Господине Крстевски, три месеци по катастрофалната трагедија во дискотеката Пус, како ја опишувате моменталната состојба во Кочани?
Моменталната состојба во Кочани не е ништо подобро отколку од деновите после несреќата. Напротив, таа се влошува, бидејќи на некој начин имаме институционална криза, имаме револт којшто е оправдан од родителите на починатите деца и родителите на повредените деца. Гледаме со каква голгота се соочуваа многумина од повредените.
Исто така, другите луѓе коишто живеат во градот, според мене, непотребно со други проблеми додатно се оптеретуваат, како што е проблемот со неотварањето на градската градинка, којшто е готов технички исправен објект веќе повеќе од месец дена, не можеме да добиеме согласности за да го пуштиме истиот објект, којшто ќе опфати сместување на 115 деца, каде што ќе се реши проблемот со листата на чекање во детските градинки, бидејќи многумина луѓе, а има и повредени, коишто има и луѓе коишто останаа самохрани родители, едноставно не се во можност ниту да одат на работа, ниту да ги чуваат децата, потребна им е институционална помош.
Граѓаните велат, се живее во градот „од што се мора“. Еве и сега го споменавте овој пример, колку може еден градоначалник да ги смени овие состојби?
Градоначалникот може и те како да ги смени овие состојби, јас работам на тоа. Најпрвин, работам со подобрување на амбиентот на живеење. Во следниот период, фокусирани ќе бидеме на културни манифестации, на спортски манифестации, каде што директен инпут ќе имаат младите, бидејќи младите се тие коишто ќе го воздигнат градот. Исто така, направивме неколку капитални проекти коишто ќе ги реализираме во наредниот период, коишто ќе имаат огромен бенефит и олеснување во функционирањето на кочанчани.
Но што без поддршката од централната власт? Ова што рековте дека немате поддршка за вработување, па и за другите проекти, како еден градоначалник, којшто па е независен кандидат, ќе може да ги промени сите овие состојби?
Видете, јас мислам дека станува збор за поединци од централната власт, значи не за сите. Еве ќе ви дадам пример: кога станав градоначалник имаше апликација по однос на повикот од унгарскиот кредит. Сакам да им се заб6лагодарам во оваа прилика на сите луѓе во општината коишто помогнаа – за една недела ние направивме тотална промена на таа апликација, бидејќи беше планирано реконструкција на некои селски улици и патишта. Ние ги тргнавме сите тие улици и отидовме само со еден проект.
Тоа беше пензионерскиот дом и додадовме уште еден проект којшто ја надминуваше вредноста, а тоа беше атмосферска канализација. Значи, тоа се пари на граѓаните, нас ни следуваат тие пари. За парите коишто ни следуваат по глава на жител, ние добивме пензионерски дом којшто ќе биде само за кочанчани, за 141 лице, со медицински центар, ултрамодерен пензионерски дом, што е нешто многу добро. Меѓутоа, овде дојдовме и до поддршка од централната власт.
Не смееме ние да занемариме дека атмосферската канализација, која што ни е одобрена, е плус од тие пари коишто беа предвидени за да ги добиеме по глава на жител унгарскиот кредит. Како што кажав, пензионерскиот дом се гради со пари на гра9аните коишто го следуваат Кочани, меѓутоа атмосферската канализација е плус и нешто што е за пофалба.
Рековте, доста е направено во овие месеци додека вие сте градоначалник, за разлика од претходните три, три и пол години. Чувствуваат ли граѓаните конкретно дека има некакви промени?
Апсолутно. Имам огромни повратни информација од страна на граѓаните. Најпрвин, еден од приоритетите ни беше хигиената на живеење. Градот е чист, се косе масовно. А исто така, градската депонија е ставена целосно под контрола, вложуваме максимални напори во одржување на истата. Ви тврдам дека не била во подобра кондиција никогаш во последните години, како и градските улици коишто се исчистени. Отвараме нови паркинг места, се работи, ви кажав на многу културни манифестации коишто ќе следат во наредниот период, и тоа е нешто што е неопходно пред се за младите, за да успеат да се вклучат во сите процеси во обновување на градот.
Може ли ова да ги рехабилитира кочанчани после се она што се случи, една таква голема трагедија, сепак многумина имаат роднини, жртви, повредени во оваа катастрофа?
Ние таква несреќа не сме имале никогаш во историјата. Како што има настани коишто повеќе од 70 години ме потсетуваат на убиства, како што се жртвите во Ваташа, како што е 2001 војната, ова никогаш нема да се заборави од страна не само на кочанчани и на целата македонска јавност. Меѓутоа, имаме одговорност спрема лицата коишто се преживеани, кон идните генерации, значи ние имаме одговорност како генерација за да го воздигнеме градот и да го направиме Кочани подобро место на живеење. За тоа да го успееме да направиме, зависи од сите нас, бидејќи сите ние Кочанчани и сите ние жители на оваа држава сме дел од системот.
Обвинителството го поднесе обвинението, опфатени се 34 физички лица, три правни лица, дел се изоставени од оние коишто првично беше најавено дека ќе одговараат. Каде вие ја гледате одговорноста: локалната власт, централната власт или приватниот сектор?
Видете, факт е дека затаиле многу институции, како што после несреќата затајуваат и ден денеска. Ние после таа несреќа во Пулс се уште имаме дивоизградени угостителски објекти коишто се потенцијална опасност. Доколку се случи несреќа во тие објекти, кој ќе е крив? Еве, јас во оваа прилика ги повикувам и Управа за јавни приходи и Агенција за храна и ветеринарство. Сметам дека државен пазарен инспекторат добро ја обавува својата работа во рамките на нивните надлежности, меѓутоа повторно ги повикувам и нив да преземат во рамките на нивните надлежности нови иницијативи. Исто така, трудов инспекторат, сите надлежни институции, бидејќи имаме ние се уште објекти коишто се по примерот на Пулс и работат.
Таму наидовте на отпор токму од дел од овие институции. Видовме соопштение кое што беше од Агенцијата за храна и ветеринарство каде велат не се надлежни, сопствениците на објектите реагираа?
Тоа е вон секоја памет. Агенција за храна и ветеринарство, која што е надлежна за контрола на Хасап системот, кажува дека не се надлежни. Тоа е вон секоја памет и само кажува во каква држава живееме. Гледаме и вие можевте да видите на видео, каде што имаме угостителски објект со две различни кујни, од исти влез влегува храната, излегува на плочките, имаше бубашваби. Значи, тие врати се отворени цело време. Кој ќе одговара доколку се случи нова несреќа?
А што ќе се случи со тие објекти? Вие сте истрајни дека можете да ги решите?
Да. Јас поднесов, јас поднесов кривична пријава против тие угостители и се надевам дека во најбрз можен рок обвинителството ќе превземе конкретни чекори, каде што ќе биде направено се што треба по процедурата, за да успееме да ги тие објекти да ги ставиме во нивно законско функционирање, доколку е тоа возможно, затоа што само со функционирање на законите и правдата, така можеме да дојдеме до подобар систем.
Колку верувате во таа правда?
Жално е што тие угостители, тие угостители кога видоа со што се соочи еден угостител кој што ја нанесе сета оваа несреќа не се чукнат во глава и да кажат што правиме ние сега, зошто продолжуваме вака да работиме незаконски. Искрено да кажам, ова кога го зборувам, ми доаѓа гадење и не знам што треба да се случи за да се освести народот во Кочани.
Ќе почне и судски процес кој што ќе биде голем. Еве ова го велите, поднесовте кривична пријава. Колку верувате во правдата дека може да биде задоволена?
Па најпрвин јас сметам дека целиот тој процес мора да биде многу побрз. Значи, еве кога зборуваме нели за бирократија, кај нас се мисли по таа гломозност и лавиринти. Искрен да бидам, минатото ни покажува дека судовите не функционираат баш како што треба, туку функционираат наклонето кон одредени страни од политичко влијание. Меѓутоа, јавноста во Кочани будно ќе го следи овој процес и нема да дозволиме да се тргува со жртвите.
Ќе беше ли позадоволена правдата доколку актуелни функционери беа гонети и гледаме дека родителите на жртвите често го бараат ова од судските власти, додека пак во обвинението па и немаше – некои беа изоставени, дел од овие лица.
Па гледаме дека има дел од актуелни функционери кои што се гонети. Тоа го оставам на судските органи, меѓутоа мене нешто што ме иритира е моралната одговорност. Ние не видовме морална одговорност од никој. Па зар некој не треба да каже: сам си поднесувам оставка од морални причини. Еве, претходниот градоначалник на општина Кочани, господинот Љупчо Папазов, овде кај вас во емисија ви кажува: тој немаше ни храброст да излезе да си поднесе оставка, туку со статус го направи, и тоа и прашање е колкаво влијание има неговата желба да си поднесе оставка, бидејќи информациите кои што ги имам јас, на денот кој што тој си поднесува оставка, сабајлето во понеделник имал брифинг со вработените во општината и ништо не им најавил. Значи, тој ја поднесува оставката подоцна. Нешто претпоставувам се има случено во меѓувреме. На Фејсбук напиша оставка.
Според вас, кој би требало да сноси барем морална одговорност?
Па нормално, се разбира дека највисоките политички кругови. Еве во оваа ситуација конкретно – министерот за внатрешни работи. Јас не велам дека негова е одговорноста за правно формално, меѓутоа тој и те како има одговорност, како една година министер, најмалку од се да биде позитивен политички пример дека мора некогаш да почне да се сноси морална одговорност.
Но и премиерот речиси не се има појавено во Кочани. Мислите ли дека се плашат да дојдат во Кочани да разговараат лице во лице со луѓето?
Тоа не знам како да го дефинирам, меѓутоа јас сум разочаран што се уште, посебно премиерот, нема дојдено во Кочани и во неколку наврати го повикав лично, вратата во општина Кочани за него е отворена, бидејќи тој е премиер на сите граѓани на оваа држава и само со помош на централната власт ние можеме да го издигнеме Кочани во следниот период и таа помош е неминовна и тие имаат должност спрема нашиот град за да помогнат. Така. Исто и пратеникот – не видовме дека има некакви комуникации со жртвите.
Пратеникот овде може да се согласи, целата кочанска јавност е срам за градот. Најпрвин, тоа што не се појавил на ниту еден од маршовите досега, а е бил професор на повеќе од половина од тие деца кои што починале. Срам да му е, нема помрднато ни со прст, се труди со популистички цели за 2 милиона денари за споменик, а не гласа и не дава поддршка за материјално обештетување на родителите на починатите деца и исто така не направи ништо посебно за градот во последниот период. Еве зошто не го артикулира прашањето и за градинката. Каде е тој да реагира во собрание зошто не се отвара градинка повеќе?
Вие присуствувате на протестите?
Мислам дека досега имаше 10 протести и еден во Скопје. Јас бев на седум од нив и на тој во Скопје, бев. Така да, значи секогаш кога сум во можност одам на тие протести, давам максимална поддршка на родителите. Нивната болка е огромна, нема нешто што ќе може да ја анулира таа болка.
Заштитени ли се овие луѓе? Посебно родителите на жртвите, видовме дека објавија и некакви заканувачки пораки на социјалните мрежи. Дали како вие како градоначалник можете да ги заштитите и дали и вие можеби добивате некакви закани? Вие, семејството ваше?
Видете, значи овде треба да се вклучат повеќе институциите, односно МВР. Секој коментар кој што ќе биде впишан на социјалните мрежи треба да има одговорност. Значи, не може било кој што сака да пишува. Мора да има пријави кон лица кои што упатуваат заканувачки пораки. Инаку, тие родители ги имаат изгубено своите деца. Нема што повеќе да изгубат во животот. Значи, тие не се плашат од ништо и нема механизам некој што може да ги застраши нив. Така да, само контра ефект може да создаваат тие заканувачки пораки, истите да бидат уште поотпорни на нив и да се борат решително во барајќи ја правдата.
А вие дали имате некакви закани?
Не, јас немам никакви закани, лично на социјалните мрежи има секакви луѓе кои што пишуваат заканувачки пораки кон мене, но јас не им се плашам и напротив, им порачувам дека јас сум тука и нема да им дозволам се што е работено незаконски и нерегуларно. Имав од еден угостител закана, за истата ја пријавив во полиција. Така да нема да им дозволам да работат незаконски после оваа трагедија, бидејќи после оваа трагедија ништо не е исто, не само во Кочани, туку и во државата.... Доколку оваа трагедија не ги освести институциите и не ги освести сите жители на Македонија, тогаш можеме да кажеме дека таа трагедија е залудна. Жално е што 100 дена после трагедијата повторувам, имаме угостители кои што не им доаѓа паметот и мора да им поднесувам кривични пријави за да успееме да направиме некаков функционален систем.
Имаше инцидент во Советот на општина Кочани неодамна, еден советник сакаше да нападне друг, настрада вработена. Како го оценувате ова, ова се случи токму и на дебата за трагедијата која што се случи.
Значи, Советот во општина Кочани подолго време функционира така, за жал. Можам да кажам дека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ константно секоја седница со навреди и со дофрлување се труди да направи инцидент и на последната седница тоа им успеа. За мене тие се исто за кочанската јавност цивилизациски пораз што ние имаме таков совет. Значи, немаме разбирање од страна на голем број советници за општо корисни работи. Нив ги интересира буквално само паушалот. Еве, во оваа прилика ви најавувам иако тие изјавија дека нема да присуствуваат на седниците до крајот на годината, дека ќе доаѓаат да присуствуваат на седниците бидејќи ги интересира само паушалот.
Еве, ќе видите и ќе дојде на наредна седница, слушајте ме дали советниците од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја бојкотираат или ќе дојдат само да се потпишат за да земат паушал. Потегот од советникот Аки Акиов најстрого го осудувам и истиот мора да сноси одговорност за својот потег, бидејќи не е дозволиво. Може целата македонска јавност да види од сала полна со советници од двете советнички групи, со директори, со вработени во општината, јас бев единствен кој што останав и кој што го држев Аќија Ќиов, се со цел да спречиме инцидент. Што е до мене, направив се за да го спречиме инцидентот, а меѓутоа за жал не успеав да го спречам.
Тој беше ваш поддржувач кога требаше да станете ВД градоначалник?
За да станам ВД градоначалник, за мене гласаа осумте советници од коалицијата од СДСМ и коалицијата.
Тој е од партијата на Ромите?
Да, тој е од партијата на Ромите во коалиција со СДСМ.
И немате проблем сега што го осудувате, сепак и тој во налетот кога се случи нападот беше во ваша одбрана, говорот беше сепак во ваша одбрана и ...
Ама сега ние не треба да се лажеме. Значи тој е свесен за неговата лоша постапка и се извини на јавноста и се надевам дека се извинил и на Ана Кралева која што беше повредена, бидејќи сето тоа кое што се има случено не треба да се случува во рамките на Советот. Аќија Ќиов како советник е има направено многу повеќе од од советниците на ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа потегот кој што го направи е за осуда.
Владата одобри 2 милиони денари за споменик во Кочани. Како вие гледате на оваа идеја во време кога се собираат пак донации за да се помогне на настраданите од трагедијата?
Јас ова го гледам како очаен крик, пред се од страна на пратеникот од Кочани, на некој начин пробувајќи да им се доближи до родителите и апелирам да се одобри сериозна финансиска помош, да се исплатат средства на родителите кои што се починатите деца, иако нема финансии кои што ќе ја анулираат таа болка која што имаат. Таа болка ќе биде вечна.
Ќе биде вклучено да локалната самоуправа во давање дозволи за споменикот, разговарано е на која локација, како ќе се даде таа дозвола?
Да. Еве, оваа седница, еве оваа седница сега што беше блокирана, имаше точка на дневен ред која што се однесуваше на локација за споменик кој што е посветен на починатите деца. Советниците направија се за да ја прекинат седницата.
Ама тој споменик би го градела локалната самоуправа, не?
Тој споменик е обезбеден од донација од страна на родителите на починатите деца.
На починатите. Тој каде би требало да биде? Во центарот на градот или на Пониква?
На Пониква. По нивна иницијатива.
Со централната власт нема не сте разговарале каде би можело да биде, што би можел, како би изгледал, дали вие ќе давате исто дозвола. Тоа значи дека два паралелни споменици ќе се градат во Кочани?
Не, значи ние сме отворени за разговор. Според мене паметно ќе беше да се направи меморијален центар. Да не се разбереме погрешно. Значи, секоја помош е добредојдена, меѓутоа меморијален центар како што го имаме во Крушево за по примерот на Тоше Проески, доколку беше направен во некоја локација на градот и истиот да биде репрезентативен. Вака со спомениче, со со такви предлози мислам дека само се труде популистички да се настапува од одредени политичари.
Се ближат локалните избори, најавивте кандидатура, ќе одите повторно како независен кандидат и планирате ли советничка листа за изборите?
Ви благодарам на прашањето. Јас досега два пати сум советник од независна листа на советници. Исто така, кандидатурата која што ја најавив за градоначалник е од независна листа. Значи, јас ќе се кандидирам како независен градоначалник по примерот од претходните локални избори, ќе собирам потписи и мојата кандидатура ќе биде поднесена со помош на моите сограѓани.
Исто така, ќе направиме листа од советници која што ќе биде составена од квалитетни и проверени луѓе кои што се активисти за подобра иднина на Кочани и кои што се имаат докажано во последниот период со повеќе акции, бидејќи јавноста во Кочани многу добро знае, без разлика кој и да е на власт, ние се бориме константно против неправди, против загадувачи и против многу други аномалии во друштвото и тие луѓе му се потребни на Советот на општина Кочани.
На Советот на општина Кочани не му се потребни советници како што гледаме од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ кои што нема дадено ниту еден предлог во овој мандат, кои што немаат ниту конструктивна расправа, а ги интересира само паушалата.
Како ќе ја докажете независноста? Често ги напаѓате советниците од ВМРО-ДПМНЕ, од друга страна СДСМ најави дека ќе ги поддржи сите независни кандидати во било која општина која што ќе се појави независен кандидат. Значи ли тоа дека сепак СДСМ ќе биде од вашата поддршка?
Прв пат слушам за таква најава дека СДСМ најави дека ќе ги поддржуваат во сите општини независните кандидати. Меѓутоа, поддршка за мене е добредојдена од сите партии, вклучувајќи и од ВМРО-ДПМНЕ... Јас одам како независен, со тоа што ќе собирам потписи, така ја покажувам мојата независност. И исто така со тоа што ќе направиме листа од луѓе кои што не се од двете политички партии и со тоа покажуваме независност. Претходно во минатото, еве отворено овде кажувам дека сум имал понуда од политичките партии да бидам на нивна советничка листа, меѓутоа таа понуда е отфрлена и си одев како независен советник.
Од која партија беше ова понуда?
На последните избори имав понуда од ВМРО-ДПМНЕ за која што беше одбиена за советничка листа.
Каква кампања ќе водите, имате ли програма и од каде финансии?
Не ми требаат финансии. Јас кампањата ја водам со добар ден, добар добро вечер и добро утро. Значи, едноставно граѓаните ме знаат во Кочани, се имам докажано во претходните години и сметам дека самото предизборие не значи ништо.