Без почеток
Прво мора да биде крај.
А смртта е стрмна, но
Лебдиме како да сме тешки
И невидливи,
Неизбежни и невозможни,
Додека
Разбирањето се раѓа
Од утробата на
Мајката што
Од утробата на
Разбирањето се раѓа
Додека
Неизбежни и невозможни,
И невидливи,
Лебдиме како да сме тешки
А смртта е стрмна, но
Прво мора да биде крај.
Ова е само една од песните поместени во „Двоумење“, втората книга поезија на младата Ива Дамјановски што како издание на ПНВ Публикации беше промовирана овој четврток во Младински културен центар – Скопје.
Писателот и книжевен критичар Ѓоко Здравески за Ива Дамјановски пишува дека е од оние автори на кои им се радувате кога ги читате. Се радувате што некој толку талентиран решил да пишува. Таа е музичар по образование, па не е чудно што поезијата ѝ е еуфонична и што е полна со рими и со игри на зборови. Пишува едноставно, со обичен, секојдневен јазик, но пишува строго и луцидно созерцнува во стварноста што ја живее. Таа созерцателна моќ е најважниот талент од изобилството таленти што Ива ги поседува, констатира тој.
Во песните се чувствува и разочарувањето од физичката стварност, од хаосот во светот, се чувствува и гневот во немоќта нешто да се смени во светот полн војни и очигледни неправди, но се чувствува и потребата да му се пркоси на тој хаос, ако со ништо друго, тогаш барем со уметност. Да му се каже на светот: тука сме и гледаме што се случува, гледаме што правите. И сето тоа да се зачини со суптилен хумор и со слатко-кисела иронија и насмевка скриена под мустаќ.“, вели Ѓоко Здравески за поезијата на Ива Дамјановски.
А, неговата колешка и уредничка во ПНВ Публикации - Јулијана Величковска забележува дека Дамјановски пишува со хируршка прецизност, а текстот го третира со војничка дисциплина.
Секој звук и секоја тишина во нејзината поезија се пресметани, а зборовите како камчиња за мозаик се одбрани. Секое нивно значење и секоја повеќезначност се намерни. Сѐ е подредено во служба на идејата и пораката. Лирското јас осцилира како клатно: од јас до ти, од јас до ние, вие, тие... Нејзината поезија е филозофска, а, сепак, полна со емоции. Нејзината мисла е јасна, чиста и насочена. А поетското око на Ива Дамјановски има ретка супермоќ, ги гледа обете страни на паричката истовремено, подвлекува Величковска.
Родена 1996 година во Скопје, Ива Дамјановски дипломирала пијано на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
Добитник е на наградата „Игор Исаковски“ за најдобар дебитантски ракопис по што за Блесок беше објавена нејзината прва поетска книга насловена „Тие“ во 2017 година. Две години подоцна второто и дополнето издание на истоимената стихозбирка го публикуваше ПНВ Публикации, а младата уметничка е авторка и на една научна статија и труд од областа на музиката.
Нејзината поезија е преведена на српски, на хрватски и на словенечки јазик. Застапена е во ревијата „Рукописи 40“ (2017), како и во панорамата „32 македонски поети. Гласови на новиот век“ (2018, ПНВ Публикации). Учествувала на „Астални проекции“ и нејзината поезија е е печатена и во монографијата за оваа манифестација (2019, Бегемот), а учествувала и на многу други поетски читања во Скопје. Дел е од организацискиот, режиски и изведувачки тим на серијата концерти „No Hay Banda“ и на концертните проекти „Монохроматика“ и „Монолози“ изведени во 2018 година.
Говорејќи за себе, за своите почетоци, Ива Дамјановски знае да каже дека своите „наивни обиди“ во поезијата ги имала уште во основното училиште. Отпосле сфатила дека генетски е предодредена и за тоа, оти и нејзината мајка исто така пишувала и читала поезија, победувала на натпревари... но, за жал, напишаното никогаш не собрала храброст да добие корици и да излезе како една стихозбирка. Она, што „стихијно“ го пишувала Ива, во средното училиште било препознаено од нејзината професорка по македонски јазик во гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“ и објавувано во школскиот весник „Визија“. Потем, за време на студиите приказната продолжила, а во 2017 година ја добила наградата „Игор Исаковски“. Така последователно се случило објавувањето на деби книгата „Тие“.
Секое признание кога се бавиш со било каква уметност е извесен вид на изненадување. Никогаш не можеш да знаеш кога ќе те стигне. Делото си има свој сопствен живот кога ќе излезе надвор од тебе и никогаш не можеш да знаеш како ќе се одвива неговото натамошно чекорење. Тоа е како детенце, го пушташ во школо и не знаеш што ќе се случува во иднина... Наградата „Игор Исаковски“ за мене беше првиот импулс. Моето деби. Нешто од она што го пишував да се најде на хартија, испечатено. Да биде книга. Да има извесна целина, вели Ива.
Таа појаснува дека натаму во однос на поезијата работите продолжиле да се одвиваат некако органски, но дека во меѓувреме за втората стихозбирка „Двоумење“ решила и да работи на себе.
Јас сеуште сум почетник и во двете сфери – и во музиката и во поезијата. Како автор сеуште се барам, но полека наоѓам начин како да работам како уметник. Полека си го наоѓам оној начин на кој јас сакам да творам. Да креирам уметност и да го најдам начинот на кој би сакала сето тоа да излезе надвор од мене. Инаку, да за „Двоумење“ бев многу по систематична, по темелна ...за што и претпоставувам дека е логично оти не се задоволувам со постигнатото и учам некои работи кои технички исто така се многу по важни. Инаку, творечкиот процес сеуште е органски и сеуште е стихиен. Никогаш досега немам седнато да пишувам поезија за да пишувам поезија, смета Ива Дамјановски.
Прашана, пак, дали како музичар и поет некогаш досега размислувала да ја „озвучи“ својата поезија, младата авторка со појаснување дека тоа го правела и го прави, иако стиховите никогаш не биле пишувани со таква цел и таа секогаш имала потешкотии со тој процес.
Многу тешко пишувам музика со текст и многу тешко подготвувам текст на музика. Мислам дека тоа е многу посебен предизвик, а сето тоа да не звучи смешно, банално. Ритмичките допирања исто така се многу битни...но не кријам дека имам такви обиди и дека ќе има нешто во тој правец наскоро. Сакам да направам музичка визија на една од моите песни. Барем работам на случајот и се надевам дека тоа ќе ми биде успешно.
Ива и со информација дека постојано работи на себе, на нови творби... иако понекогаш се прашува дали е тоа добро или лошо. Истакнува дека во однос на пишувањето би сакала да се појави со проза и дека објавата е безмалку готова и дека е настаната во изминатиот четири месечен карантински период. Конечно, дополнува дека во музиката работи на проект заедно со гитаристот Виктор Танаскоски и дека се надева оти нивниот експериментален албум ќе биде снимен и објавен некаде до септември годинава. Патем, таа согласно ново настанатата ситуација со светската пандемија очекува да ги започне и пост-дипломските студии во Италија.