Медиумите во земјава не се финансиски самоодржливи, особено со финансиски проблеми се соочуваат истражувачките медиуми, новинарските плати се под нивото на просечна плата во државата, а професионалните стандарди често се заобиколуваат со објави на дезинформации од мејснтрим медиуми. Ова се дел од предизвиците со кои се соочуваат медиумите во земјава, се заклучува во извештајот „Во сенка на слободата на медиумите во Северна Македонија, изработен од автори од ОВСТ ( Osservatio Balcani Caucaso Transeuropa ) и Метаморфозис.
Во извешатајот е потенцирано дека клучен предизвик е плурализмот на медиуми односно неплурализмот, затоа што покрај големиот број на медимиум постои огромна поделеност на медиумскиот пазар што резултира со финансиски потешкотии кои создаваат проблем во одржувањето на професионалност и отпорност кон притисоци. Дополнително државното финансирање има се поголема улога во македонските медиуми, и предизвикува сериозни грижи во однос на независноста и клинетелизмот, особено во предизборните кампањи.
„Згора на се ја имаме и онаа специфична одредба во изборниот законик, каде што според минатите избори во медиумите влегле околу 10 милиони евра. Тие пари се од граѓаните, но распределбата ја прават политичките партии и тоа е единствен систем во светот и тие пари се распределини според волјата на политичките партии, нешто што експертите редовно го критикуваат, затоа што води кон клиентелеизам на веќе ослабнатите медиуми. Да не го заборавиме фамозниот „член 102 “ со кои стои отворена вратата државата да финансира одредени медиуми со одредена цел,“вели еден од авторите на извештајот Зоран Ричлиев.
Со проблеми се соочува и јавниот сервис (МРТ) кој е под постојан политички притисок и со финансиска нестабилност, што ја поткопува неговата способност да обезбедува непристрасна програма во јавен интерес.
„Недоволното финансирање резултира со ниски плати, лоши услови за работа, ограничен професионализам и програма која претежно се сведува на основно известување без критичка анализа и без разновидни содржини“, се вели во извештајот.
Медиумски пустини
Недоволно развиениот локален и регионален медиумски пазар, во комбинација со недостиг од покривање на локалните теми од страна на националните ТВ, радио и онлајн медиуми, претставува сериозна закана за медиумскиот плурализам. Последниот извештај на Самостојниот синдикат на медиумски работници покажува дека одредени територии во земјава каде што граѓаните немаат пристап до локални информации. Можат само да се информираат од национални медиуми и од регионални, но не и за локалните проблеми и состојби со кои се соочуваат.
„Потребен е фонд за медиумски плурализам, каде што распределбата не треба да ја прават политички фактори, туку би ја правеле независни експертски тела. До душа не сме многу успешни и во тие тела, затоа што и таму најчесто политички се бираат актерите, ама мислам дека е неопходно, да се формира “, објаснува Ричлиев.
Он лајн просторот нова арена за битка против новинарите
Според податоците на Здружението на новинари, во изминативе години драстично е намален бројот на физички напади врз новинарите, ама затоа он лајн просторот стана арена за битка против новинарите.
Најчести проблеми се демнењето и вознрмирувањето особено на новинарките во онлајн просторот. А чест случај се и таканаречените СЛАП тужби од моќници кон истражувачките медиуми со цел да се спречи објава на истражувачки стории. Такви забелешки имаше и во последниот извештај на Стејт департментот.
Според него, дел од невладините организации во земјава забележуваат дека медиумските слободи се загрозени од стратешки тужби против новинари – т.н. слап тужби (SLAPP), притисок од функционери, самоцензура и напади за истражувањата за корупција, дезинформации и говор на омраза. Притоа, беа наведоа и конкретни случаи со смртни закани кон неколку новинари, како и за слап тужби од државни и приватни актери.
Дополнителен проблем во извептајот на ОВСТ и Метамофозис се забележува и за неефикасните истраги и бавните судски постапки.
ЗНМ утврди дека само 10 проценти од пријавите во изминативе пет години добиле судски епилог.
„ Ние имаме речиси добра правна рамка каде што би требало да функционираат медиумите и медиусмките работници, но каскаме во нејзиното спроведување,“вели Милан Спировски од ЗНМ.
Минимален напредок во изминативе години
Во извештајот се забележани одредени минимално позитивни чекори кои се направени во изминативе години како подобрување на безбедноста на новинарите, како и одредени законски измени со кои се опфатени интернет медиумите, кои како што велат авторите, за жал нема да се спроведат набрзо.
Ричлиев додава дека темпото на реформи во споредба со општествените промени во медиумската сфер е толку бавно, што со него никогаш нема да може да се достигнат промените кои ги наметнува дигитализацијата, а дополнителен проблем е што тоа темпото осцилира во зависност од политичката консталација.
Причините за намалената доверба на јавноста во медиумите се негативниот однос на дел од политичарите кон новинарите, политичките пристисоци, економската несигурност и празнини во законите и присуството на дезинформации, се заклучува во извештајот.
Намалениот број на студенти на за новинарските студии е еден од показателите за лошата медиумска состојба, но и за иднината на новинарството.
„Лани имаше 8 студенти, годинава се запишале 5, тоа се десет пати помалку од времето јас кога студирав. Тоа за жал е состојбата во која се наоѓаме, го претставува новинарството како непожелна професија, ниска плата, небезбедност, зошто некој би си го пратил детето на новинарство“, вели авторот на извештајот Горан Ризаов.
Еден од проблемите во медиумите е и честата измена на законот за аудиовизуелни медиуми. Од неговто создавање до сега е сменет најмалку 15 пати, и содржи голем број недоречености. Професорката од Институтот РЕСИС Снежана Трпковска смета дека ако е толку важна регулативата тогаш е потребно да се внимава и на начинот на кој се носат и прават законите. Таа додава дека иако јавниот интерес е запишан во македонските закони, се добива впечаток дека тој се запоставува во медиумската сфера и јавниот дискурс.
„Живееме во општества во кои постојат многу други инетреси кои го одвлекуваат вниманието на медиумите од служењето на јавниот интерес“, вели таа.
За слободата на изразување и слободата на медиумите во својот годишен извештај за човековите права објавен во август, американскиот Стејт департмент нотираше дека и во Северна Македонија и во земјите од Западен Балкан, тие се ограничени.
Стејт департментот нотираше и дека медиумите, пред се јавните радиодифузери, се соочуваат со политички и економски притисоци. За онлајн медиумите, пак, иако беше забележано дека се послободни, беше потенцирано дека се мета на дигитални напади и обиди за дискредитација.