Четиринаесет мртви во руски напад врз станбени области во Киев

Последици од руски напад врз Киев, 17 јуни 2025

Во комбиниран руски напад со беспилотни летала и ракети во Киев рано утрото на 17 јуни загинаа најмалку 14 лица, вклучувајќи еден американски државјанин, а беа повредени најмалку 44 лица, соопштија украинските власти.

Официјалните лица изјавија дека руските сили користеле дронови и ракети во нападот, кој погоди неколку области на главниот град.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека девет лица се ранети во градскиот округ Свјатошински, а уште 11 во округот Соломјански. Шест лица се хоспитализирани, а пожари избувнаа во два други киевски округа како резултат на паѓање на остатоци.

Шеесет и двегодишниот Американец „починал во куќа во населбата Соломјански, спроти местото каде што медицинските лица им помагале на повредените“, напишал Кличко на Телеграм.

Последици од рускиот ноќен напад на Киев, 17 јуни 2025 година

„Киев се соочи со еден од најстрашните напади“, напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски во објава на социјалните мрежи.

Зеленски рече дека Русија лансирала вкупно повеќе од 440 дронови и 32 ракети во нападот во текот на ноќта на 17 јуни, кој ги таргетирал и регионите Чернигов, Житомир, Кировоград и Николаев.

Украинските воздухопловни сили соопштија дека собориле 402 од дроновите и 26 од ракетите.

„Сè уште не е јасно колкумина се заробени во урнатините на зградата што беше делумно уништена“, рече Зеленски на X, додавајќи дека куќите во осум области на Киев се оштетени и дека најмалку 75 лица се ранети во нападите низ Украина.

„Ваквите напади се чист тероризам. И целиот свет, САД и Европа конечно мора да одговорат како што цивилизираното општество реагира на терористите. Рускиот претседател Владимир Путин го прави ова само затоа што може да си дозволи да ја продолжи војната. Тој сака војната да продолжи. Погрешно е кога моќните на овој свет замижуваат пред тоа“, напиша Зеленски.

Тимур Ткаченко, началник на градската воена администрација, потврди дека избувнале пожари во различни делови на Киев. Други делови од земјата беа исто така нападнати, вклучувајќи го и југоисточниот град Запорожје, каде што регионалниот гувернер пријави најмалку четири напади.

Во меѓувреме, Русија објави дека нејзината воздушна одбрана соборила два украински беспилотни летала што се движеле кон Москва.

Видете и ова: Три жртви од напад на руски дронови врз Харков пред самитот во Одеса

Руските единици за воздушна одбрана, исто така, уништиле 51 украински дрон над граничниот регион Белгород во период од три и пол часа, соопшти Министерството за одбрана.

Нападот извршен од руските сили е најновиот во серијата масовни напади со беспилотни летала и ракети врз Киев и други градови во земјата.

Ова се случи во пресрет на закажаната средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски на самитот на Групата седум (Г7) во Канада.

Но, доцна на 16 јуни, состанокот беше откажан, откако Белата куќа објави дека Трамп ќе се врати во Вашингтон порано поради тензиите на Блискиот Исток. Се очекува да се одржат и други средби еден на еден на Зеленски со светските лидери.

Видете и ова: Самит на лидерите на групата Г7, во фокус новата криза на Блискиот Исток

Шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак, остро ги осуди новите руски напади врз Киев, велејќи дека Москва „продолжува со војната против цивилите“.

Москва продолжи со нападите врз Украина и покрај напорите на САД да посредуваат во постигнување на прекин на огнот. Малку напредок е постигнат во преговорите, освен размената на затвореници. Москва го отфрли барањето на Киев за безусловно примирје, додека Украина ги отфрли руските барања како „ултиматуми“.