Пакистан соопшти дека осум лица биле убиени рано на 7 мај во ракетни напади лансирани од индиските вооружени сили и го нарече нападот „бесрамен чин на војна“ во услови на зголемени тензии меѓу соседите вооружени со нуклеарно оружје.
Нападот е најлош во насилствата кои траат повеќе од две децении и следи по нападот на исламистички напаѓачи во кој загинаа 26 хинду туристи во Кашмир, контролиран од Индија минатиот месец. Индија ги обвини милитантите со седиште во Пакистан за смртоносниот напад, додека Пакистан негираше вмешаност.
Индија соопшти дека нападнала девет пакистански локации кои биле „терористичка инфраструктура“ од која биле оркестрирани нападите против неа.
Додаваат дека претрпела и смртни случаи меѓу нејзиното цивилно население. Армијата соопшти дека тројца цивили биле убиени од пакистански војници кои прибегнале кон „произволно“ гранатирање преку Линијата на контрола, односно де факто границата што го дели Кашмир, кој е во центарот на 80-годишен територијален спор меѓу двете земји и нивните меѓународни граници.
Од индиската армија соопштија дека „одговиле на пропорционален начин“.
Генералниот директор на Одделот за односи со јавноста на пакистанските служби (ISPR), генерал-потполковник Ахмад Шариф, на прес-конференција изјави дека имало „24 напади од Индија на шест места“ и дека тие резултирале со убиство на осум граѓани и ранување на 35. Уште осум се водат како исчезнати.
„Пакистан ќе одговори на нападот“, рече Шариф пред да ја заврши прес-конференцијата без да одговара на прашања.
Тој не ги спомена информациите дека воздухопловните сили на земјата собориле индиски авиони како одмазда. Пакистанскиот министер за информации Атаула Тарар на X изјави дека три индиски авиони и еден индиски дрон биле соборени од Пакистан.
Премиерот на Пакистан, Шехбаз Шариф, закажа итен состанок на Националниот комитет за безбедност за 10 часот наутро (локално време) на 7 мај.
Главниот министер на покраината Пенџаб, Меријам Наваз, прогласи вонредна состојба во покраината, која граничи со Индија.
Сите училишта, колеџи и универзитети ќе бидат затворени. Полицијата и другите безбедносни агенции се ставени во состојба на висока готовност, а од лекарите на отсуство е побарано да се јават на должност.
Министерството за надворешни работи на Пакистан соопшти дека нападот претставувал значителна закана за комерцијалниот воздушен сообраќај, а земјата ги суспендира сите летови и операции на аеродромите во Лахор и Исламабад на 48 часа.
Индиското воено соопштение ја нарече воената акција операција „Синдор“ и рече дека биле погодени девет локации.
„Пред малку време, индиските вооружени сили ја започнаа „ОПЕРАЦИЈАТА СИНДОР“, погодувајќи ја терористичката инфраструктура во Пакистан и Џаму и Кашмир, окупирани од Пакистан, од каде што биле планирани и насочени терористички напади врз Индија“, се вели во соопштението.
„Нашите акции беа фокусирани, добро проценети и неескалаторски по природа. Ниту еден пакистански воен објект не беше цел“, се вели во соопштението, во кое се додава дека „Индија покажа значителна воздржаност во изборот на цели и метод на извршување“.
Пакитанските служби соопштија дека Индија испукала ракети на три локации Музафарабад, главниот град на Кашмир контролиран од Пакистан, потоа во Котли, исто така во Кашмир управуван од Пакистан и Бахавалпур во покраината Пенџаб.
Областите Бахавалпур и Муридке се сметаат за центри на забранетите групи Џаиш-е Мухамед и Лашкар-е Џангви.
Нападот го вклучи алармот во Вашингтон, од каде што американскиот претседател Доналд Трамп рече дека бил информиран за нападот и се надева дека борбите „ќе завршат многу брзо“.
Во Њујорк, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изрази загриженост за нападот и повика на максимална воздржаност од двете земји.
„Светот не може да си дозволи воена конфронтација меѓу Индија и Пакистан“, рече Гутереш.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, го контактираше пакистанскиот советник за национална безбедност, генерал-потполковник Асим Малик, кој е и шеф на главната разузнавачка агенција на Пакистан, Интер-службената разузнавачка служба (ISI), за да разговараат за ситуацијата.
Рубио, исто така, разговараше со својот колега од Индија и рече дека ќе продолжи да соработува и со Индија и со Пакистан за да се постигне решение за конфликтот.
„Тој ги охрабрува Индија и Пакистан повторно да отворат канал меѓу нивните раководства за да ја смират ситуацијата и да спречат понатамошна ескалација“, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност, Брајан Хјуз.
Тензиите меѓу двете земји се зголемија по смртоносниот напад врз хиндуистичките туристи.
Хасан Абас, истакнат професор по меѓународни односи во Центарот за стратешки студии Блискиот Исток и Јужна Азија, за РСЕ изјави дека иако тероризмот секогаш мора да се осудува, брзото прикажување на инцидентот од страна на Пакистан како операција со лажно знаме од страна на Индија - без истрага - е неодговорно.
Исто така, брзањето на Индија да го обвини Пакистан без веродостојни докази само ја продлабочува недовербата и го зголемува ризикот од ескалација, рече Абас.
„Сега ни треба поинаков вид храброст - храброст да замислиме соработка, а не конфронтација. Во регион кој се соочува со двојна криза на сиромаштија и климатска ранливост, војната е луксуз што никој не може да си го дозволи“, рече Абас.
Хусеин Хакани, поранешен пакистански амбасадор во Соединетите Држави и виш соработник во Дипломатската академија „Анвар Гаргаш“ и Фондацијата „Хадсон“, за РСЕ изјави дека домашната политика на двете страни бара од раководството на двете земји да заземе националистички став.
Единствениот разумен пристап во оваа ситуација за Индија е да демонстрира удар, а Пакистан да одговори на начин што ситуацијата нема да се разгори, рече Хакани.
„Но, ако едната страна удри, потоа другата одговори, а потоа другата повторно нападне и тоа продолжи, тогаш би можело да излезе од контрола“, додава Абас.
Иако луѓето од двете земји во моментов навиваат, токму тие би биле најмногу погодени, бидејќи економиите на двете земји ќе страдаат, заклучува тој.
Таусиф Ахмад Кан, автор и поранешен раководител на Одделот за масовни комуникации на Федералниот универзитет Урду во Карачи, вели дека тензиите меѓу Индија и Пакистан поттикнуваат вештачки патриотизам.
„Една и полмилијарда луѓе од регионот, многумина од нив живеат во сиромаштија -тие се вистинските жртви на овој конфликт“, рече Кан.
Кан, исто така, тврди дека партијата Бхаратија Џаната на Моди има за цел да ја преобликува секуларната Индија во хиндуистичка држава, додека „длабоката држава“ долго време ги користи пакистанските медиуми за пропагирање на антидемократски наративи.
Индиските медиуми се под влијание на идеологијата „Хиндутва“ на премиерот Нарендра Моди, додека пакистанските медиуми се строго контролирани од она што тој го нарекува „длабока држава“, изјави Кан за РСЕ и заклучува:
„Нема повеќе простор за разумност“.