За една група украински волонтери, ризикот од ракување со ракети на фронтот дефинитивно е подобар од убаво, мирно пензионирање.
„Степските Волци“, се единица што не е официјално признаена од украинската армија - но нејзините членови, кои сите се постари од 60 години, им се добро познати на војниците што се борат против руската инвазија.
Тие често вршат работа што се смета за премногу ризична за редовните војници: собирање погрешно испукани ракети и нивно носење за поправка и повторно користење.
Волците брзо влегуваат, собираат недетонирани ракети и ги враќаат во тајна работилница што се наоѓа некаде во регионот Запорожје.
„Ние сме волонтерска единица и преживуваме само благодарение на поддршката од народот на Украина“, неодамна изјави командантот на единицата, „Дид“, за украинскиот сервис на РСЕ.
„Сите наши лансери се направени од волонтери“.
Некои од Волците се обидоа да се пријават во украинската армија, но не им беше дозволено според сегашниот закон, кој ги принудува војниците да се пензионираат на 60 години.
„Отидов во воената канцеларија за регрутирање, но дури и не ме пуштија внатре“, рече „Пеца“, еден од Волците кој е специјализиран за возење и одржување на возила во неповолни услови. „Само рекоа: „Чекај, ќе те повикаме.““
„Сè уште чекам на тој повик“, додаде тој.
„Пеца“, кој има 67 години, рече дека нема да биде обесхрабрен од официјалните правила, додавајќи дека им помага на војниците, „практично цело време на фронтовската линија“.
Тој објасни дека одржувањето на моторите во форма е повеќе од полупензионерско хоби.
„Сè мора да функционира за да можеме да се спакуваме за минута или помалку и брзо да ја напуштиме позицијата. Нашите животи зависат од тоа.“
Во блиската работилница, Волците вежбаат, правејќи склекови кога не расклопуваат ракети за да дијагностицираат што не е во ред со нив.
„Имаше погрешно истрелување на ракетата“, рече друг „волк“, „Днипро“, додека неодамна работеше на обновена ракета. „Значи, треба да ја расклопиме, да ја отстраниме боевата глава, да ја отстраниме опашката, да ја одвртиме, да го извадиме системот за палење и да ја замениме. Или да го замениме барутот што ја пали ракетата за да може да се лансира.“
Во украинскиот парламент моментално се разгледува закон што ќе им овозможи на постарите војници официјално да служат, перспектива што им дава охрабрување на Волците. Тоа би можело да значи дека ќе добијат пристап до вистинско оружје, обука и ресурси, велат тие.
Но, во меѓувреме, тие планираат да продолжат со борбата со какви било алатки и техники што можат да ги соберат.
Кога еден испука ракета кон целта неодамна, извика: „За Харков, за децата! Пукај!“