Пратениците ќе расправаат по Предлогот за интерпелација на претседателот на Уставниот суд

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски

Собранието денеска (9 јули) треба да ја започне новата 59. седница на која како прва точка на дневниот ред е интерпелацијата за работата на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, поднесена од пратеничката група на Европски фронт.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши на брифинг со новинарите истакна дека на понеделничката координација со координаторите на пратеничките групи преовладувала перцепцијата дека не е добро Собранието да врши интерпелација на Претседател на Уставен суд.

„Се отвори прашањето за интерпелацијата на претседателот на Уставниот суд. Ние ја ставивме како точка на дневниот ред. Имаше дискусија дали сме постапиле добро, дали е во ред или не, што е нормално. Наша и моја дилема како Собрание, како кабинет и како служба. Ние се водевме по членот 72 од Уставот и 47 од Деловникот на Собранието каде се вели „интерпелација може да се покрене за секој носител на јавна функција“. Сега ние како Собрание мораме да го процесуираме тоа. Од друга страна зборуваме за судска власт и тоа остана тема која ќе ја видиме. Можеби некои од пратениците ќе бараат таа точка да се тргне од дневниот ред. Главно, на координацијата со координаторите на пратеничките групи преовладуваше перцепцијата дека не е добро како Собрание да вршиме интерпелација на претседател на Уставен суд. Ќе видиме како ќе одлучи пленумот“, рече Гаши.

Додаде дека тој ќе бара од собраниската Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања јавна расправа за дефинирање на зборот „носител на јавна функција“.

Видете и ова: Интерпелации во судството: тенка граница помеѓу контрола и влијание

Гаши потенцира дека поднесителите на иницијативата за Костадиновски, односно ДУИ, не присуствувале на понеделничката координација на пратеничките групи.

„Подносителот на иницијативата за интерпелација, односно ДУИ не беа денеска на координацијата. Јас сакав да предложам дали да ја тргнеме, ама тогаш пак ќе имаше реакции зошто сме ја тргнеле и плус не беше координаторот на ДУИ за да не решаваме во нивно име. На самата седница ќе се гласа дали да се тргне. Во Уставот стои само „носител на јавна функција“. На пример, тогаш ДУИ реагираше за интерпелацијата за членовите на Судскиот совет, а сега тие сами предлагаат“, рече тој.

Собранискиот спикер соопшти дека Собранието ги следело сите рокови и до Костадиновски е испратена интерпелацијата. Посочи дека тој имал рок да одговори, но не одговорил. Потенцираше дека Костадиновски кажал дека нема да присуствува на пленарната седница каде ќе се дискутира за неговата интерпелацијата.

Во реакцијата од Уставниот суд тогаш преку соопштение посочија дека Костадиновски нема да коментира какви било политички изјави.

„Уставот на Р.С.М не предвидува никаква можност за разрешување на уставен судија, ниту од страна на законодавната, ниту од страна на извршната власт. Уставниот суд како орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста не подлежи на начелото на поделба на власта. Уставот не му дозволува на Собранието со законски решенија на кој било начин да влијае на надлежностите, начинот на избор, престанокот на функцијата на уставните судии. Овластувањето на Собранието завршува со моментот на избор на судиите“, беше посочено во соопштението на Уставниот суд.

Откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт во јуни 2024 година формирајќи нова влада, повеќе опозициски политички партии поднесоа интерпелации против функционери и носители на јавни функции. Надвор од судството, Европскиот фронт, коалиција предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ) која има 18 пратеници во Собранието, поднесе четири интерпелации за министрите Изет Меџити, за Иван Стоилковиќ, за Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени.

СДСМ не ги поддржа, а ВМРО-ДПМНЕ и Влен ги нарекоа неосновани.