Достапни линкови

Кузманоски, „мајсторот на навестувањето“, ретроспективно во Национална галерија


Дело на академскиот сликар Павле Кузманоски
Дело на академскиот сликар Павле Кузманоски

Преку стотина експонати, портрети на истакнати и знаменити личности, цртежи, мртви природи, акварели ... ја чинат големата ретроспективна изложба на академскиот сликар Павле Кузманоски, што од 13 до 23 октомври се одржува во Националната галерија во објектот Чифте амам во Скопје.

Да се занимаваш со уметност, значи да се чувствуваш слободен, да бидеш дете и тогаш кога веќе не си, а пак да се занимаваш со уметност целиот свој живот, значи да ги ставиш емоциите на отворен простор, да зборуваш од срцето, да ја отвориш душата, заради што публиката ќе те награди и што е поважно, ќе те запамети.
Вака Љупчо Маленков, виш кустос ќе го започне својот текст за каталогот на големата Ретроспективна изложба на македонскиот уметник Павле Кузманоски, што од 13 до 23 октомври се одржува во Националната галерија во објектот Чифте амам во Скопје.
Говорејќи за проектот кураторот и со констатација дека „сега одново нашиот истакнат сликар, на наша голема радост, чувствува потреба да се претстави на јавноста, овој пат со голема изложба со преку стотина експонати, портрети на истакнати и знаменити личности, цртежи, мртви природи, акварели, познатите Менади, сведоци, Апокалипсата. На овој начин уметникот ги споделува творечките размисли и дилеми , како и илјадниците медитации со емоционално поетско-лирски толкувања. Медитации кои траат со претставените ликови, неодсонуван сон низ дамарот на времето, за да остави траги во вечноста“.

- Павле Кузманоски е „мајстор на навестувањето, на допирот, на балансот меѓу видливото и невидливото„ , а љубопитноста кон видливиот свет, бескрајното изобилство на бои, копнежот по непознатото е моториката на неговото сликарство. Вообличува личен концепт за светот, за аспектите на даденото поднебје... со само нему својствени ликовни инструменти ја допира и таговната психологија на Македонија, на етничкото подрачје и драматичната историја, лично видено од сопствен агол. Така, неговите сведоци се полни со тежок судбински фатализам. Ликови кои сведочат но и опоменуваат, порачуваат и потсетуваат на егзистенцијална ситуација, вели Маленков.

Тој и со појаснување дека „овие обликувани визии на луѓе преку блесоци на звучни акценти, „бунтовни„ треперења и „пантеистички„ немир, ја зголемуваат драматиката на сликата, со што како што напоменува „авторот ликовно се вивнува во претставите, експресивно доживеани“ и креира „метафорично – симболична замисла за човечката драма“.

А, Павле Кузманоски, пак, најнапред со информација дека изложбата била планирана за есента минатата 2019 година кога тој требало да наполни 80 години живот. Поради неговото кревко здравје, поставката била одложена за февруари, па потоа презакажана за април и конечно еве ја во сиот нејзин полн сјај. Дополнува дека изложбата е плод на неговиот 55-годишен творечки опус и дека содржи избор на дела од самите почетоци па се до оние создадени некаде пред дваесеттина дена.
- Емотивноста е во тоа што има убав однос помеѓу делата, но и големи разлики во смисол на тоа како сум се развивал, како сум се менувал, како сум правел нови експерименти, нови обиди во творештвото мое кое кулминираше со четири од прилика мои дисциплини а тоа се сведоците, мртвите природи, пејсажите и момичките, девојките. Ете тука го наоѓам што би рекле тоа најемотивно во моето творештво. Кога сликам, на пример сведоци, кои се строго, строго со пристапот мој кон творењето прецизни до хипереализам, но има и слободни секако, да би потоа се префрлил на едно опуштање кај момичките кај што има голем колор, јак колор, слобода на изразување и т.н. , ќе рече сликарот.

Роден во Тетово, Павле Кузманоски во 1959 година завршил Школа за применети уметности во Скопје, на отсекот за сликарство во класата на Димитар Пандилов, Борко Лазески и Лазар Личеноски. Пет години подоцна дипломира на Академијата за применети уметности во Белград, отсек сликарство во класата на Винко Грдан, Рајко Николиќ и Аца Томашевиќ.
По враќањето во родниот град се вработил во тогашниот текстилен гигант Тетекс, во 1973 година станал член на ДЛУМ, а на почетокот на 1980-те добива стипендија од француската влада за специјализација во градот Анже.
Од 1994 година е самостоен ликовен уметник, а во периодот што следува остварил четири студиски престои во Париз во Cite Internationale des Arts и бил учесник на преку 30 меѓународни ликовни колонии во земјата и во странство.
Кузманоски во својата долга и плодна кариера има 53 самостојни ликовни изложби во земјата и во странство меѓу кои во Париз, Берлин, Нирнберг, Њујорк, Виена и во други светски метрополи, а учествувал на преку 250 групни поставки ширум светот.

Инаку, иако веќе во деветата деценија од животот, ликовниот уметник не заборава да нагласи дека пред него се уште многу творечки искушенија и средби со публиката. Така, на неколку дена по завршувањето на големата Ретроспективна изложба во Националната галерија, во „Матица ексклузив“ ќе биде промовирана третата книга на Павле Кузманоски наречена „Потрети“. Во неа се застапени преку 180 портрети од целиот негов творечки опус, поделени на неколку целини – просветители, музичари, општественици, писатели, пријатели, детски портрети, семејни портрети, авто-портрети и т.н.
- Јас никогаш нема да застанам. Ќе сликар дур имам сили. Дури ако сакате еве ви и една мала анегдота за Реноар кој што живеел преку 90 години. Му ја врзувале четката за рака да слика. Значи, душата му сликала иако рацете не му држеле, знае да се пошегува Павле Кузманоски.




  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG