Вести
Путин ја обвини Украина дека ја пропушта „можноста“ за разговори

Рускиот претседател Владимир Путин ги обвини украинските власти дека ја губат „можноста“ за разговори по инвазијата на Москва врз нејзиниот прозападен сосед.
Кремљ соопшти дека Путин го информирал израелскиот премиер Нафтали Бенет за „текот на специјалната воена операција за заштита на Донбас“.
За време на телефонскиот повик, како што се наведува во соопштението, Путин истакнал дека „руската делегација е во белорускиот град Гомел и е подготвена за разговори со претставниците на Киев, кои, според него, покажувајќи недоследност, сè уште не ја искористиле оваа можност“.
Бенет од своја страна предложил Израел да дејствува како посредник во разговорите меѓу Русија и Украина „со цел да се запрат непријателствата“, соопшти Кремљ.
Од Канцеларијата на Бенет пак стоопштија дека двајцата лидери разговарале за ситуацијата меѓу Русија и Украина.
Повикот уследи по извештаите дека украинскиот претседател Володимир Зеленски побарал од Израел да игра посредничка улога по руската инвазија. Бенет и Зеленски разговараа во петокот.
Русија сака да преговара во Белорусија, која им дозволи на руските трупи да ја нападнат Украина.
Зеленски денеска истакна дека Украина е подготвена да разговара со Русија, но одби разговорите да се одржуваат во соседна Белорусија.
Русија пред четири дена ја нападна Украина, притоа обидувајќи се да го заземе главниот град Киев. Ноќеска пак руските сили влегоа во Краков, вториот град по големина во Украина.
види ги сите денешни вести
Ким Џонг Ун е отворен за дијалог со САД ако се откажат од денуклеаризација

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун изјави дека е подготвен да ги обнови контактите со Соединетите Држави доколку тие ги напуштат барањата Пјонгјанг да се откаже од својата нуклеарна програма, објавија севернокорејските медиуми на 22 септември.
„Ако САД се откажат од својата заблудна опсесија со денуклеаризација и, препознавајќи ја реалноста, навистина сакаат мирно да коегзистираат со нас, тогаш нема причина зошто не можеме да седиме спроти нив“, рече Ким, а пренесе државната новинска агенција КЦНА.
„Јас лично имам убави спомени со сегашниот американски претседател Доналд Трамп“, додаде Ким во говорот пред севернокорејскиот парламент.
Северна Кореја спроведе шест нуклеарни тестови помеѓу 2006 и 2017 година и оттогаш продолжи да го развива својот арсенал и покрај тешките меѓународни санкции.
Пјонгјанг ја оправдува својата воена нуклеарна програма со заканите со кои вели дека се соочува од САД и нивните сојузници, вклучително и Јужна Кореја. Во јануари, Ким Џонг Ун изјави дека оваа програма ќе продолжи „на неодредено време“.
Според КЦНА, Ким Џонг Ун изјави дека санкциите против неговата земја не функционираат.
Напротив, тие ѝ помогнаа на Северна Кореја „да стане посилна, да развие издржливост и отпорност што не можат да бидат скршени од никаков притисок“, рече тој.
Доналд Трамп, кој одржа серија средби со Ким Џонг Ун за време на неговиот прв мандат, покажа подготвеност откако се врати на власт во јануари да го обнови контактот со севернокорејскиот лидер, кого го опиша како „паметен човек“.
Трамп и Ким Џонг Ун се сретнаа за прв пат на самит во Сингапур во јуни 2018 година, втор пат во Виетнам во февруари 2019 година, а последен пат на меѓукорејската граница во јуни 2019 година. Сепак, САД никогаш не беа во можност да извлечат ниту една отстапка од Пјонгјанг во врска со напуштањето на своето нуклеарно оружје.
„Светот веќе многу добро знае што прави САД откако ќе принуди една земја да се откаже од своето нуклеарно оружје и да се разоружа“, изјави Ким Џонг Ун пред парламентот, очигледно алудирајќи на либискиот лидер Моамер Гадафи, кој беше убиен во 2011 година за време на интервенцијата на НАТО против неговата земја.
Иако изрази отвореност за продолжување на дијалогот со САД, Ким рече дека „нема причина да се седне на преговарачка маса со Јужна Кореја“, и покрај напорите на новиот јужнокорејски претседател Ли Џе-мјунг да ги намали тензиите со Северот.
„Јасно изјавуваме дека нема да се справуваме со нив на никаков начин“, рече Ким Џонг Ун.
Односите меѓу Северот и Југот нагло се влошија под водство на поранешниот конзервативен јужнокорејски претседател Јун Сук Јеол (2022-2024), кој зазеде тврд став против Пјонгјанг.
Северот оттогаш официјално се откажа од какви било планови за повторно обединување, а користеше и динамит за уништување на старите меѓукорејски патишта и железници изградени за време на фазата на нормализација на односите во претходните децении.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос во официјална посета на БиХ

Европската комесарка за проширување, Марта Кос, пристигна во тридневна посета на Босна и Херцеговина на 22 септември.
Во утринските часови таа се сретна со членовите на Претседателството на БиХ - Жељко Комшиќ, Жељко Цвијановиќ и Денис Беќировиќ.
Потоа е планирана средба со претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто, како и со претседателката на Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина, Ирена Хаџиабдиќ.
За време на престојот во БиХ, Кос ќе се обрати и пред Парламентарното собрание на БиХ, а ќе се сретне и со претставници на организациите на граѓанското општество, медиумите, локалните заедници, влијателни жени во бизнисот и млади луѓе од цела Босна и Херцеговина.
Како што е наведено во соопштението за медиумите во пресрет на посетата од Делегацијата на Европската комисија во Босна и Херцеговина, целта на посетата е да се поддржи европската иднина на БиХ како членка на ЕУ.
„Комесарот ќе ги охрабри властите да ги преземат сите релевантни чекори за да се одржи долгоочекуваната прва меѓувладина конференција и ќе ја нагласи важноста Босна и Херцеговина да не ја пропушти единствената можност што ја нуди Планот за раст за Западен Балкан“, се наведува во соопштението за медиумите.
Во март минатата година, Босна и Херцеговина официјално доби зелено светло за разговори за полноправно членство во Европската Унија, но Брисел соопшти дека за тоа ќе се разговара само кога оваа земја ќе исполни голем број услови.
Меѓу нив се усогласувањето со надворешната политика на ЕУ, што значи, на пример, санкции на БиХ против Русија - на што се спротивставуваат претставниците на РС, или визи за граѓаните на Турција или арапските земји - на што се спротивставуваат властите на БиХ.
Бришењето на уставната етничко-територијална дискриминација при изборот на членови на Претседателството на БиХ или реформата на Државниот кривичен суд на БиХ и Уставниот суд на БиХ е европски услов што не е ни споменат со месеци.
Брисел соопшти дека, без јасен план за реформи и што е уште поважно, неговото спроведување - Босна и Херцеговина нема да добие ниту едно евро грантови или поволни заеми.
Првите 108 милиони, од околу една милијарда евра наменети за БиХ, беа пренасочени кон други земји ова лето.
Во октомври, Босна и Херцеговина би можела да изгуби приближно иста сума пари, а Европската комисија јасно изјави дека средствата се наменети за тие кои напредуваат, а не за оние кои стојат или назадуваат.
Германија: „Палестинска држава само преку преговори“

Германија во понеделникот ја потврди својата позиција дека нема да ја признае палестинската држава сè додека Израелците и Палестинците не преговараат за решение со две држави.
Изјавата дојде пред Генералното собрание на Обединетите Нации, каде што се очекува Франција да стане најновата земја што ќе ја признае палестинската држава, по Австралија, Британија, Канада и Португалија, кои тоа го направија во неделата.
Признавањето има цел да изврши притисок врз Израел за неговата кампања во Газа, која уби десетици илјади луѓе, уништи голем дел од енклавата и предизвика остри критики дури и од сојузниците на Израел.
Израелската влада вели дека признавањето на палестинска држава претставува награда за Хамас и неговиот невиден напад на 7 октомври 2023 година врз Израел, што ја запали војната.
На пат за ОН во Њујорк, германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадепфул, изјави:
„Преговараното решение за две држави е патот што може да им овозможи на Израелците и Палестинците да живеат во мир, безбедност и достоинство. За Германија, признавањето на палестинската држава доаѓа на крајот на процесот. Но, овој процес мора да започне сега,“ додаде тој.
Имајќи ја предвид својата историска одговорност за Холокаустот, Германија ја постави поддршката за државата Израел како темел на својата надворешна политика.
Но, во последните месеци Берлин стана сè покритичен кон израелската кампања во Газа и нејзиното влијание врз палестинските цивили, бидејќи хуманитарната состојба се влоши, а ОН прогласија глад во делови од крајбрежната територија.
Повеќе од 140 светски лидери оваа недела ќе пристигнат во Њујорк на годишниот самит на Генералното собрание на Обединетите Нации, на кој централна тема ќе биде прашањето за иднината на Палестинците.
Саудиска Арабија го предупреди Израел за сериозни последици доколку го анектира Западниот Брег

Саудиска Арабија го предупреди Израел дека ќе има сериозни последици во сите области доколку анектира кој било дел од Западниот Брег, јави израелскиот Канал 12.
Според извештајот на израелската телевизија, Ријад не прецизираше какви чекори би можел да преземе, но би можел да прогласи крај на перспективата за нормализација на односите меѓу Саудиска Арабија и Израел или повторно да го затвори својот воздушен простор за израелски летови, кој го отвори во 2022 година, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Се додава дека анексијата би можела да им наштети на дискретните безбедносни и трговски односи меѓу двете земји и да ги загрози Абрахамските договори.
Саудиски функционери ќе разговараат за тоа како да се стави крај на војната во Газа и за сценаријата за „ден по војната“ со американскиот претседател Доналд Трамп на маргините на Генералното собрание на ОН, заедно со лидерите од ОАЕ, Катар, Јордан, Египет и Турција.
Израелската телевизија наведува и дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе одржи состанок со лидерите на Заливот кои сакаат да го слушнат неговиот став за нападот во Катар.
Пожар кај аквадуктот во Скопје, Ангелов: ставен е под контрола, но пожарникарите биле попречувани

Пожарот што попладнево избувна на отворен простор во близина на римскиот аквадукт во Скопје е ставен под целосна контрола, соопшти Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Огнот зафатил трева, грмушки и поголема количина расфрлан отпад.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, изјави дека се очекува пожарот во краток рок да биде целосно изгаснат.
Тој информира дека екипите на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје веднаш излегле на терен, но биле попречувани при гаснењето од лица од една етничка заедница што живее на и околу опожареното место.
Поради тоа, била побарана полициска интервенција за непречено одвивање на акцијата.
Студентите во блокада: Кој забрани дел граѓани на парадата во Белград?

Студентите што го блокираа Универзитетот во Белград во денеска прашаа по чија наредба полицискиот кордон опколи група граѓани кои дојдоа да присуствуваат на воена парада на покана на студентите.
„И покрај искрената желба на граѓаните да ја поддржат својата армија на покана на студентите, тие беа спречени да влезат на јавниот настан“, напишаа тие на социјалната мрежа Инстаграм.
Тие оценија дека воената парада под слоганот „Моќта на единството“ покажа „сè освен тоа“.
„Зошто, токму на денот кога го славиме единството и силата на народот, група граѓани кои мирно и со почит сакаа да присуствуваат на овој настан не беа добредојдени, и кој ја испрат жандармеријата против нас“, прашаа студентите во блокадата.
За време на воената парада во Белград на 20 септември, припадниците на жандармеријата ги турнаа назад граѓаните кои дојдоа на покана на студентите и не им дозволија да присуствуваат на настанот.
Група граѓани и студенти протестираа против политизацијата на армијата, но немаше инциденти.
Во својот повик за собирот, „Студентите во блокада“ наведоа дека „сегашната влада активно го нарушува интегритетот, угледот, независноста и аполитичната природа на нашата армија во последните 13 години“.
Воената парада се одржа во време на масовни антивладини протести во Србија, кои беа предизвикани пред десет месеци од смртта на 16 лица при уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.
Велика Британија, Австралија и Канада ја признаа палестинската држава

Велика Британија, Австралија и Канада во неделата ја признаа палестинската држава, што е голем пресврт во децениската западна надворешна политика што брзо го предизвика гневот на Израел.
Португалија, исто така, треба да ја признае палестинската државност во недела, бидејќи Израел се соочува со зголемен меѓународен притисок поради војната во Појасот Газа, која беше предизвикана од нападот на 7 октомври 2023 година од страна на палестинската група Хамас - која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација.
„Денес, за да ја оживее надежта за мир за Палестинците и Израелците и решение за две држави, Обединетото Кралство формално ја признава државата Палестина“, изјави британскиот премиер Кир Стармер (Кир) на мрежата X.
Велика Британија и Канада станаа првите земји од Г7 што го направија овој чекор, а се очекува Франција и другите да го следат примерот на годишното Генерално собрание на ОН, кое започнува во понеделник во Њујорк.
„Канада ја признава Државата Палестина и нуди наше партнерство во градењето на ветувањето за мирна иднина и за Државата Палестина и за Државата Израел“, напиша канадскиот премиер Марк Карни на X.
Ова е пресвртница за Палестинците и нивните децениски амбиции за државност, за кои најмоќните западни земји долго време тврдеа дека треба да дојдат само како дел од договорен мировен договор со Израел.
Исто така, ги става тие земји во конфликт со САД и Израел. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху реагираше луто, најавувајќи дека ќе се спротивстави на тоа на разговорите во ОН.
Повиците за палестинска држава „би го загрозиле нашето постоење и би послужиле како апсурдна награда за тероризмот“, рече Нетанјаху во неделата.
Сè поголем број долгогодишни сојузници на Израел го менуваат својот став додека земјата ја интензивира својата офанзива во Појасот Газа, ветувајќи дека ќе го елиминира Хамас.
Појасот Газа претрпе огромно уништување, со голем број жртви и недостиг на храна, предизвикувајќи голема хуманитарна криза од почетокот на конфликтот.
Мицкоски - Владата подготвува мерки за високите цени на храната

Во тек е креирањето на нови мерки со кои Владата ќе се обиде да им излезе во пресрет на граѓаните поради високите цени на прехранбените производи во маркетите.
Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека институциите веќе делуваат на терен.
„Мерките се во тек, а тоа што не правиме естрада од политиките што ги водиме не значи дека не се грижиме. Секојдневно Државниот пазарен инспекторат и Комисијата за заштита од конкуренција се на терен, дури има одредени постапки што се почнати и покренати,“ рече Мицкоски.
Тој одговараше на новинарски прашања по поставувањето камен-темелник на Дом за стари лица во Зрновци.
Тој потсети дека пред почетокот на учебната година беше воведена т.н. „училишна кошничка“ со која се намалија цените на голем дел од производите што ги користат учениците.
Мерката позната како „Училишна кошница“ беше воведена на 15 август годинава и траеше до 15 септември. Таа се однесуваше на одлука за посебни услови за трговијата со одредени производи, при што сите трговци на мало и големо кои продаваат училиштен прибор беа опфатени со обврска да понудат намалени цени.
Според Министерството за економија и труд, мерката имаше цел да им помогне на семејствата пред почетокот на учебната година, со тоа што се намалија цените на дел од основните производи за учениците. Според проценките, со нејзината примена домаќинствата заштедија од 800 до 2.000 денари по ученик.
Украина тврди дека Русија извршила двоен напад врз пожарникари

Украинските спасувачи беа погодени од двоен руски напад, соопштија официјални лица, при што двајца спасувачи беа ранети во северниот регион Черниговски.
Ноќниот напад на 21 септември беше втор за седум дена во кој руските сили ги таргетираа пожарникарите како одговор на претходен напад со ракети или беспилотни летала, изјави Владислав Чаус, регионалниот воен администратор.
Русија лансираше повеќе од 60 беспилотни летала низ Украина за време на ноќта, изјавија воени претставници, што е меѓу најмалите напади во последните недели.
Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика САД да преземат „силни“ мерки против Русија поради зголемените тензии меѓу источните сојузници на НАТО.
Зеленски, исто така, ја повтори својата подготвеност да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, кој одби да се сретне на неутрална територија.
Трамп, кој претходно изрази восхит кон Путин, покажа растечко фрустрирање од одбивањето на лидерот на Кремљ да прифати прекин на огнот и директни разговори со Зеленски.
„Тој навистина ме разочара“, рече Трамп за време на посетата на Лондон на 18 септември.
Вашингтон и европските сојузници веќе воведоа финансиски мерки врз Москва по нејзината инвазија врз Украина во февруари 2022 година, со цел ослабување на руската економија, но Киев и неговите сојузници бараат повеќе.
Нападите во текот на ноќта се случија кратко откако земјите од НАТО изразија негодување поради упадот на Русија во естонскиот воздушен простор, како и неодамнешните упади со беспилотни летала во Полска и Романија.
НАТО мора енергично да одговори на руските прекршувања, вклучително и со соборување на руски авиони, рече чешкиот претседател Петр Павел.
На 18 септември, Естонија објави дека три руски воени авиони влегле во нејзиниот воздушен простор и се задржале 12 минути, што ги натера другите членки на НАТО да испратат свои авиони. Кремљ го негираше инцидентот, велејќи дека авионите биле над меѓународни води.
Естонија соопшти дека побарала консултации според Член 4 на НАТО.
Во меѓувреме, Украина спроведе кампања со беспилотни летала што траеше неколку недели, насочеАна кон руската нафтена инфраструктура, што доведе до скок на цените на бензинот низ целата земја.
Руската војска соопшти дека најмалку 65 украински дронови биле лансирани кон цели во Русија во текот на ноќта помеѓу 20 и 21 септември.
30 лица уапсени на антимигрантски протест во Холандија

Триесет лица беа уапсени, а полицијата употреби солзавец и водени топови за да ги растера антиимиграциските протести во Хаг на 20 септември.
Околу 1.500 лица блокираа автопат, полициско возило беше запалено, а двајца полицајци беа повредени во судирите со демонстрантите.
Илјадници се придружија на протестот организиран од десничарски активист, барајќи построги миграциски политики и репресија врз барателите на азил. Земјата треба да одржи избори за нешто повеќе од еден месец.
Локалните медиуми објавија дека демонстрантите, исто така, скршиле неколку прозорци во седиштето на централно-левичарската партија Д66, која многумина од крајната десница ја сметаат за служба на прогресивната елита.
„Ако мислите дека можете да нè заплашите, немате среќа. Никогаш нема да дозволиме екстремистичките бандити да ни ја одземат нашата прекрасна земја“, напиша лидерот на Д66, Роб Јетен, на Платформа X.
Антиимиграцискиот популист Герт Вилдерс, кој победи на претходните холандски избори и моментално води во анкетите за јавното мислење пред изборите на 29 октомври, беше поканет да зборува на протестот, но не присуствуваше. На платформата X, тој го осуди насилството, велејќи дека употребата на сила против полицијата е „целосно неприфатлива“.
Холандската влада се распадна во јуни откако Вилдерс ја повлече својата крајно десничарска партија ПВВ од владејачката коалиција поради спор околу миграцијата.
Спорот настана откако Вилдерс побара десет дополнителни мерки за азил, вклучувајќи замрзнување на апликациите, запирање на изградбата на прифатни центри и ограничувања за повторно обединување на семејствата. Владејачката коалиција беше на власт помалку од една година.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете