Достапни линкови

Дијана Петрова со втора книга - „Не правете им сенка на гробовите“


„Не правете им сенка на гробовите“ е насловена втората прозна објава на младата Дијана Петрова. Книгата раскази се појави како издание на „Антолог“ од Скопје и ќе биде промовирана овој четврток на 25 јуни во 20 часот, на платото пред Младински културен центар Скопје.

По само една година од деби објавата, романот „Бдеењето над себе“ за кој го доби признанието за афирмација на македонскиот јазик и литература од издавачот „Нов Вавилон“ од Битола, Дијана Петрова еве ја со нејзината втора книга. Станува збор за збирката раскази насловена „Не правете им сенка на гробовите“, што како издание на „Антолог“ се појави неодамна и чија промоција е закажана за овој четврток на 25 јуни во 20 часот, на платото пред Младински културен центар Скопје.

Промотори на книгата ќе бидат Фросина Пармаковска и Марија Гиревска, а модератор Тамара Котеска.

„Збирката раскази „Не правете им сенка на гробовите“ е мошне возбудливо и уникатно четиво поделено во седум дела со по три целини насловени според седумте смртни гревови – секоја од нив е едно посебно патување внатре низ светот што Петрова го гради со филантропска вештина и внатре низ светот на секој оној што ќе тргне по овие наративни патувања. Светот во кој авторката нè води е и обичен и необичен, мистериозен и банален, близок и далечен, населен со ликови со широка палета од најразлични особености во чија бизарност, сепак, лежи човечкото. (...) Оваа книга остава жиг, не на телото, туку на душата на читателот, кој сака да тргне во една ваква силна и возбудлива авантура и поради тоа, како и поради зрелоста, умешноста, мудроста на овие раскази, односно на нивната авторка, пишува меѓу другото во својата рецензија Фросина Пармаковска.

Од друга страна, Ангелина Бановиќ – Марковска, во својата анализа забележува: Градени врз идејата за гротескно справување со смртта, расказите на Петрова се свесно исконструирани бизарни приказни што го водат разумот во еден онирички хронотоп, базиран врз добропрепознатливата опозиција невино наспроти грешно. Со оглед на фактот дека во нив препознаваме една урбана логика, базирана врз содржини и теми од реалноста, можеме да кажеме дека во својот најнов ракопис Петрова негува еден нов „трики реализам“ на кој ревносно му се враќа во секој нареден расказ.

Темите на нејзините раскази осветлуваат секојдневни ситуации, но на еден бизарен и на моменти гротескен начин. Затоа, повеќето од нив добиваат интересна фокализација. Некои дури и содржат психопатски призвук, па затоа би рекла дека се наменети за читатели со здрав желудник и без предрасуди, потенцира Бановиќ – Марковска.

Дијана Петрова, од своја страна, вели дека во својата втора книга „Не правете им сенка на гробовите“ се бави со седумте смртни гревови, со страшните искушенија на човековата душа. Со гневот, сладострастието, алчноста, гордоста, мрзливоста, зависта и ненаситноста.

- Во расказите се присутни некои човечки карактеристики коишто сакав да ги претставам како посебни ликови и мислев дека со таквото дефинирање, со давање име на тие карактеристики дека полесно ќе бидам сфатена. Дека полесно ќе ми биде сфатена идејата. И од тука дојде за да ги именувам по седумте смртни или седумте тешки гревови, вели писателката.

Таа дополнува дека нејзе како авторка ја интересираат однесувањата на луѓето во одредени ситуации и нивните карактерни особини.

- Однесувањето на конкретни личности, сите тие приказни, на некој начин ми биле инспирирани од конкретно однесување на некои конкретни луѓе. Најчесто и од мое однесување...па затоа сето напишано се врзува со времето во кое живееме, однесувањето на луѓето, нивните желби, тагата, страстите на луѓето и слично.

Говорејќи за краткиот временски период во кој неверојатно брзо се публикувани нејзините две книги, романот „Бдеењето над себе“ и збирката „Не правете им сенка на гробовите“, Дијана со појаснување дека тоа е така, но дека идеите за нив се подолго носени и дека самото испишување на делата е механичка работа. Дури и тоа дека нејзината втора книга е инспирирана од деби објавата бидејќи во неа ги разработила карактерите кои не ги до објаснила во првата.

За да создадеш нешто потребно е повеќе време да го работиш. Да го студираш, анализираш... Долго, веројатно цела една деценија поголем дел од книгата беше во мојата глава. Ја изработував најнапред мисловно. Потем остана оној период кога механички сето тоа се обидував онака како што сум го замислила да го пренесам на хартија. Но, како што поминува времето почнувам да си создавам некаква дисциплина во пишувањето. Постојано работам на некои текстови, на раскази и речиси да не одминува ден во којшто нема нешто да не напишам. Меѓутоа сепак не би можела да кажам дали сето тоа би се претворило во некоја книга во скор период. Мислам дека во иднина просторот помеѓу две објави само ќе се зголемува.. Идејата ми е сега да по работам на роман. На една малку посериозна, подлабока тема...но искрено не се знае. Постојано ми се менуваат погледите кон некои ситуации и... времето ќе покаже за што ќе се одлучам.

На забелешката на Ангелина Бановиќ – Марковска дека со оваа книга, со обете книги, Дијана Петрова промовира еден нов жанр во македонската литература наречен „трики реализам“, авторката со одговор дека долго време не била свесна за тоа, но кога таквите коментари се намножиле и потем јасно ги дефинирала професорката во својата анализа, тогаш признава дека веројатно е така. Дека понекогаш во нејзините приказни има бизарност, а нејзината идеја е да предизвика катарза кај читателот.

Мене најважно ми беше да предизвикам некакво чувство кај читателот, а тоа чувство не мора да значи само допаѓање или љубов. Мислам дека поентата на пишувањето е да предизвикаш каква и да било емоција. Во коментарите што ги добив по објавувањето на оваа книга луѓето не велат дека се пресреќни што ја читаат. Има повеќе во кои се вели дека плачеле, се наежувале, се смееле ... што подразбира дека „Не правете им сенка на гробовите“ буди измешани чувства. Од таму гледам дека со мојата книга има некаков поинаков стил, ако можам така да го наречам, на доживување на работите, смета Петрова.

Инаку, родена на 8 април 1992 година во Делчево, Дијана Петрова дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG