Достапни линкови

Трамп воведе забрана за влез во САД за државјани на 12 земји


илустрација
илустрација

На 4 јуни, американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која повторно ја воведе забраната за патување што ја издаде за време на неговиот прв мандат, наредувајќи нова забрана за влез во Соединетите Држави за граѓани на 12 земји, вклучувајќи ги Авганистан и Иран.

Трамп рече дека забраната за патување е неопходна за да се заштитат Американците од терористички напади како што беше нападот на 1 јуни во Колорадо, за кој властите велат дека група луѓе што демонстрирале во поддршка на израелските заложници што ги држеше Хамас биле нападнати од египетски државјанин.

„Неодамнешниот терористички напад во Болдер, Колорадо, ги истакна екстремните опасности што ги претставуваат за нашата земја влезот на странски државјани кои не се соодветно проверени, како и оние кои доаѓаат тука како привремени посетители и остануваат подолго од важењето на нивните визи. Ние не ги сакаме нив“, рече Трамп во видео порака.

Според полициските извештаи, осомничениот за нападот во Колорадо, Мохамед Сабри Солиман, фрлил молотови коктели и ја полеал групата со запален бензин. Петнаесет лица беа повредени.

Претставници на американската служба за внатрешна безбедност изјавија дека Солиман бил нелегално во земјата откако му истекол туристичката виза. Трамп ја спореди новата забрана за патување со „моќните ограничувања за патување“ што ги воведе во голем број претежно муслимански земји во 2017 година, кратко по почетокот на неговиот прв мандат.

Тој ја опиша акцијата како една од најуспешните политики во неговиот прв мандат и клучен дел од спречувањето на големи странски терористички напади на американска територија, наведувајќи ги терористичките напади што се случија во Европа во последните години.

„Нема да дозволиме она што се случи во Европа да се случи и во Америка. Не можеме да имаме отворена миграција од која било земја каде што не можеме безбедно и сигурно да ја провериме и потврдиме“, рече Трамп.

Покрај Авганистан и Иран, земјите погодени од новата забрана за патување се Бурма, Чад, Република Конго, Екваторска Гвинеја, Еритреја, Хаити, Либија, Сомалија, Судан и Јемен. Забраната стапува во сила една минута по полноќ на 9 јуни.

Иако ограничувањето не ги засега патниците од Египет, Трамп рече дека „во светлината на неодамнешните настани“ му наложил на државниот секретар да го информира за преглед на практиките и процедурите на Египет „за да се потврди соодветноста на неговите тековни можности за скрининг и проверка“.

Покрај забраната, според прогласот, ќе има зголемени ограничувања за посетители од Бурунди, Куба, Лаос, Сиера Леоне, Того, Туркменистан и Венецуела.

Трамп рече дека останува „посветен на соработката со оние земји кои се подготвени да соработуваат за подобрување на процедурите за споделување информации и управување со идентитетот, како и за справување со ризиците од тероризам и јавна безбедност“.

Забраната за патување издадена за време на неговиот прв мандат им забрани влез на граѓаните на седум претежно муслимански земји - Ирак, Сирија, Иран, Судан, Либија, Сомалија и Јемен. Ова резултираше со хаос и конфузија на аеродромите во тие земји и на американските аеродроми, бидејќи на патниците или им беше одбиено качување на летови за Соединетите Држави или беа приведени по пристигнувањето.

Меѓу засегнатите патници имало студенти и наставници, како и бизнисмени, туристи и луѓе кои биле во посета на пријатели и семејство.

Трамп ја бранеше забраната од причини поврзани со националната безбедност, тврдејќи дека таа не се заснова на предрасуди против муслиманите. Одлуката беше ревидирана поради правни предизвици сè додека Врховниот суд не ја потврди верзијата од 2018 година.

Новата забрана за патување следува по извршната наредба што Трамп ја издаде во јануари, со која побара од Стејт департментот и Одделот за внатрешна безбедност и директорот на Националното разузнавање да состават извештај за „непријателски ставови“ кон Соединетите Држави.

Извршната наредба, исто така, бараше проценка дали влезот од одредени земји претставува ризик за националната безбедност.

XS
SM
MD
LG