Зеленски ја повикува Европа да развие систем за воздушна одбрана по последниот руски напад

Пожар во рускиот воздушен напад во Киев, 16 септември.

Претседателот на Украина Володимир Зеленски ја повика Европа да продолжи со развивање на воздушната одбрана откако Русија повторно го бомбардираше украинскиот град Запорожје, при што беа повредени најмалку 13 лица, вклучувајќи и две деца.

Зеленски на социјалните мрежи на 16 септември порача дека руските ракети намерно биле насочени кон цели „за да го тероризираат нашиот народ“, оштетувајќи „многу станбени згради“.

Тој додаде дека од почетокот на септември, повеќе од 3.500 беспилотни летала и речиси 190 ракети, како и повеќе од 2.500 воздушни бомби, биле лансирани од Москва кон цели во Украина, а имаше и „провокации против нашите партнери“.

„Ова е токму видот на воздушен терор против кој Украина повикува на заедничка одбрана“, наведе Зеленски.

„Сега е време да се спроведе заедничка заштита на нашето европско небо со повеќеслоен систем за воздушна одбрана. Сите технологии за ова се веќе воспоставени. Потребни се инвестиции и решителност – силни акции и одлуки од сите наши партнери“, додаде тој.

Видете и ова: Едно лице загина, 13 се повредени во руски напад врз Запорожје

Прашањето за одбрана од беспилотните летала што ги лансира Русија стана главна тема на разговор откако повеќе од десетина руски дронови извршија упад во воздушниот простор на Полска минатата недела. По ова следеше уште еден упад во воздушниот простор на НАТО од страна на руски беспилотен авион во Романија.

Во годишниот говор за состојбата на Европската Унија на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, што таа го имаше оваа недела, беше јасно ставено до знаење дека блокот треба да ја подобри својата одбрана од беспилотни летала. Исто така, таа најави заем од 6 милијарди евра за формирање „алијанса за дронови“ со Украина.

Таа предложи „Источна гарда“ за која рече дека ќе обезбеди „вселенски надзор во реално време“ на сите воздушни движења од Балтичкото до Црното Море.

Фон дер Лајен, исто така, се обврза и на изградба на „ѕид од беспилотни летала“ – нешто што нејзината ЕК првично одби да го финансира кога за ист ваков потфат Естонија, Латвија и Литванија побараа европски пари претходно оваа година.

Засега има малку детали за сето ова: нема конкретни бројки за буџетот, прецизен географски опсег или временска рамка, освен тоа што се очекува во октомври Европската комисија да презентира план со нови заеднички одбранбени проекти.

„Во овие гранични земји треба да создадеме ’ѕид од беспилотни летала‘ заедно со Украина и да ја вклучиме Украина во овој проект“, изјави европскиот комесар за одбрана и вселена Андриус Кубилиус за украинската новинска агенција Укринформ на 15 септември.

Видете и ова: Можат ли земјите од НАТО да престанат да купуваат руска нафта, како што бара Трамп?

Денеска, 16 септември, Зеленски во интервју за Скај њуз, изјави и дека е потребен „јасна позиција“ од американскиот претседател Доналд Трамп за санкциите против Русија и за безбедносните гаранции за Украина.

Тој, исто така, го повика Трамп, кој денеска ја започна својата официјална посета на Велика Британија, да преземе „силни лични чекори“ за да го „запре Путин“.

„Верувам дека САД се доволно силни за да носат свои одлуки … Верувам дека Доналд Трамп може да ни даде системи за воздушна одбрана и дека САД ги имаат доволно на број“, рече Зеленски.

„Сигурен сум дека САД можат да применат доволно санкции за да ѝ наштетат на руската економија, плус Доналд Трамп има доволно сила за да го исплаши Путин. Европа веќе воведе 18 пакети санкции против Русија. И сè што недостасува сега е силен пакет санкции од САД“, додаде тој.

Официјалните претставници на ЕУ на 16 септември изјавија дека 19-тиот пакет санкции против Русија ќе биде одложен откако Трамп побара Европа побрзо да ги прекине купувањето руска нафта и гас.

Видете и ова: Кремљ сака да ја „олади“ руската економија и зошто тоа би можело да биде проблем?

Вашингтон изјави дека ќе се воздржи од воведување дополнителни тарифи за земји како Кина за да се запре купувањето руска нафта.

Се очекува новите мерки на ЕУ против Русија поради нејзината целосна инвазија на Украина да бидат насочени кон повеќе банки, таканаречената флота во сенка на Кремљ, фирми од трети земји, како и да стават на црна листа голем број поединци, особено оние што се сметаат за одговорни за киднапирањето на украински деца.