Хотелот во населбата Лагадин на охридското крајбрежје, за кој жителите со години алармираат дека е дивоградба, повторно ја бранува јавноста, овојпат дека инвеститорот сака да го заземе и просторот на плажата, како што алармира Здружението на граѓани за заштита на Лагадин.
Жителите и Здружението бараат итна интервенција од институциите за да се спречи, како што велат, ново узурпирање на охридското крајбрежје и дополнителни штети врз заштитениот амбиент.
Во отворено писмо до министерот за транспорт и врски Александар Николоски и до градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, здружението бара итен инспекциски надзор бидјеќи, како што велат, „инвеститорот на спорниот хотел во населбата најавил дека планира да го заземе и просторот на плажата“.
Дебој Инженеринг - обвинувањата за плажата се невистини
Од компанијата Дебој Инжинеринг Дооел Охрид за Радио Слободна Европа, иако демантираат дека имаат врска со изградбата на хотелот во Лагадин наведувајќи дека објектот е на приватно лице, посочуваат дека хотелот е изграден „по сите прописи и услови, без никакви отстапувања“ и дека обвинувањата на Здружението на граѓани Лагадин датирале уште од 2016 година и дека се невистини.
„Објектот е изграден по сите прописи и услови и нема никакви остапувања. Што се однесува до наводите за завземање на плажата, овие невистини ги слушаме од медиумите а воспат категорично нагласуваме дека тие се невистини. Таква инцијатива нема, ниту имаме планови да правиме нешто слично“, се вели во одговорот на Дебој Инжинеринг Дооел Охрид.
Во пораката преку електронска пошта компанијата додава, дека според нив, Здружението на граѓани Лагадин би било многу поефикасно ако се фокусира на другите објекти во населбата и на наводните нелегални градби - „меѓу кои и нивните“, наместо да го таргетираат хотелот.
Граѓаните алармираат, институциите смируваат
Но, министерот за транспорт и врски Александар Николоски за РСЕ одговори дека иако хотелот и плажата се под надлежност на Општина Охрид, како политичар и како човек ќе стори сè за да се спречи самоволие:
„Ако има таков акт, не само што нема да ја узурпира [плажата], туку ќе заврши и во затвор“, одговори Николоски за Радио Слободна Европа.
И градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, за РСЕ одговори дека инвеститорот нема да може да го заземе просторот на плажата:
„Тоа е јавен простор. Ако се случи такво нешто, службите, комуналните инспекции и редари ќе реагираат соодветно“, вели Пецаков.
Жителите во писмото потсетуваат дека проблемот со објектот трае со години и обвинуваат дека е изграден со кршење на сите закони за градење во заштитениот крајбрежен појас и со целосно игнорирање на препораките на УНЕСКО.
Според нив, во меѓувреме инвеститорот нелегално изградил уште еден, петти кат на хотелот, но и дека доградил дополнителни простории и тераси, а годинава го узурпирал и влезот во населбата со стеснување на улицата и заземање на две државни парцели.
Поради најавата за, како што велат, узурпација и на плажата, од министерот Николоски и од градоначалникот Пецаков бараат итно да спречат натамошни интервенции за да не се нанесат дополнителни штети врз крајбрежјето.
УНЕСКО со години предупредува - охридското е во опасност
Од 2017 година наваму за изградбата на хотелот имаше реакции од граѓани и активисти, кои протестираа пред хотелот обвинувајќи дека се уништува крајбрежјето и природата под етикетата „туризам и развој“.
Во оваа насока и УНЕСКО со години предупредува дека градбите на охридското крајбрежје се сериозна закана за статусот на регионот како светско наследство.
Во 2017 година беше побаран мораториум на сите урбани и крајбрежни интервенции, а во 2023 Националната комисија препорача Општина Охрид да ја преиспита изградбата на хотелот во Лагадин.
Оваа година УНЕСКО повторно предупреди дека поради дивоградби, неконтролиран развој и игнорирање на препораките, Охрид може да се најде на листата на светско наследство во опасност, но сепак на македонската Влада ѝ беше дадена уште една шанса за Охридскиот регион да го зачува статусот.
Во сегашното писмо до министерот Николоски, жителите и активисите од Лагадин велат дека градењето на хотелот се довршува и покрај „спорната постапка околу пренос на сопственоста и докажаната незаконитост на градежната документација издадена од општинските служби, но и серијата реакции од УНЕСКО и протестите од здруженијата на граѓани“.
„Тоа е резултат на индолентноста и неодговорноста на локалните власти уште од 2017 година до денес, како и на владините гарнитури во истиот период“, велат од Здружението на граѓани за заштита на Лагадин.
Оттаму додаваат дека градбата го узурпира влезот во населбата Лагадин и го стеснува регионалниот пат и влезната улица позади населбата.
„Посебен повод за ова писмо е дека сопственикот Никола Толевски побарал од Вашето Министерство [за транспорт и врски] да закупи, односно да земе простор под концесија дел од локалната плажа која се наоѓа пред оваа дивоградба“, се наведува во писмото од здружението до министерот Николовски.
Тие додаваат дека станува збор за делот на плажата непосредно пред вториот главен влез на населбата, кој жителите на Лагадин го користеле и дека со нивна грижа бил еколошки и хортикултурно одржуван повеќе од 50 години, а бил слободно достапен и за туристите.
Велат дека 1.000 жители на Лагадин се борат против личните интереси на еден човек и дека сакаат да го зачуваат јавниот пристап до плажата.