Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, во изјава за телевизија Канал 5, од Хаг, каде што се одржува самитот на НАТО, ја критикуваше официјална Софија и бугарските европратеници за нивното однесување во однос на евроинтеграциите на Северна Македонија.
„Жалам што актуелната бугарска влада, а и бугарските европратеници, со своето дејствување влегуваат во рускиот наратив за дестабилизација на регионот. Стабилноста на Западен Балкан најлесно ќе се обезбеди преку извесна европска интеграција на целиот регион“ – изјави Муцунски.
Тој подвлече дека постапките на Бугарија во изминатите недели и месеци се дел од загрижувачки тренд кој може да го наруши регионалниот мир.
„Како можеме да ги надминеме предизвиците и да работиме за стабилизација на Западен Балкан? Секако преку дијалог“ – истакна министерот, додавајќи дека е разочаран што, според последните информации, не се очекува да се одржи средба меѓу двете земји на маргините на самитот.
Видете и ова: Клучното гласање за извештајот во Европскиот парламент во јулиМуцунски упати и јавна порака за отвореност на Владата на Македонија за разговор со бугарската страна, на кое било ниво.
Јавно порачувам, Владата е подготвена за средби на секое ниво, претседател со претседател, премиер со премиер, министер со министер. Така и ќе продолжиме да се однесуваме, нагласи тој.
Во однос на очекувањата од НАТО-самитот, Муцунски посочи дека темите на агендата ќе бидат фокусирани на безбедносната состојба во Украина и на Блискиот Исток, како и на други глобални предизвици.