Додека Русија останува преокупирана со војната во Украина, нејзиното влијание слабее по должината на нејзината јужна граница, особено во Ерменија и Азербејџан.
Оваа промена на моќта отвора врата за други играчи, вклучувајќи ги Турција, Европската Унија и САД, да го прошират своето присуство во регионот, велат аналитичари за Радио Слободна Европа(РСЕ).
На 10 јули, ерменскиот премиер Никол Пашинјан и азербејџанскиот претседател Илхам Алиев се состанаа во Абу Даби за да разговараат за потенцијален мировен договор, особено без никакви посредници - вклучително и Русија.
Иако не беше постигнат никаков пробив, заедничката изјава ја потврди посветеноста на двете земји на билатералните преговори и континуираните „мерки за градење доверба“.
Сепак, пред само пет години, динамиката беше сосема поинаква.
По 44-дневната војна меѓу двете земји во 2020 година околу Нагорно-Карабах регион претежно етнички ерменски, меѓународно признат како дел од Азербејџан и долго време во центарот на меѓусебното непријателство на двете земји - рускиот претседател Владимир Путин посредуваше во прекин на огнот, зајакнувајќи ја традиционалната улога на Москва како посредник во регионот.
Но, примирјето оттогаш придонесе за она што Рауф Миргадиров, аналитичар во весникот „Ајна-Зеркало“ во Баку, го нарекува „историска промена“.
„Двете земји по повеќе од 30 години конфликт околу Карабах сега се поблиску една до друга и се дистанцираат од Русија. Двете сакаат да бидат ослободени од руското влијание, а ова е нивна можност, бидејќи Русија е многу зафатена со војната во Украина“, изјави Миргадиров за РСЕ.
Рубен Мехрабјан, аналитичар во Ерменскиот институт за меѓународни односи и безбедност, се согласува дека Ереван ја гледа сегашната ситуација како шанса да го олабави влијанието на Москва врз земјата.
„Русија сакаше Ерменија да остане во вечен конфликт за да може постојано да нè спасува за да го оправда своето неопределено присуство. Но, Ерменија сака да ги реши овие спорови и да го отстрани секое руско присуство од нашата земја. Сега на Русија тоа не ѝ се допаѓа“, смета Мехрабјан.
Зголемување на тензиите и обвинувањата
Според некои аналитичари, врските на Ереван со Москва почнаа да се влошуваат во 2016 година за време на краткиот период на непријателства меѓу Ерменија и Азербејџан околу Нагорно-Карабах.
Конфликтот заврши со прекин на огнот со посредство на Русија и некои територијални придобивки за Азербејџан, поттикнувајќи ја фрустрацијата на Ерменците поради ограничената поддршка на Москва за нејзиниот традиционален сојузник.
Според Ричард Гирагосијан, основачки директор на Центарот за регионални студии во Ереван, овој момент го означи „почетокот на ерменската ерозија и губењето на довербата во Русија како безбедносен партнер“.
„Ставот и политиката на Русија, почнувајќи од војната во 2016 година, почнаа да се префрлаат кон Азербејџан“, вели Гирагосијан.
Односите дополнително се влошија по конфликтот во 2020 година, кога Баку ја врати контролата врз Нагорно-Карабах, а Русија повторно не успеа да го поддржи Ереван.
Неодамнешните настани покажаа колку се затегнале врските меѓу двете земји.
На 17 јуни, руско-ерменскиот милијардер Самвел Карапетијан беше уапсен под обвинение за повикување на незаконско преземање на власта.
Според Гирагосијан, апсењето било „потег на ерменската влада да спречи какво било руско мешање“ на парламентарните избори следната година.
„Но, во исто време, повеќе стануваше збор за притисок против руските интереси или влијание во самата Ерменија. Овој човек е производ на Москва, тој е широко перцепиран како про-Путин“, додава тој.
Само неколку дена подоцна, на 25 јуни, ерменските власти го уапсија надбискупот Баграт Галстанијан, истакнат свештеник во Ерменската апостолска црква, обвинувајќи го за заговор за соборување на владата.
Русија одговори луто, а министерот за надворешни работи Сергеј Лавров повика на прекин на „неоправданите напади“ врз црквата, опишувајќи ја како „еден од клучните столбови на ерменското општество“.
Ерменскиот министер за надворешни работи Арарат Мирзојан возврати, обвинувајќи ја Москва за мешање во внатрешните работи на Ерменија.
И Азербејџан се оддалечува од Москва
Промените не се ограничени само на Ерменија.
Односите меѓу Баку и Москва, исто така, нагло се влошија ова лето.
Кон крајот на јуни, Алиев ги суспендираше состаноците на високо ниво, му забрани на рускиот вицепремиер Алексеј Оверчук да го посети и ги откажа руските културни настани во Баку.
Овие акции следеа по смртта на двајца етнички Азербејџанци за време на полициска рација во Екатеринбург, Русија, поради обвинувања за тортура.
Руската дилема Зангезур
Пред пет години, Русија имаше други амбиции за одржување на влијанието во регионот - поточно преку воено присуство.
Спогодбата за прекин на огнот од 2020 година, потпишана од Русија, Ерменија и Азербејџан, повика на повторно отворање на економските и транспортните патишта. Исто така, беше предвидено дека Ерменија ќе обезбеди безбеден транзит помеѓу самиот Азербејџан и неговата енклава Нахчиван преку таканаречениот коридор Зангезур, а руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) ќе биде назначена да го надгледува.
„Можеби коридорот Зангезур е единствената одржлива опција на Русија за одржување на присуството во регионот“, изјави Кирил Кривошеев, руски аналитичар во Фондацијата Карнеги, за азербејџанскиот сервис на РСЕ во 2023 година.
Сепак, Ерменија го гледа коридорот како закана за нејзиниот суверенитет.
Додека преговорите продолжуваат, останува нејасно дали надзорот на руската ФСБ ќе биде дел од кој било конечен договор.
Во март, Пашинјан рече дека нема да има распоредувања на странски сили по границата меѓу Ерменија и Азербејџан по потпишувањето на договорот, а идејата исто така не е баш привлечна ниту за Азербејџанците, смета Вадим Дубнов, дописник на „Ехото на Кавказ“ на РФЕ/РЛ.
„Распоредувањето на силите на ФСБ можеби имало смисла за Азербејџан пред да се реши конфликтот во Карабах. Но сега, директните преговори со Ерменија - а не руското вклучување - се покорисни за Баку“, вели Дубнов.
Контролата врз Зангезур, исто така, се поврзува со поголема геополитичка слика: Средниот коридор - рута што ја поврзува Кина со Европа и ја заобиколува Русија.
„Зангезур е дел од Средниот коридор. Русија не сака само да го контролира Зангезур, таа сака да доминира во сите копнени и воздушни патишта во Јужен Кавказ. Но, мислам дека Турција е добро позиционирана да ги води регионалните безбедносни напори“, вели Миргадиров.
Нови регионални играчи
Иако аналитичарите се согласуваат дека влијанието на Русија се намалува, тие предупредуваат дека длабоките економски и историски врски не можат да се прекинат преку ноќ.
Сепак, по целосната инвазија на Русија врз Украина во 2022 година, оваа економска зависност исто така почна да се менува, забележа рускиот аналитичар Кривошеев во своето интервју од 2023 година за азербејџанскиот сервис на РСЕ.
„Турција стана клучен увозен партнер за Русија. Многу стоки се транспортираат преку Турција и Азербејџан. Истанбулскиот теснец е од витално значење, а Азербејџан сега е клучен центар за рускиот гас. Ние продаваме нафта и гас на Азербејџан, кој потоа го продава на Европа. Ова е легално и не ги крши санкциите“, рече Кривошеев.
Пол Гобл, виш соработник во Фондацијата Џејмстаун, ја истакнува растечката важност на Азербејџан.
„Алиев конечно сфати дека на Москва ѝ е потребен Азербејџан барем колку што на Азербејџан ѝ е потребна Русија. Кога ќе сфатите дека на другата страна сте и потребни повеќе отколку што таа ви е потребна вам, тоа го менува начинот на кој ги правите пресметките“, вели Гобл.
Во меѓувреме, Ереван ги обновува врските со Истанбул, додека се дистанцира од Москва.
Долго време затегнати поради конфликтот во Нагорно-Карабах во кој Турција го поддржа Азербејџан, затворајќи ги своите граници со Ерменија во 1990-тите и историските несогласувања, односите меѓу двете земји претпазливо се подобруваат.
Во јуни, Пашинијан ја посети Турцијаи се сретна со претседателот Реџеп Таип Ердоган што беше првата политичка работна посета насочена кон билатерални преговори.
„Ерменија е економски зависна од Русија, бидејќи поголемиот дел од нашата комуникација со надворешните пазари поминува низ Грузија до рускиот пазар. Нашата граница со Иран е отворена, но ограничена по капацитет. Отворањето на турската граница би ѝ овозможило на Ерменија пристап до европските пазари“, рече Мехрабјан.
Сепак, Ерменија не ги полага сите свои надежи на Турција. Мехрабјан вели дека Ереван, исто така, ги зајакнува врските со САД и ЕУ.
„Работиме со ЕУ и САД за да ја подобриме соработката. Со САД веќе потпишавме повелба за стратешко партнерство. Со ЕУ донесовме закон усогласен со потенцијалното членство, иако знаеме дека е долг пат пред нас“, заклучува Мехрабјан.