Свиткан покрај тротоар на паркинг, додека нервозно пушеше цигара, Маџеделдин Абдулхаи собираше сила за следниот дел од патувањето кое речиси го чинеше живот.
Беше август 2015 година и со недели, стотици илјади луѓе патуваа од Турција, низ Балканот, кон Западна Европа барајќи азил.
Во тоа време, тоа беше најголемото движење на луѓе во Европа од Втората светска војна. За земјите долж целиот синџир, кризата предизвика големи нарушувања кои и ден-денес го обликуваат нивниот политички и општествен пејзаж.
Ја поминав истата рута за Радио Слободна Европа, раскажувајќи ги приказните на оние што бараат безбедност и нов живот, како и на оние што им помагаа по патот. Десет години подоцна, повторно ги следев нивните траги за да дознаам што се случи понатаму.
Маџеделдин Абдулхаи во Белград, Србија во 2015 година и на неодамнешна фотографија дома во Германија.
„Немав избор“
Абдулхаи беше студент по англиска книжевност од Алепо, Сирија.
Се сретнавме пред евтин хотел во Белград кој сместуваше бегалци. Абдулхаи се присети како паднал во Егејското Море откако гумениот чамец во кој патувал бил удрен од воен брод.
Видете и ова: Нови судири во Сирија додека привремената влада се бори да ги намали тензиите„По два часа дојде турската крајбрежна стража и нè зеде,“ рече тој.
„После тоа тргнавме по друг пат, до Мармарис во Турција, и најдовме човек кој нè однесе од Мармарис до Грција.“
Абдулхаи тогаш беше загрижен како ќе успее да помине низ Унгарија, која градеше ограда за да ги спречи мигрантите.
Сега, на 30-годишна возраст, живее и работи во логистичка компанија во Бад Кројцнах, Германија. Повеќе не пуши, и размислува за една непосакувана „авантура“ што започна за време на граѓанска војна поттикната од странска интервенција.
„Моите студии беа прекинати. Бев без работа две години. Целата ситуација со бунтовниците, ИСИС, Ал Каеда, иранските милиции… немав избор [освен да побегнам],“ вели тој.
Абдулхаи вели дека уште еден тежок момент на патувањето бил кога српските граничари се обиделе да го одвојат од неговата група.
„Првпат се почувствував како човек повторно кога стигнав во Германија,“ вели тој, додавајќи дека е „благодарен“ на земјата и покрај секојдневниот расизам за кој вели дека е сè поизразен од тогаш.
Германија прими околу 1 милион луѓе, што предизвика политички притисок и беше проследено со растот на анти-мигрантската партија Алтернатива за Германија (AfD).
Но, Абдулхаи не жали за ништо и аплицирал за германско државјанство.
„Дел од мене е Германец,“ вели тој.
Кемал Ел Шаири во бегалскиот центар Кањижа на северот од Србија, 28 август 2015 година, и на неодамнешна фотографија.
„Бебиња во кутии за пица“
Кемал Ел Шаири е Србин.
Роден во Либија од југословенска мајка и либиски татко, во август 2015 година беше волонтер-преведувач во бегалскиот камп Кањижа на северот од Србија. Беше ужаснат од условите таму.
„Луѓето овде (во последно време) спиеја по улиците. Бебињата ги чуваа во кутии за пица. Лекарите доаѓаа само двапати неделно поради недостаток на хигиена,“ рече тој.
Деценија подоцна, Ел Шаири вели дека најмногу го импресионирале огромните бројки.
„Од тогаш работев на неколку места во Источна Африка, во Кувајт и на некои други места. Никогаш не сум видел таков прилив,“ вели тој.
„Тоа беа луѓе кои буквално ги зеле своите торби и заминале, знаете, за да си го спасат животот.“
Помош и трговија во мигрантски камп
Тоа искуство го натерало Ел Шаири, тогаш на 28-годишен, да избере кариера како работник во хуманитарна помош.
„Навистина ми го промени животот... Станав хуманитарец,“ вели тој.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Таџикистански мигранти, заглавени на московски аеродром, чекаат депортација
Нешто подоцна по интервјуто во 2015 година, Унгарија и Хрватска ги затворија границите, што го зголеми бројот на очајни луѓе во Србија.
Извештај изготвен од невладината организација за која работеше Ел Шаири, Балканскиот миграциски центар (БМЦ), забележа дека „тензиите во центрите растат... Се зголемува паниката и нападите на хистерија, стравовите, депресиите, семејното насилство и суицидалните мисли.“
Ел Шаири верува дека кризата, во комбинација со економските притисоци, имала силно влијание врз Србија.
„Секогаш кога економската ситуација станува тешка, национализмот и ксенофобијата растат и знам дека луѓето кои изгледаат како јас ќе бидат првите погодени“.
Ел Шаири во моментов живее во Бенгази, Либија.
Марк Кекеши на железничката станица во Сегед на 29 август 2015 година, и на неодамнешна фотографија.
Од академец до електричар
Од Кањижа, криумчари со луѓе шверцуваа групи преку унгарската граница. Во Сегед, 36-годишниот Марк Кекеши делеше бесплатна вода и сендвичи на железничката станица во влажна августовска вечер.
„Мигрантите непрекинато продолжуваат да доаѓаат преку границата, преку оградата која сега е во изградба. И тоа е некаков срам за нас што во 2015 година градиме огради меѓу земјите“, рече тој.
Кекеши бил асистент по социологија на Универзитетот во Сегед. Гледајќи наназад, се сеќава дека решил да ја искористи својата летна пауза на добар начин.
„Ова од една страна беше хуманитарна акција. Од друга страна, беше порака дека не сите постапуваат како што сака владата,“ вели тој.
Унгарскиот премиер, Виктор Орбан вети дека ќе ја затвори границата на својата земја со бодликава жица, војници и висока ограда, велејќи дека бегалците не треба да влезат во Европа.
„Ние Унгарците сме полни со страв, луѓето во Европа се полни со страв,“ рече тој на Европскиот парламент на 3 септември 2015 година.
Кекеши вели дека Орбан ја искористил кризата за политички цели.
Видете и ова: Унгарското вето го става во сенка проширувањето на ЕУ„Од тие денови до избувнувањето на пандемијата на коронавирусот, нашиот премиер беше познат и на меѓународно и на домашно ниво, и тоа скоро единствено заради тоа што зборуваше за ништо друго освен за илегалната миграција“, вели тој.
Кекеши ја напушти академската кариера во 2016 година „поради лични причини“ и почна да работи како слободен истражувач за време на пандемијата по што стана самовработен електричар во Будимпешта.