Собранието ја изгласа ратификацијата на Договорот за стратешка соработка со Унгарија

Договорот беше потпишан за време на посетата на Сијарто во Скопје на 13 јуни 2025 г.

Со 60 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“ пратениците во македонското Собрание денеска, 17 јули, го изгласаа Законот за ратификација на Договорот за стратешка соработка меѓу владите на Северна Македонија и Унгарија.

Координаторот на пратеничката група на најголемата владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, во обраќањето на собраниската седница оцени дека договорот треба да се поздрави како „како чекор во вистинска насока, насока на конкретна надворешна политика, продуктивна економска дипломатија и визионерска посветеност кон иднината на државата“.

Според власта, договорот е јасна порака дека Северна Македонија гради „стабилни, долгорочни и доверливи партнерства со вистински пријатели“.

„Партнерството ќе овозможи унапредување на соработката во многу важни сфери – инфраструктура, енергетика, транспорт, информатичка технологија, сајбер безбедност и одбрана. Овие области се двигател на секој сериозен развој и гаранција за економска и безбедносна стабилност, што е од особено значење во моменталната геополитичка состојба во Европа. Договорот нуди можности за домашната економија преку активно вклучување на македонскиот приватен сектор и внесување на странски инвеститори во реализацијата на стратешките проекти“, рече пратеникот Мицевски.

Видете и ова: „Банкарски тајни“ за имињата на фирмите што земаа од унгарскиот кредит

Договорот за стратешко партнерство со Унгарија, беше потпишан на 13 јуни за време на официјалната посета на шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто на Скопје, чиј домаќин беше министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

ВМРО-ДПМНЕ важи за блиска со унгарската владејачка партија Фидес на премиерот Виктор Орбан и беа сестрински партии во Европската народна партија. По враќањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ во Северна Македонија во мај лани, покрај потпишувањето на Договорот за стратешко партнерство, владите на двете земји досега одржаа и две меѓувладини седници – едната во септември 2024 во Охрид, а другата во Будимпешта во март 2025 г.

Владата предводена од Христијан Мицкоски се задолжи и со кредит од една милијарда евра од Унгарија. Половина од милијардата беше земена со цел раздолжување на еврообврзница, додека 250 илјади евра беа наменети за поддршка на бизнис секторот, а останатите 250 илјади за проекти во општините.

Опозицскиот СДСМ, пак, обвинуваше дека тоа е најлошиот можен договор за кредит со скриени трошоци, премиерот Мицкоски го прозиваше дека станува најголем „поданик на Унгарија“, а изразуваше и сомнежи дека ова задолжување ќе се рефлектира и со унгарско влијание врз политичките одлуки во Северна Македонија и стратешката ориентација на земјата.