Настаните на денот низ фотографии - 29 декември 2020.
Загадување, земјотреси, вакцини и долгови

1
МАКЕДОНИЈА - Со новата електронска мапа на загадувачи, односно потенцијални загадувачи, конечно ќе падне илузијата дека во државава загадуваат домаќинствата, а дека индустријата е совршено еколошки прилагодена. Ова беше истакнато на денешната презентација на е-мапата за лоцирање на моментални и потенцијални загадувачи на животната средина, изработена од Зелениот институт, а во соработка со Државниот инспекторат за животна средина.

2
ХРВАТСКА - Во овој град не е безбедно, мораме да најдеме сместување за луѓето, изјави денеска хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ од гратчето Петриња, на 46 килиметри од Загреб, каде беше епицентарот на денешниот земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала.

3
МАКЕДОНИЈА - Надлежни сме за гонење на криминалот, а тој не запира, дури и кога има пандемија. И во услови на пандемија, со поинаква организација на работата, Обвинителството обезбеди непреченото одвивање на истрагите и постапките по другите предмети, почитувајќи ги целосно здравствените протоколи, изјави денеска Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.

4
МАКЕДОНИЈА - Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска се сретнал со проф. д-р Драган Даниловски и се договориле да се формира неформално советодавно тело од професори во пензија од Медицинскиот факултет, соопшти Министерството за здравство (МЗ). Целта е професорите да помогнат во анализирање на тековните состојби во здравството.