Иван Ивановски, Симона Манчева, Дарко Алексовски, Доротеј Нешовски, Елена Чемерска, Зорица Зафировска и Никола Узуновски се седумте современи македонски уметници, кои со дваесеттина дела во различни техники (добар дел од нив понудени како циклуси), се претставени на онлајн изложбата „Да бидеме заедно, додека сме разделени“ што може да се проследи во периодот од 11 до 18 јуни, а која како организатори ја потпишуваат Културно социјален простор Центар - Јадро и Јадро - Асоцијација на независната културна сцена од Скопје.
Куратор на проектот чија крајна цел е наново да биде откриено значењето на солидарноста, колективна грижа и делување во заедништво, е Јованка Попова, а координатор Ѓорѓе Јовановиќ.
„Изгубени срца, изгубени животи“ - Зорица Зафировска
Во пресрет на неговото промовирање во јавноста Попова во својот кураторски текст ќе забележи дека состојбaта на криза, со сите политички и економски промени кои ги носи, го зголемува јазот и уште повеќе ги истакнува разликите меѓу различни групи и поларизирани заедници.
Во овој контекст, таа посега по зборовите на германската режисерка, уметница, иноваторка и теоретичарка Хито Штајерл која во една прилика вели дека дури и во „нормални“ услови освен „домашната и работата на негувателките - уметноста е индустрија со најмногу неплатена работна сила околу себе. Таа се заснова на времето и енергијата на неплатените практиканти. Бесплатната работна сила и неконтролираната експлоатација се невидливата темна материја што го овозможува функционирањето на секторот за култура“.
Во време на оваа новонастаната ситуација неизвесноста во секојдневието на прекаријатните културни работници станува далеку поизразена. Честопати сме разочарани од немањето слух за нашите политички барања, а надежта треба да ја најдеме единствено во фактот што се имаме едни со други. Она што не можеме да го добиеме од државата, работодавецот, синдикатот, го бараме еден кај друг. И го наоѓаме, пишува Попова.
Координаторот Ѓорѓе Јовановиќ, истакнува дека Културно социјален простор Центар- Јадро се соочил со новите предизвици впрочем како и другите институции од областа на културата. Тие како прилично млада, нова институција сакале да реагираат на состојбите и не само за она што го донесе актуелната криза, пандемијата, туку и практично за континуираната криза во која се наоѓаат уметниците. Кај нас и воопшто во светот.
Поканивме седум млади уметници кои ја делат состојбата на прекаријатската неизвесност и претставените дела ги адресираат скриените и не толку скриените не еднаквости во општеството и причините кои тие ги предизвикуваат. Исто така тие преку своите дела ги истражуваат и емотивните состојби во време на криза, ограничувањето од општествените конструкти во однос на личната слобода, социјалното домување, грижата за околината, јавниот простор и т.н. Нас ни беше битно да ја продолжиме комуникацијата во нашата уметничка заедница и во овој период на криза да не прекине. Да изнаоѓаме нови и нови формати за презентирање на делата на уметниците, вели Јовановиќ.
Илузии на уметноста - Доротеј нешовски
Тој и со уште едно потсетување дека намерата на проектот е истовремено да апелира за конечен прекин на практиката на бесплатно искористување на уметничкиот труд и да укаже од неопходноста од платена уметничка работа.
Делата се претставени виртуелно, но взаемната грижа е реална. Оттука, уште една задача што ни претстои е повторно да го откриеме значењето на солидарноста, колективна грижа и делување во заедништво, смета координаторот и уметник Ѓорѓе Јовановиќ.
Кон ова само уште информацијата дека проектот „Да бидеме заедно, додека сме разделени“ е реализиран со поддршка на Амбасадата на Швајцарија во нашата земја, Министерство за култура на Република Северна Македонија, Јадро- Асоцијација на независната културна сцена во рамки на проектот „Учествуваме, застапуваме, менуваме“ , ЦАЦ- Центар за современи уметности и КСП Центар-Јадро.