскиот „Гунвор“ се откажа од купување на рускиот „Лукоил“ во странство

илустрација
илустрација

„Гунвор“ објави дека ја повлекол својата понуда за купување на средствата на руската енергетска компанија „Лукоил“, откако Министерството за финансии на Соединетите Дражави ја нарече швајцарската компанија „марионета на Кремљ“, објави „Ројтерс“.

Откако САД сигнализираа дека не ја поддржуваат аквизицијата на „Гунвор“, директорот за корпоративни работи на фирмата од Женева, Сет Пјетрас, објави дека изјавата на Министерството за финансии на САД е фундаментално погрешна и неточна.

„Компанијата ја поздравува можноста да исправи очигледно недоразбирање. Во меѓувреме, „Гунвор“ ја повлекува својата понуда за меѓународните средства на „Лукоил“, рече Пјетрас.

Ова го прекинува она што може да биде најголемата аквизиција на „Гунвор“, додека „Америка“ го користи ембаргото за да ја изолира Русија и да ги намали приходите на Москва што може да ги користи за војната во Украина.

„Претседателот Доналд Трамп јасно стави до знаење дека војната мора веднаш да заврши. Додека рускиот претседател Владимир Путин продолжува со своите бесмислени убиства, марионета на Кремљ, „Гунвор“, никогаш нема да добие лиценца за работа и остварување профит“, објави Министерството за финансии на САД.

Московската Лукоил, втората по големина нафтена компанија во Руската Федерација, е под притисок да продаде средства во странство до 21 ноември - рокот на Вашингтон за фирмите да ги прекинат деловните трансакции со Лукоил.

„Со оглед на краткиот рок, ова би можело да доведе до значителен попуст за време на продажбата“, оценија аналитичарите на брокерската куќа PSB од Москва, објави Ројтерс.

На 30 октомври, пет дена по воведувањето на ембаргото на САД, Лукоил објави дека ќе ги продаде своите средства во странство на групацијата Гунвор, со седиште на Кипар, која е специјализирана за трговија и транспорт на сурова нафта и природен гас.

Претходно, Велика Британија воведе санкции врз најголемата руска нафтена компанија Роснефт и Лукоил на 15 октомври во дополнителен обид да ги заостри енергетските санкции и да ги намали приходите на Кремљ.

„Овие две компании се сметаат за стратешки важни за Кремљ“, објави британската влада.

„Роснефт“ е водечки производител на нафта во Русија, со околу 40 проценти од вкупното производство.

Во Европската Унија, „Лукоил“ работи во Бугарија, каде што има рафинерија, во Романија и во Хрватска, додека во регионот има бензински пумпи во Србија, Црна Гора и Северна Македонија.

„Лукоил“ има малку поголем удел на пазарот на нафтени деривати во Србија од седум проценти, со 112 бензински пумпи и два магацини за нафта.

До воведувањето на санкциите на САД врз Нафтената индустрија на Србија (НИС), исто така во сопственост на Русија, на 9 октомври, „Лукоил“ купуваше дел од своето гориво од НИС, која има рафинерија во Панчево во близина на Белград.

Затворен аеродромот во белгискиот град Лиеж поради дронови

Белгискиот аеродром Лиеж ги обнови летовите по привремената суспензија поради забележан дрон, соопшти националната служба за контрола на воздушниот сообраќај во петок, 7 ноември.

Ова е втор ваков инцидент во Белгија оваа недела, објави Ројтерс.

Контролата на воздушниот сообраќај Скеес пријави дека добила пријава за дрон над аеродромот околу 7:30 часот наутро, што предизвикало прекин на сообраќајот околу 30 минути.

„Мораме сериозно да го сфатиме секој извештај“, изјави портпаролот на Скеес, Курт Вервилиген, додавајќи дека летовите наскоро биле обновени.

Дроновите забележани над аеродромите во Брисел и Лиеж во вторникот предизвикаа пренасочување на голем број дојдовни авиони и доцнење на заминувачките летови.

Регистрирањето дронови над аеродромите и воените бази стана постојан проблем во Белгија во последните денови и доведе до значителни прекини во воздушниот сообраќај низ цела Европа во последните месеци, потсетува Ројтерс.

Во четврток, слични инциденти предизвикаа привремено затворање на аеродромите во неколку европски земји, вклучувајќи ја и Шведска.

Некои официјални лица ги нарекоа инцидентите форма на „хибридна војна“ од страна на Русија, иако Москва негира каква било поврзаност со настаните.

Владата на Белгија во четврток свика итен состанок на клучните министри и шефови на безбедносни служби за да разговараат за ситуацијата, а министерот за одбрана го нарече инцидентот „координиран напад“.

Средба Трамп-Орбан во Белата куќа, најавен договор за соработка во нуклеарната енергија

Унгарскиот премиер Виктор Орбан и американскиот претседател Доналд Трамп во Флорида (архивска фотографија)
Унгарскиот премиер Виктор Орбан и американскиот претседател Доналд Трамп во Флорида (архивска фотографија)

Унгарија ќе потпише договор за соработка во нуклеарната енергија со САД, вклучувајќи договор за купување американско нуклеарно гориво и американска технологија за складирање на потрошено гориво во нуклеарна централа изградена во Русија, изјави во петок (7 ноември) унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.

Договорот ќе биде потпишан за време на средбата на американскиот претседател Доналд Трамп со унгарскиот премиер Виктор Орбан подоцна денеска, а се очекува двајцата лидери да разговараат за зависноста на Унгарија од руска нафта.

„Ќе потпишеме голем меѓувладин договор за соработка во нуклеарната енергија со мојот колега министер за надворешни работи Марко Рубио“, рече министерот за надворешни работи Петер Сијарто.

Унгарија е една од ретките земји од ЕУ што одржува блиски односи со Москва по руската инвазија на Украина и не сакаше да ја намали својата зависност од руската енергија.

Трамп е поддржувач на десничарскиот лидер Орбан, но ги повика европските земји да ги намалат енергетските врски со Москва и да купат повеќе енергија од САД.

Сијарто рече дека Унгарија ќе купи американско нуклеарно гориво за својата нуклеарна централа изградена во Русија во Пакш за да ги задоволи своите растечки енергетски потреби.

Руската компанија „Росатом“ моментално гради два нови реактори во Пакш. Проектот за проширување „Пакш II“, кој значително се одложи, му беше доделен во 2014 година на „Росатом“ без тендер.

„Покрај одржувањето на постојните односи со добавувачите, за прв пат во енергетската историја на Унгарија ќе купиме и американско нуклеарно гориво“, рече Сијарто.

Унгарија ќе купи и американска технологија што ќе овозможи безбедно складирање на потрошеното нуклеарно гориво во нуклеарната централа Пакш, додава Сијарто во соопштението.

Министерот рече дека договорот ќе ги опфати и малите модуларни нуклеарни реактори.

Во август, Унгарија објави дека соработува со полската компанија „Синтос Грин Енерџи“, која ги држи правата за технологијата на „ГЕ Вернова Хитачи“ на мали модуларни реактори во централна Европа.

Акционерите на „Тесла“ му ја одобрија „платата на векот“ на Маск

Илон Маск, Остин, Тексас, 6 ноември 2025 година
Илон Маск, Остин, Тексас, 6 ноември 2025 година

Акционерите на „Тесла“ одобрија план за компензација од еден билион долари за извршниот директор Елон Маск, со што најбогатиот човек во светот ја добива најголемата корпоративна исплата во историјата ако ги исполни целите потребни за да ја добие.

Пакетот, на кој се спротивставија неколку истакнати инвеститори, покажува дека акционерите сè уште веруваат дека Маск може да го води производителот на автомобили во ера доминирана од роботиката и вештачката интелигенција, објави „Гардијан“.

Скандирањата „Илон“ одекнуваа низ просторијата по веста за неговото одобрување.

„Ви благодарам, момци“, рече Маск, откако кратко танцуваше на сцената покрај роботот „Оптимус“ на компанијата.

Гласањето беше објавено на годишниот состанок на акционерите во Остин, Тексас, каде што повеќе од 75 проценти од инвеститорите гласаа за планот.

Маск претходно изјави дека сака пакет на плати за да може да врши поголема контрола врз компанијата и „силно влијание врз оваа роботска армија“ што вети дека ќе ја изгради додека компанијата се проширува во роботиката.

Доколку Маск ги исполни високите цели во пакетот на плати наведени на годишниот состанок на Тесла, тој би можел да стане првиот милијардер во светот. За да го стори тоа, ќе треба да ја доведе Тесла до пазарна капитализација од 8,5 трилиони долари, осум пати поголема од нејзината сегашна вредност.

Тој исто така ќе треба да распореди милиони автономни возила и хуманоидни роботи и да го задржи профитот на компанијата во стотици милијарди долари во следната деценија.

Главните цели на планот за компензација, поделени во 12 транши, го отвораат патот за Тесла да постигне огромна пазарна капитализација. Доколку може да ја доведе компанијата до таа финансиска висина, Маск ќе може да заработи дополнителни 12 проценти од акциите на компанијата.

Во текот на една деценија, Маск ќе мора да им испорача на клиентите 20 милиони електрични возила „Тесла“, да продаде 10 милиони активни претплати за целосно автономни возила, да развие и продаде еден милион хуманоидни роботи и да распореди еден милион роботски такси во комерцијална употреба.

Маск, исто така, ќе мора да ја доведе компанијата до 400 милијарди долари реални приходи во четири последователни квартали.

Реалните приходи на „Тесла“ за третиот квартал од 2025 година изнесуваа 4,2 милијарди долари, што е намалување од девет проценти во однос на претходната година.

Заклучно со ноември, нето вредноста на Маск беше 460 милијарди долари, највисока во светот, според индексот на милијардери на „Блумберг“.

Грузија отвори нови кривични постапки против Сакашвили и други опозиционери

Главниот обвинител на Грузија, Гиорги Гваракидзе (фотоархива).
Главниот обвинител на Грузија, Гиорги Гваракидзе (фотоархива).

Канцеларијата на обвинителството на Грузија во четврток отвори серија кривични случаи против водечки опозициски политичари, вклучувајќи го и затворениот поранешен претседател Михаил Сакашвили, само два дена откако Европската унија ја критикуваше земјата за нејзиното назадување во демократските реформи.

Главниот обвинител Гиорги Гваракидзе на прес-конференција ги објави обвинувањата против опозиционерите, кои вклучуваат саботажа, помагање и поттикнување непријателски настроени активности кон државата и повикување на соборување на владата.

Владејачката партија Грузиски сон, која е на власт од 2012 година, минатата недела најави дека ќе поднесе тужба до Уставниот суд со која ќе бара забрана за три опозициски групи бидејќи наводно претставувале „вистинска закана за уставниот поредок“.

Доколку бидат осудени, на осумте обвинети опозиционери – Елена Коштарија, Зураб Џапаридзе, Гиорги Вашадзе, Ника Гварамија, Ника Мелија, Мамука Хазарадзе, Бадри Џапаридзе и Сакашвили, им се заканува затворска казна до 15 години.

Сите обвинети веќе се во затвор за други обвиненија, освен Хазарадзе и Бадри Џапаридзе.

„Прорускиот режим денес ги прогонува не само политичарите, туку и европскиот пат на Грузија. Отпорот ќе продолжи по секоја цена. Решени сме да се бориме за мирни политички промени со сите законски и политички средства“, изјави опозициската коалиција „Силен сон“ откако беа објавени обвиненијата.

„Сериозно назадување на демократијата“

Комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, презентирајќи го годишниот извештај за напредокот на кандидатките за членство, во вторникот изјави дека Грузија е кандидатка „само по име“ поради „сериозно назадување на демократијата“.

Владејачката партија Грузиски сон ги отфрли тврдењата на Кос, обвинувајќи го Брисел за мешање во внатрешните работи на земјата.

Според главниот обвинител Гваракидзе, Сакашвили е обвинет според членот 317 од Кривичниот законик односно за поттикнување на извршување незаконски дејствија, што носи казна до три години затвор.

Сакашвили, кој ја водеше Грузија од 2004 до 2013 година, отслужува затворска казна за разни прекршоци, вклучително и злоупотреба на службената должност. Се очекува тој да остане во затвор до 2034 година.

По поранешниот претседател во Грузија некои го воспеваат, други го критикуваат сметајќи го за непредвидлив и авторитарен. Неговите критичари го обвинуваат и за кратката војна на Грузија со Русија во 2008 година, која заврши со губење на контролата врз два региона – Абхазија и Јужна Осетија.

Останатите обвиненија против опозициските политичари вклучуваат давање информации на странски претставници за увозот на нафта и воените активности на Грузија, организирање протести и обид за „радикализирање“ на демонстрациите по парламентарните избори во 2024 година, за кои опозицијата тврди дека биле наместени.

Односите на Грузија со ЕУ се влошија откако Тбилиси минатата година донесе анти-ЛГБТ закон и таканаречен закон за „странски агенти“.

Релациите дополнително се влошија по парламентарните избори во октомври 2024 година, на кои партијата Грузиски сон ја задржа власта. Владејачката партија потоа одлучи да ги прекине преговорите за пристапување во ЕУ, додека продолжи да води политики што многумина, вклучително и Брисел, ги сметаат за пријателски настроени кон Русија.

Од изборите, во Тбилиси секојдневно се одржуваат протести, а истите се интензивираа откако власта објави прекин на преговорите со ЕУ.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG