Изложба на фотографии, промоција на книга, импровизиран театар и неколку концерти настапи се планирани како содржина на мултимедијалниот хепенинг со кој Младински културен центар, со сите свои капацитети и соработки, како една од децениски прогресивните институции во градов, во недела на 26 јули, ќе ја одбележи 57 годишнината од катастрофалниот скопски земјотрес. На тој начин целејќи и во оваа пригода, во времево во кое живееме, да не потсети на солидарноста на скопјани, на солидарноста кон Скопје и на хуманоста на луѓето.
Настанот ќе биде отворен со изложбата насловена како „Култните градби во Скопје“ . Станува збор за поставка во која е направен избор на фотографии од проектот „101 најзначајни градби во Скопје“, а ги претставува култните градби во градот и надополнета е и со видеопроекција. Автори на фотографиите се Горан Јакимовски, Горан Георгиевски и Владимир Арсовски, монтажата на видеото ја потпишува Митко Арнаудов, а селекцијата е на арх. Ѓоко Радовановиќ.
За 20 часот е планирана промоцијата на книгата „Скопје: изгубените чевли на градот“ од Иван Шопов, што како издание на книгоиздателството Или-Или се појави неодамна.
Иван Шопов
Книгата на Шопов содржи осумдесетина микрораскази/куси записи посветени на „невидливиот“ дел на градот Скопје. Текстовите, т.н. анти разгледници, се создавани во периодот 2016-2020, а поттикот за нивно пишување во голема мера е промената на архитектонскиот лик што градот ја доживеа изминативе години. Во неа средишно место заземаат приказните за малите луѓе и феномените кои се маргинални, сето она што никако не би можело да се најде во историските учебници и на разгледниците. Поривот за таквиот третман на градот доаѓа токму од бруталноста со која се интервенираше врз неговата „голема слика“ и „голема приказна“. Зад квази-барокните архитектонски кулиси, предимензионираните милитантни споменици, покриени од вревата на славната квазиисторија – живеат луѓе, чиишто мали драми испреплетени со тајните на градот се многу поважни! Всушност, малите приказни се оние кои го прават градот жив, вибрантен и возбудлив. Токму за нив зборува, или се обидува да зборува книгата „Скопје: изгубените чевли на градот“.
За книгата ќе зборува Владимир Јанковски, кој ќе го води и разговорот со авторот, а раскази ќе чита Ѓоко Здравески.
Веднаш по промоцијата планиран е настапот на ИМПРОВ ГРУПА. Во најавата за него ќе биде забележано дека „во изведувачките уметности, импровизацијата се користи како алатка за време на креативниот процес. Во театарот, постојат вежби и „игри“ што ја освестуваат и развиваат креативноста, довербата во партнерот, способноста на изведувачот да се адаптира на секој нов проблем и секогаш да дејствува од активна но релаксирана позиција. Овие вежби и игри се основата на која е изграден еден Импров Настап.
ИМПРОВНАСТАП
И, згора на тоа дека „заснован на овие игри за импровизација, адаптирани да се играаат пред публика, Импров Настап е комична, непосредна, но комплексно структуирана театарска претстава, обврзана да критикува, демистифицира и образува, оградувајќи се од вулгарност и прост подбив“.
Во ИмпровНастап играат актерите Мартин Манев, Григор Јовановски, Дамјан Цветановски и Наталија Теодосиева, а водител е режисерот Андреј Цветановски.
Од, 22 часот, пак, ќе започне и музичката програма на „МКЦ за Скопје“ и во нејзини рамки, како и што доликува на институција од ваков вид понудата е навидум „шаренолика“, но со еден предзнак дека станува збор за бендови и творци чија енергија и засебност се далеку над површината на обичноста.
За ПЕРИЈА ќе биде запишано дека се „патувачки караван што се обидува да ја донесе магијата на планините и селата на улиците, да го спои Ориентот и Балканот, без да го запостави градското дете во нас…“.
Во бендот се три девојки од Скопје - Катерина Димитровска, Леа Милиновиќ и Филис Синаноска, а како ПЕРИЈА постојат од 2015 година. Музичката позадина на овие new age номадки е во балканските традиции под силното влијание на музиката на Ориентот. Сепак, современиот, стилизиран израз го прави ова трио уникатно во својата мисија да го реконструира културното минато преку стари песни и приказни за љубовта и страдањето.
Свирачки, располагаат со завидна вештина креирајќи прекрасна атмосфера во која ги сместуваат своите епско-лирски искуства од патувањата низ улиците на историјата
на овие простори. Автентичниот звук на уд, тамбура, бендир и кемане, надополнет со пријатните вокали на Кате, Леа и Филис и нивните нежни мелодии лесно ќе ве транспортираат
во време-просторот каде се случувале секојдневијата на нашите предци, стои во соопштението на нивната издавачка куќа ШАРЛА за која ПЕРИЈА деновиве го објавија деби ЕП-то насловено „Кокало“.
група ПЕРИЈА
21 ВЕК, пак, се банда сочинета од тројца добро познати бунтовници од македонската андеграунд сцена: Васко Атанасоски, Раде Јорданоски и Дени Крстев од Bernays Propaganda, FxPxOx, XAXAXA, My Tear… Со упорност и енергија својствени само ним тие „ја истражуваат експресивната палета на влијанија кои се движат од пост-панк до македонска традиционална музика“.
Од друга страна, Е’Н2ТРИ е „ад хок слободно формиран кластер со неконвенционална променлива форма артикулирана на една ексклузивна кодирана изведба. Сега-и-тука перформансот има супермоќ да ве доближи до вителот на вашата сопствена спонтаност која, ви се допаѓало тоа или не, парадоксално ја позиционира вашата неподготвеност во концептуална матрица. Да се произведе или направи „нешто“ од сè што е на располагање е крајната креативна посвета. Измисли-осмисли-фрли заедно. За оваа прилика Е’н2три свират „земјотресно, со перцептивно складирање на меморијата во перформнсот „5:17“.
21 ВЕК
Одбележувањето на годишнината од скопскиот земјотрес е должност и привилегија на новите генерации скопјани и сите оние кои живеат во овој град. Должност, заради потребата да се одадде почит на жртвите во овој немил настан, а привилегија, поради можноста да се живее во град изграден на основ на солидарност.
„МКЦ за Скопје“ е настан кој треба да ги потсети скопјани дека нивната географска одредница не е пресек на меридијани и напоредници, туку припадност на свет кој треба заедно да го направиме поубаво место за живеење. А нема подобар начин за тоа, од промоција на уметност и култура.
Би сакал да потенцирам дека настанот ќе се одвива со строго почитување на протоколарните нормативи дефинирани со владината одредба за организација на јавни настани, па согласно на тоа и бројот на посетители е ограничен. Но, не радува фактот што билетите за настанот беа „разграбани“ за 2-3 часа од неговото објавување, параметар кој доволно говори за потребата на публиката повторно да конзумира уметност во живо.
МКЦ за Скопје, прераснува во една убава традиција и поклон од една градска институција до градот кој е нејзин дом, вели во пресрет на случувањето Филип Николовски, програмски уредник во Младински културен центар.