Достапни линкови

Пандора и Сашо Саздовски на изложбата на УНЕСКО - „Уметноста на маските“


Пандора и Сашо Саздовски се единствените македонски творци чии дела се дел од актуелната светска онлајн изложба „Уметноста на маските – Креативност во самоизолација“, во рамките на проектот Уметниците против КОВИД-19, кој се одвива под покровителство на УНЕСКО во Бејрут, Либан.

Над 250 уметници од 120 земји во светот со своите дела учествуваат на актуелната светска онлајн изложба „Уметноста на маските – Креативност во самоизолација“, што се одржува во Бејрут, Либан, во рамките на проектот Уметниците против КОВИД-19, кој се одвива под покровителство на УНЕСКО.

Проектот е во рамките на Светскиот ден за културна разноликост за дијалог и развој и го слави не само богатството на светските култури, туку и суштинската улога на меѓукултурниот дијалог за постигнување мир и одржлив развој.

Меѓу тие 250 реномирани творци се најдоа и македонските уметници - сликарката Пандора Апостоловска Саздовска и скулпторот Сашо Саздовски.

- Изложбата „Уметноста на маските“ на која учествуваме со Сашо Саздовски се случи на лична покана на Лена Келекијан од Либан, со која соработувавме и изложувавме заедно на уметничкиот симпозиум во 2016 година во Индија. Воедно, таа е претседател и основач на МЕАДОВС (Медитерански напори за унапредување и развој на широко распространетата одржливост), невладината организација која во соработка и оваа година под покровителство на канцеларијата на УНЕСКО во Бејрут организира онлајн изложба по повод Светскиот ден за културната разноликост, дијалог и развој, вели Пандора Апостоловска Саздовска

Таа со појаснување дека изложбата се одржува секоја година, но дека во случајов, како што ќе забележи и Одри Азулај, генерален директор на УНЕСКО, поради вонредната состојба предизвикана од пандемијата и затворањето на културните институции, таа ќе се одржи виртуелно на тема „Уметниците и УНЕСКО – против КОВИД 19“. Притоа сликарските платна ќе бидат заменети со медицински маски како медиум на кој уметниците ќе имаат можност визуелно да се изразат.

Пандора потенцира дека настанот има за цел да ја унапреди глобалната идеја за социјална одговорност на луѓето да носат маски не како обврска туку дека тоа е една од најдобрите мерки за заштита.

„Делото што го изложив е со наслов „Загуба“ и претставува дел од истоимениот циклус на темата на којашто сум фокусирана последните неколку години а е посветена на жртвите на војната и политичкото насилство. Овојпат загубата е поврзана со жртвите на пандемијата на Ковид-19 каде што за жал најмногу погодени сеуште се САД статистички, иако бројката во Македонија од над 2000 заболени и 140 жртви е прилично загрижувачка со оглед на тоа дека нашата држава е мала во однос на бројноста на населението“, ќе рече Пандора Апостоловска Саздовска.

Уметницата и со информација дека добиле известување од канцеларијата во Бејрут во кое стои оти поради голем интерес и посета на веб страната постои можност оригиналните отисоци од уметничките дела да бидат испечатени и дистрибуирани, а остварените приходи да бидат донирани во борба против пандемијата од Ковид-19.

Од друга страна, м-р Сашо Саздовски неодамна беше учесник на глобалната акција „100 земји, 100 маски“ која, под мотото „Еден свет“ ја иницираше Меѓународната алијанса на скулптори, при што 100 скулптори од исто толку земји од светот преку фотографии во нивните дела (маската како симбол за безбедност) заедно испратија јасна порака дека сите сме заедно во ова време-невреме давајќи поддршка за сите оние што неуморно се борат за нашето здравје. Тој говорејќи за сопствениот придонес во рамките на изложбата „Уметноста на маските – Креативност во самоизолација“ забележува дека неговото дело во случајот е екпериментално.

„Делото коешто е направено на таа маска е од циклусот „Споеви“ и со него сакам да се надоврзам на самата акција дека ете ние го спојуваме светот преку тоа што правиме несекојдневна комуникација преку интернет. Тоа е една моја скица за скулптура којашто би требало да биде направена, но ја аплицирав како посебно дело коешто е на маските од оваа изложба“, смета Саздовски.

Уметникот и со потсетување дека самиот работи скулптури во мермер и дека преферира монументални формати. Сепак, со оглед на новонастанатата ситуација и светската пандемија при што многу од изложбите што планирале да ги реализираат надвор од границите на нашата земја се ставени во мирување, а некои за жал и комплетно одложени, согласно интенциите на светот да се врати во колосек, смета оти „ваквите идеи да се работи на не типичен начин и на несекојдневен медиум се многу интересен предизвик за него“.

„Експериментирањето и изнаоѓањето на нови интересни медиуми каде што јас би можел да ја пренесам својата идеја е клучно за напредокот за секој автор на ликовен план и секогаш ми биле интересни спојувањата на не типични материјали којшто можат ликовно искомпонирани во нова естетска целина. Посебно во еден ваков случај каде различните уметници од светот своето уметничко дело коешто ќе го аплицираат на заштитна маска даваат свесност за нашата заедничка борба против вирусот кој на сите нас ни го смени начинот на секојдневното функционирање“, констатира скулпторот.

Пандора Апостолоска Саздовска има дипломирано 2004 година на Академијата за ликовни уметности, сликарство со реставрација и конзервација под менторство на професорите Душан Перчинков и Танас Луловски.

Добитник е на значајни награди од областа на визуелните уметности. Во 2013 година е наградена од страна на Европскиот град на културата Умеа во Париз, Франција, во 2017 е добитник на прва награда за сликарство „Форма Вива“ во Словенија и втора награда „Екс Темпоре“ во Грожњан, Хрватска. Истата година добива признание од Националниот комитет за култура во Хиан, Кина, во 2016 од Фондација Хејдар Алијев во Баку, Азербејџан и во 2015 Златна плакета од министерот за култура на уметничкиот симпозиум во Доха, Катар.

Досега има изложувано во Либан, Мароко, Египет, Обединети Арапски Емирати Франција, Германија, САД, Шпанија, Португалија, Јордан, Хрватска, Кина, Словенија, Романија, Саудиска Арабија, Тунис, Малезија, Босна и Херцеговина, Азербејџан, Србија, Индија, Катар, Италија, Кореја, Турција, Русија, Швајцарија и во Австрија.

Во 2017 беше и гостинка професор по современа уметност на Универзитетот за уметност и дизајн во Шаржа, Обединети Арапски Емирати.

Уметничката практика на Пандора Апостолоска Саздовска во целина е насочена кон истражување на човековите односи и аспектите на војната и насилството како политички и социолошки феномен.

М-р. Сашо Саздовски е академски скулптор. Во неговото богато 20 годишно искуство има реализирано над 20 самостојни и 50 групни изложби во земјава и во странство.

Како најзначаен сегмент во неговото творештво се вбројуваат реализациите на монументални скултури во јавен простор. Почнувајќи од 2002 до 2020 има реализирано точно 23 монументални јавни скулптури во Португалија, Чешка, Црна Гора, Србија, Данска, Русија, Германија, Турска, Косово, Катар, Австрија, Обединети Арапски Емирати, Латвија, Италија, Аџербејџан, Словенија, Романија, Оман и во Аргентина.

Тој е добитник е на бројни престижни домашни и меѓународни награди како наградата за скулптура, Мал формат "Адам Кастрати" минатата година, потем Прва награда за скулптура доделена од Градот на културата УМЕА 2014 во Париз, Франција во 2013, специјална награда за скулптура "Оскар Кокошка" во Похларн, Австрија во 2009, Награда за минијатурна скулптура "Димо Тодоровски" на Годишната изложба на ДЛУМ истата година, Награда за скулптура на Годишната изложба на ДЛУМ "Јордан Грабул" –, Награда за монументална јавна скулптура „Бесконечност“ од Министерството за култура на Република Македонија ,Награда за монументална јавна скулптура „Трансфер на енергија“ исто така од Министерството за култура на Република Македонија - трите истата 2008 година.... Не помалку значајни се и Наградата за монументална јавна скулптура Проштеов, Република Чешка во 2006, Кристалната плакета за две јавни скулптури за Градското собрание во општината Торес Ведрас, во Португалија, Првата награда за скулптура „Бесконечност“ во Музеј на град Скопје и Наградата за скулптура на Годишната изложба на ДЛУМ "Јордан Грабул" - сите во 2001 година.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG