Курти: Ќе направиме сè за да се конституира Собранието на Косово до крајот на јули

Вршителот на должноста премиер на Косово Албин Курти

Вршителот на должноста премиер на Косово Албин Курти изјави дека ќе направи сè за новото Собрание да биде конституирано до крајот на јули, a во духот на соработка меѓу политичките партии.

По двочасовната средба со претседателката на Косово, Вјоса Османи, Курти истакна дека законските рокови течат и дека конституирањето на новиот собраниски состав мора да се случи во последната недела од јули.

„Ќе сториме сè што можеме за да го оствариме тоа во дух на соработка, со идеја за консензус или компромис, за потоа да преминеме на формирање нова влада“, рече Курти.

Тој додаде дека на средбата биле разгледани сите аспекти на процесот на конституирање на Парламентот. Курти нагласи дека треба да се почека завршувањето на средбите на претседателката со претставниците на другите партии за да се процени дали ќе има доволно напредок.

Видете и ова: По 40-ти пат неуспешен обид за конституирање на Собранието на Косово

Уставниот суд на 26 јуни ги задолжи пратениците да го конституираат Собранието во рок од 30 дена. Во саботата, на повик на Курти, беше одржана средба со претставници на сите парламентарни партии, освен Српската листа, но не беше постигнат договор.

Претседателката Османи за денеска (2 јули) закажа средби со лидерите на Демократската партија на Косово, Демократскиот сојуз на Косово и Алијансата за иднината на Косово, за да разговара за излез од актуелната ситуација, со оглед на тоа што косовскиот парламент не е конституиран и по 40 обиди.