Достапни линкови

БАНКРОТ БЛУЗ БЕНД – Годините на лудило во Куршумли ан


Големото финале на БАНКРОТ БЛУЗ БЕНД на концертот во Куршумли ан фото: Ангел Ситновски БОЈС
Големото финале на БАНКРОТ БЛУЗ БЕНД на концертот во Куршумли ан фото: Ангел Ситновски БОЈС

Планиран како единствен настан на годинашното „пандемиско“ издание на „Блуз и соул фестивал“, концертот на БАНКРОТ БЛУЗ БЕНД со пријателите се претвори во драгоцена средба на старите познаници и почит кон колективната урбана меморија на Скопје кое полека исчезнува.

Ретки се, барем денес во ова зло време, моментите кога човек може да и се препушти на примарната емоција. На ритамот во нозете и топлината околу срцето. На песната која едноставно потекува од грлото и се претвора во бесен крик како протест против реалноста и лавиринтот во кој сме затворени. Еден таков момент, најнапред како радост, потем и како документ за едно поквалитетно живеење, ни се случи, впрочем и се случи на современата македонска музичка сцена, на ова и вакво Скопје окупирано од невкусот, изместените вредности и политичките интриги, на концертот на БАНКРОТ БЛУЗ БЕНД во Курумли ан, одржан оваа среда на 23 септември, како единствен настан на „пандемиското“ издание на „Блуз и соул фестивал 2020“.

И, тоа без некои особени претензии. На свирка на која, според замислата, ќе се одбележат безмалку трите мисионерски денеции на триото и која во своите пазуви неминовно ги очекуваше некогашните пријатели од лудите ноќи во култната „Стерна“ и во останатите клубови и не само во градот на Вардар ... Буквално секаде онаму каде Сашо Гигов - Гиш, Игор Атанасовски – Харе и Петар Ренџов – Пепи ќе ги закачат за момент шапките и енергично, како да живеат само за тој единствен миг, ќе им се пуштат на инструментите, небаре единствено од нив зависи генералната слика за светот без граници, за протестот на генерацииите следбеници или за зачувувањето на традицијата на африканските робови болно крикната некаде на „крстопатот“ во беспаќата на делтата на реката Мисисипи или на памуковите полиња на американскиот југ. И, потем распослана секаде онаму каде што вирее бунтот, а музичката мисла талка слободно по непрегледните глобални пространства.

фото: Ангел Ситносвски БОЈС

Притоа рака на срце овие тројца, без некоја особена „филозофија“, во периодот зад нив, со сите оние што ги среќаваа патем и со кои безусловно ги вкрстуваа инструментите и ги кинеа гласните жици во зачадените клубови, токму како БАНКРОТ БЛУЗ БЕНД, во тие за нив шест години на засилена активност ( 1989 – 1995), и не оставија којзнае колку материјални докази (носачи на звук) зад себе – албумот „Ноќ во Стерна“ и сингловите „Моја гитара“ (песна наградена на фестивалот „Макфест“) и „Soul of a Man“. Тоа и не е толку битно затоа што нивните „тезги“ (ова во најубавиот смисол на зборот оти само таму нема што да се скрие – ниту умешноста, ниту односот кон „материјата“) по клубовите во Скопје, кое тогаш веројатно имаше побогат ноќен живот од извиканите светски метрополи и по практика завршуваше со бурек во најблиската фурна или со чорба во Клуб на уметници, повлекоа сериозна опашка од следбеници и блуз право верници кои отпосле дојдоа на сцената и го тркалаат блузот, рокенролот...

Отпосле секој од нив си го изоде својот пат. Поетот, есеист, радио водител, музичар... Гиш, по сите инкарнации на КЛЕРЖО и соработките со Влатко Стефановски, МИЗАР... имаше исклучително плоден период со своите ЛА КОЛОНИ ВОЛВОКС. Композиторот и гитаристот Харе или Гуру Харе потпиша еден куп песни за најбараните македонски поп пејачи, соработуваше со Игор Џамбазов, еден период застана простум пред својот електро(блуз) проект АУТМАЈНД...и годинава во август го објави „Реприза“. Петар Ренџов, пак, потпирајќи се на потрагата по корените и македонскиот музички јазик сними три за него круцијални дела како „Сонот на невестата“, „Темјаника“ и „Џезилка“, ди имаше ос себе и ТУМБАО САЛСА БЕНД, соработуваше со речиси сите погоре споменати и со колективот МИТАН...и свири, свири, свири... до немајкаде.

фото: Ангел Ситновски БОЈС

И, по ова да му се вратиме на концертот. На атмосферата која го прави посебен. Неопходно потребен. Во Куршумли ан, генерално исполнет онолку колку што пропишуваат протоколите ( а очигледно можеше и тројно повеќе), пред публика која добро знае „со кого си има работа“ БАНКРОТ БЛУЗ БЕНД со пријателите раскажаа една своја другарска приказна какви навидум и да забораваме дека постојат. Триото енергично го отвори настапот – како на почетокот од 1990-те во „Стерна“. Без задршка и со блуз класици. И, огнот се запали... Класични теми на великаните Роберт Џонсон, Мади Вотерс, Сон Волт, Бо Дидли, Џон Мајал, Ерик Клептон, Лу Доналдсон... испорачани од свирачите што добро го испекле занаетот им нацртаа широки насмевки на присутните кои сопствената енергија ја стивнуваа со бесниот топот на нозете по тревникот. Ах, времиња и протоколи! И, мозаикот полека се сложуваше кога покрај Гиш, Харе и Пепи на сцената се најдоа најнапред Дамир Имери за клавијатурите, па трубачот Сенад Усеин, саксафонистот Кирил Кузманов и тромбонистот Сашо Николовски на десната страна на бината, Гоцеа Стефковски зад тапаните, Дарко Мучев во негова непосредна близина на бас, пејачката Елена Ставреска на средината за да му се најде на најистурениот во неговите вокални акробации...

Посебна приказна беше кога во вирот се втурна Сашо Георгиевски на хармоника, а подоцна и неговиот ортак Никола Петровски – Џими на гитара или IN THE MOOD...и сето тоа да биде доведено до усвитување кога на бандата со својата гитара и се приклучи Венко Серафимов и ја започна КОНКОРД класиката – „Have The Blues“, по што не ги заборави ни ЛЕД ЦЕПЕЛИН и да финишира со „Еј ти момче младо!“ на Љупчо Константинов, нам добро позната од репертоарот на легендарните сараевски ИНДЕКСИ.

фото: Ангел Ситновски БОЈС

На сцената потем се редеа и Мите Димовски, па Бранко Попчевски... и конечно како вистинско финале (за некои) проблематичната „Години на лудило“ ( чија актуелност е свежа и денес, особено овде) и хитот „Моја гитара“. На бис како за простување и придвижување кон сиромашната понуда на уште една блага скопска ноќ Мисисипи Фред Мекдауел – со химничната „You gotta move“.

Се така безмалку три часа на чудесно ритмичко патување до обичноста на живеењето и трепетливоста на неколку генерации скопјани, прилепчани, битолчани... за кои во оваа прилика Куршумли ан стана во оаза во бетонската пустина каде наново и се радувавме на некогашната искреност, другарството, ритамот ...на сознанието дека срцето сеуште може силно да бие и во услови на силна притеснетост. Затоа, честитки за БАНКРОТ БЛУЗ БЕНД и „Блуз и соул фестивал“... и се гледаме и догодина. Во истиот простор или...сеедно.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG