Соединетите Држави ги запираат некои испораки на оружје претходно ветени на Украина зод администрацијата на Џо Бајден , откако претходно ревизијата на Пентагон покажа дека американските залихи се намалиле премногу.
„Одлуката „интересите на Америка да се стават на прво место“ е донесена по прегледот на Министерството за одбрана на американската воена поддршка за други земји низ целиот свет“, изјави портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, во соопштението.
„Силата на вооружените сили на Соединетите Држави останува несомнена - само прашајте го Иран“, рече Кели, осврнувајќи се на неодамнешните американски бомбардирања и ракетни напади врз нуклеарните постројки на Иран.
Изјавата на Кели дојде откако „Политико“ цитираше американски функционер, кој зборуваше под услов да остане анонимен, а кој рече дека ревизијата на Пентагон открила дека залихите се премногу ниски за некои претходно ветени артикли, па затоа пратките на некои артикли кои се чекаат нема да бидат испратени.
САД кои обезбедија повеќе од 66 милијарди долари во оружје и воена помош за Украина откако Русија ја започна својата целосна инвазија во февруари 2022 година, извршија притисок врз сојузниците да ѝ обезбедат на Украина системи за воздушна одбрана и друга опрема.
Сепак, многумина не се подготвени да се откажат од своите високотехнолошки системи, особено земјите во Источна Европа кои исто така се чувствуваат загрозени од Русија.
Замрзнувањето на дел од оружјето доаѓа откако Русија го започна својот најголем комбиниран воздушен напад врз Украина минатиот викенд, во ескалација на бомбардирањето што дополнително ги уништи надежите за напредок во мировните напори што ги застапува американскиот претседател Доналд Трамп.
Украина бара од Западот повеќе системи за воздушна одбрана, додека Русија ги засилува своите ракетни и беспилотни напади, вклучително и нападите врз цивилната инфраструктура, во кои загинаа десетици цивили.
Минатата недела, Трамп се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски на маргините на самитот на НАТО. По состанокот, тој рече дека САД ќе се обидат да ѝ обезбедат на Украина повеќе системи за воздушна одбрана за да се заштити од смртоносни руски напади, но нема да се обврзат да ѝ дадат поголема помош на Украина.
„Ќе видиме дали можеме да ставиме на располагање некои Патриоти“, рече Трамп во Хаг на 24 јуни кога еден новинар го праша дали ќе ѝ продаде системи за воздушна одбрана на Украина.
„Многу е тешко да се набават. И нам ни се потребни. Ние го снабдивме Израел со нив“, рече Трамп.
Видете и ова: Воената економија на Русија се движи кон рецесија, но тоа нема да ја забави војнатаТрамп, кој ја критикуваше количината на американската воена помош испратена на Украина за време на претседателската кампања во 2024 година, даде нејасен одговор кога беше прашан за продолжување на одбранбената помош за Украина.
„Ќе видиме што ќе се случи“, рече Трамп, чија Републиканска партија е длабоко поделена по ова прашање, а нејзиното изолационистичко крило е силно против помошта за Украина.
Тој призна дека Украина ги сака „Патриотите“ „повеќе од сè друго“, велејќи дека неговата администрација ќе „види дали можеме да ставиме некои на располагање“. Истакна дека САД ги снабдуваат Израел со нив за да си помогнат да се одбрани од ракети испукани од Иран и прокси-групите што ги поддржува.
Ракети за системите за воздушна одбрана „Патриот“, прецизна артилерија и ракети „Хелфаер“ се меѓу оружјата што САД ги задржуваат, објавија „Политико“ и други американски медиуми.
Видете и ова: Системот Патриот пристигна во Украина, Зеленски и се заблагодари на РоманијаМинистерот за одбрана Пит Хегсет на сослушување на поткомитетот на Сенатот претходно овој месец изјави дека дел од американските трошоци за безбедноста на Украина сè уште се во фаза на подготовка, но не даде детали. Хегсет, исто така, призна дека финансирањето за воена помош за Украина ќе биде намалено.
Тој рече дека предлог-законот за буџетот што се разгледува во Конгресот вклучува тешки избори и „ја одразува реалноста дека Европа треба да биде повеќе ангажирана во одбраната на сопствениот континент. И претседателот Трамп заслужува пофалби за тоа“.
Хегсет нагласи дека администрацијата на Трамп има поинаков став за конфликтот во Украина.
„Веруваме дека мирно решение преку преговори е во најдобар интерес на двете страни и во интерес на нашата нација“, истакна тој.