Достапни линкови

Вучиќ по средбата со Калас: Србија останува доверлив партнер на сите кои се стремат кон соработка


Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас
Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, доцна синоќа (21 мај) во разговор со високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, во Белград изјави дека Србија останува сигурен партнер за сите кои искрено се стремат кон соработка, напредок и заедничка европска иднина.

Во објава на Инстаграм, Вучиќ изјави дека со Калас разговарале за клучни геополитички теми, безбедносната состојба во регионот, европскиот пат на Србија, како и дијалогот меѓу Белград и Приштина.

„Нагласив дека Србија е посветена на конструктивен дијалог, под покровителство на ЕУ, како начин за решавање на отворените прашања, и дека заштитата на српскиот народ на Косово и Метохија е наш апсолутен приоритет. Потсетив дека формирањето на Заедницата на српски општини не е само договорена обврска, туку и предуслов за понатамошен напредок на дијалогот и секоја нормализација на односите“, напиша Вучиќ на Инстаграм.

Тој истакна дека со Калас разговарал за процесот на ускладување на Србија со надворешната и безбедносна политика на ЕУ.

„Убеден сум дека Србија, како земја која се стреми кон членство во Европската Унија, има капацитет да придонесе за зачувување на мирот, стабилноста и заедничките европски вредности, а воедно да ги зачува своите витални национални интереси. Србија останува сигурен партнер на сите кои искрено се стремат кон соработка, напредок и заедничка европска иднина“, нагласи Вучиќ.

Ова е втора посета на Каја Калас на Западен Балкан, во текот на која таа ќе ги посети и Косово и Северна Македонија до 23 мај.

По Белград, таа оди во Косово. Претходно беше најавено дека во Приштина ќе разговара со претставници на политичките партии и граѓанското општество, како и со претставници на ЕУЛЕКС и КФОР.

Во петок во Скопје, Калас ќе се сретне со премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски.

За време на нејзината прва посета на регионот на Западен Балкан, на почетокот на април, Каја Калас беше во Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина.

XS
SM
MD
LG