Во разорниот земјотрес на истокот на Авганистан на 31 август загинаа повеќе од 1.400 лица - соопштија на 2 септември талибанските власти, кои побараа помош од странство.
Претходно, беше соопштено дека бројот на загинати во земјотресот се искачил на 1.124.
Најмалку 3.251 лице е повредено, а повеќе од 8.000 куќи се уништени во катастрофата, беше наведено.
Талибанските власти утрото по земјотресот, на 1 септември, првично соопштија дека најмалку 800 луѓе загинале, а речиси 3.000 се повредени во земјотресот со јачина од 6 степени според Рихтеровата скала, со епицентар кај Џалалабад, близу пакистанската граница.
„Потребна ни е (помош), бидејќи многу луѓе овде ги загубија своите животи и домови“, изјави портпаролот на Министерството за здравство под контрола на талибанците, Шарафат Заман, за Ројтерс на 1 септември.
Видете и ова: Продолжува потрагата по загинатите во земјотресот во АвганистанВладата предводена од талибанците не е официјално признаена од ниту една земја, освен Русија, иако хуманитарните организации се обидуваат да одржат контакти, и покрај пречките што всушност самите талибански власти ги поставија.
Амнести интернешнл упати повик за „итна хуманитарна помош“, но оваа организација за човекови права со седиште во Лондон исто така остро ги критикуваше талибанците поради отежнување на операциите за спасување. Исто така го критикуваше и Пакистан поради истовремената присилна репатријација на речиси два милиони авганистански бегалци, велејќи дека тоа ги влошува проблемите.
„Де факто, талибанските власти се исто така одговорни за намалувањето на работата на хуманитарните и помошните агенции во земјата, поради рестриктивните политики и забраната за работа на авганистанските жени за ОН, како и за други невладини организации во Авганистан. Ова е дел од систематскиот напад на талибанците врз човековите права во земјата“, се наведува во соопштението на Амнести интернешнл.
Меѓународните организации кои ја подготвуваат помошта вложија напори да нагласат дека целата помош ќе оди кај жртвите, а не во рацете на талибанските лидери.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека светската организација соработува со властите со цел „брзо да се проценат потребите, да се обезбеди итна помош и да се биде подготвен за мобилизирање на дополнителна поддршка“.
Мисијата на ОН во Авганистан додаде дека се „изгубени стотици животи“ и дека се мобилизирала за да обезбеди помош и поддршка за спасување животи, додека Европската унија (ЕУ) изрази „целосна солидарност со народот на Авганистан“.
Видете и ова: Стотици луѓе настрадаа во земјотрес во АвганистанКатастрофата се случи во време кога осиромашената земја се соочува со намалување на меѓународната помош поради преземањето на власта од страна на талибанците и враќањето на стотици илјади авганистански бегалци од соседните земји.
„Селата се изградени на начин што куќите се поставени, една над друга“, изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ) Салам Ал-Џанаби, портпарол на УНИЦЕФ во Кабул.
„Тоа значи дека овие куќи паѓаат една врз друга. И токму затоа гледаме толку голем број жртви.“
Во округот Дарах Нур во Нангархар, жителите рекоа за Радио Азади, програм на РСЕ, дека сѐ уште се чувствувало тресењето на земјата на 1 септември, по земјотресот што се случи непосредно пред полноќ.
„Итно ни се потребни шатори и итна помош за повредените во болницата“, изјави Шад Нур Мазлумјар.
„Немаме храна, сè е уништено — нашите домови, опремата и кујните. Немаме ништо останато.“
Друг жител на Нангархар, 35-годишниот Шукрула Халим, рече: „Домовите на луѓето се уништени.“
„Сè е срамнето со земја. Итно треба да им се достават здравствени пакети, како и храна и основни домашни потреби“, додаде тој.
Ал-Џанаби рече дека „во моментов сите агенции на ОН во Авганистан го зголемуваат бројот на персонал таму“, и дека околу 600 домови се уништени.
„Каде живеат овие семејства? Каде живеат овие деца? Можеби за сега ќе биде во ред да останат под шатори... но во наредните три недели ќе стане студено во овој регион.“
Видете и ова: Пакистан, Кина и Авганистан најавија зајакнување на соработкатаВидео објавено на социјалните мрежи прикажува како луѓе очајно копаат по урнатините, обидувајќи се да стигнат до луѓето заробени под нив.
Повредените преживеани биле пренесени со хеликоптер од оддалечената планинска област. Талибанските официјални лица изјавија дека теренот ја отежнува достапноста на хуманитарните работници и итните служби до местото на настанот.
Забиулла Муџахид, портпарол на талибанската влада, предупреди дека се очекува зголемување на бројот на загинати и наведе дека според податоците од утрото на 1 септември, во провинцијата Кунар околу 800 лица загинале, 2.500 биле повредени, а голем број куќи уништени.
Слично, во провинцијата Нангархар загинале 12 лица, 250 биле повредени, а десетици куќи исто така се оштетени.
Претходниот земјотрес со јачина од 6,3 степени го погоди Авганистан на 7 октомври 2023 година, по што следеа силни дополнителни потреси.
Талибанската влада процени дека загинале најмалку 4.000 луѓе, но ОН дадоа многу помал број, околу 1.500. Тоа беше најсмртоносната природна катастрофа во Авганистан во поновата историја.