Екипи на безбедносните служби под координација на јавен обвинител, утре (17 септември) ќе го започнат увидот за причините за пожарот во фабриката за електричен и електронски отпад на фирмата Ф-Групација во Трубарево, информираше Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје.
„По наредба на јавниот обвинител екипи на СВР Скопје и денеска излегоа на лице место со цел преземање дејствија и прибирање определени докази потребни во однос на постапката за загрозување на животна средина со отпад. Во континуитет се преземаат повеќе дејствија на обезбедување и анализа на документација“, велат од Обвинителството.
Видете и ова: Идентификувани дваесетина лица за кои постојат сомневања дека ги предизвикале пожаритеПожарот во Трубарево избувна на 13 септември, а гаснењето траеше околу 30-тина часа.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на 15 септември повикувајќи се на информации од форензичарите рече дека увид може да се прави најрано 24 часа по целосно гаснење на пожарот, а препорачливо е и 48 часа.
Исто така на 15 септември, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов информираше дека пожарот е целосно изгаснат и опожарената површина е затрупана со песок и земја.
Во постапката што ја води ОЈО Скопје за овој пожар опфатени се четири лица од кои две се дел од сопственичката и управувачката структура, еден раководител и еден вработен.
На нив на 14 септември им беше определ краткотраен притвор од 48 часа, кој завршува денеска.
Од ОЈО Скопје информираа дека поднеле предлог за нов 48-часовен притвор. Лицата се осомничени дека „со заеднички дејствија учествувале во извршување на кривичното дело загрозување на животната средина и природата со отпад“.
Видете и ова: Има ли реални хибридни напади со пожарите?Во последниот период, за кратко време се случија неколку пожари во скопскиот регион. Покрај фабриката за отпад во Трубарево, гореа депониите Дрисла и Вардариште, како и сервиси за возила во скопската населба Пинтија.
Владини претставници тврдат дека станува збор за хибридни напади, додека опозицијата обвинува дека тоа е само ПР драма на премиерот Христијан Мицкоски во неможност да се справи со ситуацијата.